Македонски лекар во германска болница: „Овде ми се допаѓа“
2 април 2024Ѕвонењето на мобилниот телефон го повикува Горан Јорданоски во одделението за Итна помош. Треба да се згрижи пациент во шок соба. 43-годишниот лекар од Северна Македонија раководи со одделението за итна помош во болницата Зондерсхаузен во покраината Тирингија. Специјалистот за интерна и итна медицина е еден од 64.000 странски лекари кои работат во германските болници, лекарски ординации или истражувачки институции. Притоа, во Германија има вкупно околу 421.000 лекари. Без мигрантите со стетоскоп одамна не се може, и тоа не само во болницата во Зондерсхаузен, која припаѓа на управителот со клиники КМГ со десетина локации во покраините Тирингија, Бранденбург и Мекленбург-Предна Померанија.
„Без лекари од странство, не можеме да го одржиме нашиот здравствен систем на сегашниот стандард“, вели потпретседателката на Германската лекарска комора, Елен Лундерсхаузен. Таа сепак признава дека овие лекари недостигаат во нивните матични земји.
Здружението на германски болници (ДКГ) проценува дека странски лекари им се особено неопходни на клиниките во источна Германија. „Таму без миграција на лекари ќе мора да се редуцира медицинската понуда“, вели Хенриете Нојмејер, заменик претседателка на ДКГ.
200 медицински организации и здруженија неодамна ја истакнаа важноста на доселениците за здравствениот систем. „Медицинското згрижување и нега во Германија не може и не сака да се откаже од нивниот придонес“, се вели во Изјавата за демократија и плурализам објавена во средината на март.
Странските лекари работат главно во болниците
Според бројките од покраинските лекарски комори, само во Тирингија и Бранденбург четвртина од лекарите во болниците се од странство, а во Мекленбург-Предна Померанија - една петтина. Според Сојузната лекарска комора, 80 отсто од странските лекари во земјата работат во болниците, „несразмерно често“ во помалите болници и надвор од поголемите градови. Во Зондерсхаузен, клиниката КМГ со специјализирани одделенија за интерна медицина, општа хирургија и траума, гинекологија/акушерство, геријатрија (геријатриска медицина) и одделение за итни случаи, го опслужува руралниот округ Кифхојзер. Таму секоја година стационарно се лекуваат 6.000 пацинети, а 15.000 пациенти се лекуваат амбулантно. Речиси половина од лекарите - 30 од 63 - немаат германски пасош, а во целата групација КМГ такви лекари се повеќе од 25 проценти.
Во Зондерсхаузен, град со 21.000 жители кој се наоѓа на еден час возење од главниот град на покраината Тирингија, Ерфурт, до германското обединување се екплоатираше калиумска сол. Денес градот се бори со проблемот на стареење и пад на бројот на жители. „Забележуваме дека младите лекари обучени во Германија често го гледаат својот живот во метрополите и не сакаат да патуваат долго до работното место“, вели директорот на клиниката Мајк Шуфенхауер.
За експертката на ДКГ, Нојмаер, ова има многу врска со општиот „тренд на урбанизација“. Потпретседателката на Сојузната лекарска комора, Лундерсхаузен, укажува и дека апсолвентите по медицина, пред сѐ специјализантите, честопати сакаат да работат во близина на местото каде што студирале. „Ако студирале во Хамбург, има тенденција да останат во Хамбург“. Од нејзина гледна точка, Германија со години не обучува доволен број лекари.
Дополнително, работните очекувања на денешната генерација лекари се разликуваат од оние на претходните генерации. Тие посветуваат многу повеќе внимание на добрата рамнотежа помеѓу работата и животот и сакаат да поминуваат повеќе време со своите семејства отколку претходните генерации лекари, објаснува Нојмејер. Затоа, фактот дека потребата се зголемува и покрај постојаното зголемување на бројот на лекари не е контрадикторност. „Бројот на луѓе се зголемува, но нивното работно време не се зголемува во иста мера“.
Компликуван процес на признавање на дипломите
За странските лекари Германија е атрактивна како место за работа, вели Нојмејер. „Познато е дека практичната обука за младите лекари во германските болници е многу добра“, потврдува Горан Јорданоски. Него во Германија во 2011 година го привлекле можностите за натамошна обука. Во неговата родна земја, Северна Македонија, тој имал лоши шанси за работа во тоа време и ќе морал сам да си ја плати специјалистичката обука. Во Зондерсхаузен успешно ја завршил специјалистичката обука за интерна и итна медицина и е главен лекар и раководител на одделението за итни случаи.
Според ДКГ, странските лекари до признавање на нивната диплома во Германија минуваат низ тежок и често долг процес со тестови за јазик и знаење. „Не се пропуштаат туку така“, појаснува Нојмејер.
Јорданоски, по 13 години, се чувствува речиси како вкоренет во регионот. „Се чувствувам како дома, запознав многу луѓе, пациентите се пријателски расположени. Ми се допаѓа овде“. Вели дека никогаш не доживеал никакви проблеми поради неговото потекло. Не сака да се пресели на друго место или во друга болница. Ова е добра вест за шефот на клиниката Шуфенхауер: „Многу сме среќни поради тоа“.