1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бујар Османи: Чувар на геостратешката ориентација

15 април 2024

Портрет Бујар Османи, претседателски кандидат на ДУИ: За негова предност го смета искуството и контактите што ги има низ светот, како и телефонските броеви на луѓе кои носат одлуки во светски рамки.

https://p.dw.com/p/4ekCH
Бујар Османи ДУИ Македонија
Бујар Османи, претседателски кандидат на ДУИФотографија: Petr Stojanovski/DW

Претседателската трка ја доживува како многу важно патување- референдум кој ќе ја определи иднината на државата. Авионските летови, со кои како шеф на дипломатијата ги обиколува главните центри на политиката, во кампањата ги замени со брендиран автобус со кој го почна изборниот карван. А го почна пред претседателската вила „Водно“, во надеж дека и изборните резултати ќе го вратат таму. Сопругот и татко на три деца, хирург и некогашен министер за здравство, Бујар Османи, во последните седум години раководеше со нездравствени ресори - беше вицепремиер задолжен за европски прашања, а потоа министер за надворешни работи.

Важи за елоквентен, амбициозен, досетлив, подготвен да ги објаснува проблeмите ако треба и со цртање на табла, а се потруди и почетокот на кампањата да го зачини со специфични нумеролошки симболики. Кампањата ја почна по неговото враќање од седиштето на НАТО во Брисел во четвртиот ден од четвртиот месец во 2024 година, на денот на основањето на НАТО (4.4.1949), по четиригодишнината од членството на РСМ, со неговиот кандидатски број 4 и на пат низ четирите страни од државата. 

На 44 години се препорача како најдобар кандидат за претседателската функција, заради искуството во политиката и дипломатијата, крунисано со претседавањето со ОБСЕ во 2023 година. За негова предност ги смета контактите што ги има низ светот, како и телефонските броеви на луѓето кои носат одлуки во светски рамки, а може да ги повика во секој момент и да побара помош за државата.

Неговиот програмски „декалог“ со кои ќе ја бара довербата ги содржи десетте завети: интеграција во ЕУ до 2030 година, избор на претседател во Собранието со двојно мнозинство, стратешки дијалог со САД, ветинг -спроведен преку формирање на меѓународен одбор со САД, ЕУ и НАТО за сертификација на сите носители на јавни функции, зајакнување на Армијата во согласност со стандардите на НАТО, постигнување рамковен економски договор, задржување на младите во земјата, образование, иновации и зелена агенда. А десетте ветувања произлегуваат од три основни улоги: претседателот да биде компас на геостратешката ориентација на земјата, сврзно ткиво на етничките и политичките наративи и креатор на државниот консензус. Со овие програмски цели и дипломатски багаж ќе се бори за да се подобрат состојбите во земјата. 

И овде, и во НАТО, изразува загриженост што Западен Балкан е на линија на огнот на цивилизацискиот судир меѓу Западот и Истокот, што руската воена агресија врз Украина покажала оти безбедносната архитектура во Европа е нарушена, а Украина е само првата станица на руските империјалистички амбиции, но наредна може да станат земјите од Западен Балкан.

„Секој успех на оваа држава има западен печат“, дециден е Османи. „Да за Европа, не за Русија", е основниот наратив низ кој тој и партијата ги диференцираат прогресивните сили од проруските, неевропските, антизападните. Потенцира дека има прогласено над 17 руски дипломати за персона нон грата поради тоа што биле фатени дека ги прекршуваат правилата на Виенската конвенција. 

Кандидатот, кој на ифтар ги покани претседателските ривали со исклучок на Јакимовски и  Ванковска, безбедносните ризици од руското влијание во земјата го лоцира во нарушувањето, односно, уривање на договорите кои ја држат и се столбови на евроатлантска Македонија. И смета дека такво влијание постои и врз партии и врз претседателски кандидати.

Во изборната трка влегува и со ореол на чесност. Вели дека може да го обвинат за сѐ, само за корупција не. Во прилог на тоа неодамна откри дека „ако еден месец не добие плата треба да се задолжи за да преживее". Во трката се рекламира како „европски претседател“, а кампањата ја води под слоганот „Искуство, искреност, посветеност“.