1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нови партии - стари прашања

10 октомври 2023

Од 63 регистрирани политички партии, на последните парламентарни избори учествувале 50, а само 19 освоиле пратенички мандат.

https://p.dw.com/p/4XKH9
Максим Димитриевски
Максим ДимитриевскиФотографија: Kumanovo Government

Градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски, заедно со 10 граѓански здруженија, вчера ја потпиша иницијативата за формирање на нов политички субјект - „Движење ЗНАМ - За наша Македонија“. Иницијативата не е изненадувачка, бидејќи Димитриевски ја најавуваше во изминатиот период.

Тој беше долго во СДСМ, каде ги помина сите скалила - од младинската структура до највисоките органи - но поради незадоволство од политиките на партијата се разиде со нејзиното претходно водство. Актуелното, пак, го смета за продолжена рака на претходното.

Движењето ЗНАМ не е единствениот нов партиски субјект што никна на политичката сцена годинава. Во август беше формирано Демократското движење на Изет Меџити, кој се разиде со ДУИ.Во истиот период Движењето Беса го напушти заменик-претседателот Арјанит Хоџа, кој ја формираше Европската демократска партија.

Идеолошки профил

Бројот на нови партии расте, но колку тие може да растат во сегашната констелација и поделба на големи и мали?

„Во Македонија има регистрирани 63 политички партии. Од нив на последните парламентарни избори учествувале 50, а само 19 освоиле пратенички мандат во Собранието“, вели за ДВ Маја Морачанин, претседателка на зелената партија ДОМ.

„И покрај големиот број политички партии, постојано се формираат нови, што е сосема легитимно. Сепак, останува фактот за ниската доверба на граѓаните во политичките субјекти. Сите истражувања на јавното мислење покажуваат дека граѓаните сметаат дека партиите и политичарите се грижат само за сопствениот интерес, а не за општото добро и благосостојбата на граѓаните“, укажува Морачанин.

Кога станува збор за политичките партии, таа смета дека од суштинско значење се идеолошкиот профил и вредностите кои политичкиот субјект ги споделува (зелени, социјалдемократски, конзервативни, либерални и.т.н.).

„Тоа треба да биде основата за политичката програма и дејствување. Кај нас, за жал, само мал број партии се јасно идеолошки профилирани и се придржуваат до декларираните вредности. Во програмите, промовирањето и дејствувањето често доминира популизмот. Популистичките ветувања се атрактивни за дел од граѓаните, но бидејќи се нереални, практично е невозможно да се реализираат. А бидејќи за време на мандатот голем број од ветувањата остануваат нереализирани, разочараноста и недовербата на граѓаните во партиите и политичарите е голема“, посочува лидерката на ДОМ.

Скопје Северна Македонија
Разочараноста и недовербата на граѓаните во партиите и политичарите е голема, вели МорачанинФотографија: Petr Stojanovski/DW

Уверена е дека по триесет години политички плурализам, македонските граѓани веќе имаат големо познавање и искуство во политичките процеси и можат да проценат кои предизборни програми и ветувања се реално остварливи, а кои се само во функција на добивање поголем број гласови на изборите. Дополнително, при изборот за кого ќе гласаат, сѐ повеќе станува одлучувачки фактор личниот интегритет и кредибилитет на кандидатот, а не само припадноста кон одредена партија.

Но, за демократизација на македонското општество и на политичките партии, според Морачанин, неопходна е промена на изборниот модел, со воведување една изборна единица, без праг и отворени листи.

„Тоа ќе придонесе за подобра претставеност на различни групи граѓани во Собранието и ќе ја зголеми личната одговорност на секој избран пратеник кон граѓаните, а не кон партискиот лидер. Со сегашниот модел кој ги фаворизира ‘големите’ политички партии, многу е мала можноста за т.н. помали партии, со самостоен настап на парламентарни избори, да освојат пратенички мандати. Анализите покажуваат дека една политичка партија може да добие и 40.000 гласови на државно ниво, но да не освои ниту еден пратенички мандат. Дополнително, гласот на секој избирач не вреди подеднакво. Во некоја изборна единица пратеник се станува со 6.000, а во друга со 9.000 добиени гласови. Затоа зелената партија ДОМ, како еден од предлагачите на измените на Изборниот законик, инсистира на една изборна единица, без праг и отворени листи“, потсетува Морчанин.

За европски вредности

Со оглед дека напролет е редовниот рок за претседателски и парламентарни избори, вжештена е предизборната реторика на партиите, и околу (не)исполнетите ветувања, и околку партиските рејтинзи.

Движењето ЗНАМ допрва треба да ја докажува неговата политичка тежина. Димитриевски најави дека тоа е формирано со главна цел - да ги штити интересите на македонската држава, македонскиот народ и сите етнички заедници кои живеат во Македонија, водејќи се од европските начела и вредности, за суштински промени во Македонија.

„Од позиција на власт, првиот чекор кој ќе го направиме е да го поништиме тој фамозен кривичен законик кој го донесоа овие на власт. Ќе се залагаме за целосна департизација на судската власт, на обвинителството и полицијата. Државните институции ќе ги водат професионалци. Ќе се заложиме за заштита на природните ресурси и национални добра, заштита на човековата околина и самоодржливост на Македонија. Македонија ќе ја направиме да биде самоодржлива држава“, порача Димитриевски.

Максим Димитриевски, градоначалник на Куманово
Димитриевски: Ќе се залагаме за целосна департизација на судската власт, на обвинителството и полицијатаФотографија: Kumanovo Government

Имаше критики за нискиот животен стандард, за зголемените цени, за здравството и образовниот процес.

„Последните 20 години поминавме низ три реформи во образовниот процес. Факт е дека се работи на квантитет, а не на квалитет. Факт е дека создаваме необразовани генерации и тоа мора да се искорени. Студентите се нашата иднина. Ќе им ги дадеме сите можности да студираат бесплатно, а не да плаќаат. Да имаат можност да студираат во странство на сите врвни универзитети“, рече Димитриевски.

И пред да биде потпишана иницијатативата за формирање на Движењето, тоа фигурираше во анкетите, некогаш и со процент повисок од оној на некои помали, но веќе етаблирани парламентарни партии.