1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаИталија

Победа на крајната десница во Италија: Мелони е за единство

ЖА / агенции
26 септември 2022

Џорџа Мелони и нејзината партија Браќа на Италија ѝ обезбедија јасна победа на десничарската коалиција на парламентарните избори во Италија.

https://p.dw.com/p/4HKok
Џорџа Мелони на пат да стане прва премиерка на Италија
Џорџа Мелони на пат да стане прва премиерка на ИталијаФотографија: Massimo Percossi/ANSA/picture alliance

Според излезните прогнози, Браќа на Италија добила речиси една четвртина од гласовите на парламентарните избори во Италија. Десничарската коалиција на Браќа на Италија со партијата Лега на поранешниот министер за внатрешни работи, Матео Салвини и Форца Италија на бившиот премиер Силвио Берлускони, според сегашните резултати, би располагала со јасно мнозинство од околу 43 проценти во двата дома на италијанскиот парламент. Според италијанската телевизија РАИ, десничарскиот сојуз би имал меѓу 227 и 257 од вкупно 400 места во Пратеничкиот дом, како и 11 до 131 од вкупно 200 мандати во Сенатот. Како шефица на најсилната политичка партија, Мелони би станала прва премиерка во Италија.

Рано утрово,  45-годишната Џорџа Мелони  изјави дека ова е ден на гордост за нејзината партија, на која гласачите ѝ дале јасен мандат за формирање влада. За совладување на  бројните проблеми во земјата,  сега е потребно единство, порача Мелони: „Со дадениот мандат да ја водиме нацијата, тоа ќе го правиме  во интерес на сите Италијанци,  со цел да го обединиме народот, да го форсираме заедништвото, а не поделбите, довербата на избирачите нема да биде злоупотребена“, изјави Мелони пред новинарите.

Лево-центристичката Демократска партија на поранешниот премиер Енрико Лета, која сега ќе биде најголема опозициска сила во парламентот, стигна до околу 20 проценти и веќе го призна својот пораз. „Ова е тажна вечер за нашата земја. Десницата има мнозинство во парламентот, но не и во земјата“, изјави пратеничката Дебора Сарачиани пред новинарите.

Излезноста на изборите според досегашните податоци изнесува 64,1 процент, околу десет проценти помалку од претходните избори пред четири години.

Изборниот исход со напнатост се следи на финансиските пазари. Италија по Грција е најзадолжената земја во еврозоната: државниот долг изнесува близу 150 проценти од економскиот учинок. Италија веќе се соочува со зголемени кредитни трошоци, поттикнати од галопирачката инфлација, промената на каматната политика на Европската централна банка и политичката несигурност. Податоците на S&P Global Market Intelligence покажуваат дека облозите на инвеститорите против италијанските државни обврзници на пазарот достигнале највисока вредност од 2008 година.