Стевчо Јакимовски: Стартува со минус, очекува плус
16 април 2024Во претседателската трка се вклучува за време на неговиот четврти градоначалнички мандат. Роден во Крива Паланка, Стевчо Јакимовски (63) стана некрунисан крал на скопската општина Карпош. Важи за човек што знае да плива во сите води. Во 2013 година се оглуши и одметна од одлуката на матичната СДСМ за бојкот на локалните избори и сам влезе во трката за градоначалник. Досега промени неколку политички партии: од ЛДП премина во СДСМ, а по разидувањето со социјалдемократите во 2014 ја формираше Граѓанска опција за Македонија (ГРОМ).
Заштитен знак на неговата победа стана српската песна „Никој ништо не ни може, посилни сме од судбината", чиј рефрен и самиот го отпеа. Себеси се смета за иновативен, оригинален, рационален и доволно храбар да го спроведе тоа што го замислил.
Јакимовски е семеен човек, татко на два сина, со шаренолика работната кариера - новинар во Радио Скопје, директор на туристичка агенција, неколку месеци министер за економија во владата на Хари Костов, а потоа во ресорот труд и социјална политика, каде остана запаметен по изјавата дека „работниците нема да бидат заштитени како мечки во планина“.
Го истакнува мандатна лојалност - кога беше во редовите на ЛДП и СДСМ беше жесток критичар на ВМРО-ДПМНЕ, а кога влезе во коалиција со Груевски - обратно. Тој пак, се повикува на јасна граница меѓу партиските интереси и неговата автономија на одлучување, на што го научило неговото големо политичко искуство. Политичкото „деби" на дипломираниот економист на УКИМ, датира уште пред распадот на СФРЈ, кога од октомври 1988 до мај 1990 година бил стручно-политички работник во Претседателството на Сојузот на социјалистичката младина на Југославија.
Некогашниот петкратен републички првак во карате, и двапати освојувач на бронзен медал во СФРЈ, минатиот месец заврши на црната листа на САД, со образложение на Стејт департментот дека како градоначалник на Карпош бил вклучен во коруптивни дејствија, вклучително и користење на својата службена положба за мешање во урбаниот развој и процесите на набавки за да имаат корист за себе и за неговите соработници. Наводите ги оцени како невалидни и грубо мешање во изборниот процес, а неговата позиција ја спореди со казна за ФК „Вардар“: „Јас сум како Вардар, стартувам (на изборите -н.з.) со минус 6 бода“. Ни американската политика не е на бела листа кај Јакимовски, особено во неговите колумни каде честопати е предмет на жестока критика, за разлика од руската. Самиот во јули 2017 година објави дека остварил средби со функционери на „Единствена Русија".
Денес Јакимовски бара јакнење на улогата на Македонија во структурите на НАТО и повеќе почит за државата и нејзините граѓани од Алијансата, САД и ЕУ. Неговата порака е дека земјата продолжува да прави реформи и да чекори на патот кон ЕУ, но со јасно ставање на знаење на Унијата дека Македонија е подготвена да чека на прием до 2030 година. Ако дотогаш не биде примена, не се откажува од европскиот пат, но ќе бара сопствен пат за развој, бидејќи политиката со нови и нови барања до Македонците практично ги иселила младите. Ќе се залага за јакнење на економската дипломатија, особено во државите со кои земјата има силни трговски врски, но и за реформа на Судскиот совет и Уставниот суд, за развој на наменското производство и јакнење на капацитетите на Армијата. Се препорачува како претседател кој никогаш нема да подлегне на притисоци.