Се разбираат ли странските лекари со германските пациенти?
19 март 2013Со овој проблем е добро запозната бившата болничарка Андреа Станишевски, која последните пет години работи како советник во Германската фондација за заштита на пациентите. Нејзината основна мисија на новото работно место е, како што вели, да биде „добар слушател“. Најчесто нејзе и‘ се обраќаат постари луѓе кои понекогаш доаѓаат само за да и‘ раскажат на каков третман наишле кај лекарот и во кои ситуации се чувствувале непријатно во болниците.
„Приказните кои често се повторуваат се однесуваат на комуникациските проблеми меѓу пациентите и лекарите. Многу пациенти чувствуваат дека оние на кои им се обраќаат не ги разбираат“, вели Андреа.
Предрасудите-честа појава
Односот лекар-пациент е многу чувствително прашање, болните луѓе често ги доживуваат лекарите речиси како богови. Затоа, колкаво може да биде разочарувањето на пациентот кога ќе сфати дека оној од кого очекува помош, всушност не го разбира најдобро? Токму до вакви сутуации често доаѓа во Германија, тврди Станишевски, иако не ги негира предрасудите против странците како честа појава.
Андреа Станишевски на овој проблем се посветила делумно поради тоа што и сама доживеала непријатни моменти поради лекарите чие знаење на германскиот јазик не било задоволително. Таа раскажува за својот татко, кој пред неколку години морал да биде подложен на сериозна операција, а младиот анестезиолог кого го запознала речиси не ни зборувал германски.
„Наместо да го смири татко ми и да му ја објасни процедурата, тој само му пружи еден документ и му рече: ’Овде ризици, овде потпис’“, раскажува Андреа.
Дали тој бил исклучок или е секојдневие во германските болници? На прашањето е тешко да се одговори, зашто нема статистички податоци, а Фондацијата за заштита на пациентите своите проценки за проблемот официјално не ги објавува.
„Проблеми поради јазикот немало“
Георгиос Годолиас, кој во Германија дошол пред 37 години, а денес е управник на болницата Санкт Ана во градот Херне, не ја дели загриженоста на Андреа Станишевски. Една четвртина од лекарите во неговиот тим е со странски корени, а според неговите зборови, тоа е случај и со останатите болници во истиот регион.
„Германците треба да го прифатат фактот за неопходноста од странските лекари во Германија за во земјата да се одржи медицинскиот сектор. Важно е да се одбере вистинскиот начин за подобра интеграција на овие лекари во болниците“, вели Годолиас. Странските лекари, додава тој, пред да почнат со работа во болница во Германија, мораат да докажат основни познавања на германскиот јазик. Во болницата Санкт Ана не е забележан ниеден случај на проблем поради јазичните бариери, тврди Годолиас.
Тој меѓутоа е согласен со потребата да се направи нешто за подобрување на комуникацијата меѓу лекарите од странство и пациентите.
Курсеви за странските лекари и останатиот болнички персонал
Во болницата каде Годолиас е управник, од октомври 2012 година се организираат курсеви за странските лекари и болнички работници. На тие часови не се учи само секојдневната комуникација, туку посебно внимание се посветува на медицинските термини.
„Овие курсеви се одржуваат веќе половина година, имаме чувство на задоволство и кај лекарите и кај пациентите“, вели Годолиас. Здружението на германските лекари неодамна отиде уште чекор подалеку и побара стандардизираните курсеви по германски јазик за странските медицински работници да се организираат ширум земјата. Она што е сигурно, тоа е дека комуникацијата меѓу лекарите и пациентите во Германија мора да се подобри, а голем чекор во тој правец ќе биде направен доколку предлогот на Здружението биде дефинитивно усвоен.