Максим Димитриевски: Во одбрана на црвените линии
17 април 2024Реши да излезе од сигурната зона на вториот градоначалнички мандат во Куманово и да ја тестира довербата на граѓаните во претседателскиот натпревар. По убедување е социјалдемократ, кој не ја смени идеологијата, туку партијата. Претходно бил и општински советник, и пратеник, а откако се разиде со СДСМ, како независен кандидат во 2021 година повторно ја доби довербата да го води Куманово. Тогаш го победи кандидатот на неговата бивша партија и го запре нејзиниот непрекинати серијал на локални победи во општината.
Себеси се смета за визонер и борец. Максим Димитриевски (48) со поддршка од неговата партија ЗНАМ - За наша Македононија, овојпат влегува во претседателска битка, со програма која се базира на пет стратешки начела: единствени во надворешната политика, глас на разумот и обединувањето, поцврсти во одбраната и безбедноста, силни институции за заштита на граѓанинот и државата, и вклученост и одговорност.
Сите национални црвени линии на македонскиот народ ги смета за негови црвени линии. Се залага за влез во ЕУ со крената глава, за професинална и департизирана дипломатија, конструктивен дијалог со политичките субјекти за клучните цели во надворешната и внатрешната политика, зајакнување на капацитетите на македонската армија и валоризирање на членството во НАТО. Вели дека не е случајно што кампањата за претседател ја почнал од илинденско Крушево, со програма „Манифест за Македонија“.
Во првите сто дена ќе инсистира на формирање специјален правен тим кој ќе се посвети на модалитетите за спроведување на меѓународното право преку имплементација на пресудите на Европскиот суд за човекови права од Стразбур кои Бугарија не ги спроведува, а сѐ од суштинска важност за одржување добрососедски односи. Се залага за спроведување на уставни измени со одложена правна важност, кои ќе стапат на сила во моментот кога РСМ ќе стане полноправна членка на Европската Унија.
„Кај Македонецот уцена и притисок не поминуваат“, потенцира Димитриевски во јавните настапи.
Дециден е дека на РСМ за претседател ѝ треба човек со став, интегритет и карактер, кој нема да прави компромиси на штета на државата. Сака да заврши праксата на црно-сив свет, во кој едни доаѓаат, други заминуваат, а ништо не се менува, освен што расте корупцијата и недовербата, па затоа во приоритетите му е и национална стратегија за борба против политичката корупција.
Сопругот и татко на три деца, израснат во мултиетничко Куманово, е загрижен поради процесите на иселување, што во многу домови светилките одамна се изгаснати и што луѓето првенствено заминуваат затоа што не сакаат да живеат во несреден систем.
Во пресрет на изборите со соочи со обвинителен предлог за злоупотреба на службената положба и овластување, откако против него кривична пријава поднеле две фирми кои тврдат дека претрпеле штета затоа што кумановскиот градоначалник не им издал градежна дозвола, односно решение за наплата на комуналии за изградба на зграда според важечки ДУП. Димитриевски случајот го нарече политички монтиран процес и фарса во контекст на изборите која ќе доживее фијаско. Потенцира дека не е првпат да се случуваат такви нарачки од носители на високи политички функции од власта кои ги злоупотребуваат институциите за да го дискредитираат пред претстојните избори. Верува дека времето на заробена, приватна држава, во која правдата е селективна, по изборите ќе биде минато.