1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Српските лекари заминуваат во Германија

Немања Рујевиќ/ Ж. Ацеска13 мај 2015

Во Германија работат десетици илјади лекари од странство. Многумина од нив стигнуваат од Балкан. Тие добро и‘ доаѓаат на Германија, но во татковната оставаат празнина во здравственото згрижување. Пример е Србија.

https://p.dw.com/p/1FP6k
Фотографија: picture-alliance/dpa/P. Pleul

Млади лекари јурат низ ходниците на хај-тек клиники, во грозничава брзина заради спасување човечки животи. Во операционите сали слушаат гласна рок-музика, притоа раскажуваат вицови и по 24-часовната работна смена влегуваат во своите скапи автомобили за да уживаат во животот. Вакви сцени во Србија може да се видат само на телевизија. ТВ-сериите како Чикаго-хоуп, Грејс анатоми или Д-р Хаус се вбројуваат во најомилените на Балканот, чии жители, статистички погледано, се светски прваци во гледање телевизија. Познатата американска телевизиска лекарска сапуница „Интензивна нега“ има дури и своја лиценцирана српска верзија. Но, реалитетот на српската медицина не може да биде поразличен од волшебниот свет прикажан на телевизијата.

Младите луѓе сакаат да заминат

„Нашиот оддел за интерна медицина на пример не е опремен за коронографија. Тоа значи, пациентите со акутен срцев инфаркт се третираат на истиот начин како и пред половина век“, вака Ѓорѓе Јефтиќ ја опишува ситуацијата на болницата во Врање, мал град во јужна Србија. 26-годишниот лекар моментно волонтира во неа, без пари, надевајќи се да добие работно место.

„За катастрофалната ситуација не се виновни лекарите, туку политичарите. Нашите медицинари се добро образовани, но сепак принудени да импровизираат“. Ѓорѓе учи германски со идеја еден ден да се исели, за како што вели на шега, еден ден да им мери крвен притисок на бабите во некое швапско село. Или барем да работи во некоја земја каде неговата професија има вредност и е соодветно платена.

Pavel Zonca Arzt aus Wesseling
Фотографија: DW/J. Bronska

Ваквиот тренд е присутен одамна. Српската лекарска комора од 2012 година издава сертификат кој на лекарите им овозможува неограничена работа во странство, т.н. „Сертификат за добро владеење“. Само минатата година беа издадени речиси илјада вакви потврди. Не значи дека сите сертифицирани лекари веднаш ја напуштаат земјата, но сигурно дека имаат таква намера.

„Четири петтини од нив се млади дипломирани лекари кои по студиите залудно конкурирале за работно место. Ако воопшто, тогаш можат неплатено да волонтираат некаде“, вели Весна Јовановиќ, директор на Лекарската комора. „Постојат и лекари кои работат, но вечно чекаат на специјализација. Исто така и искусни специјалисти, кои во странство директно можат да заработат шестпати повеќе од српската плата.“ Јовановиќ стравува дека во иднина годишно земјата ќе ја напуштаат повеќе лекари отколку што дипломираат на српските универзитети.

Српските лекари не ги тераат на заминување само неповолните работни услови. Браншата ја бие глас на висока коруптивност и многу работни места се делат само по партиска милост. Еден млад лекар, кој сака да остане анонимен, за ДВ го раскажува своето искуство во една болница во Пожаревац, во источниот дел од земјата: „Директорот едноставно ми бараше 3.000 евра, само така, ми рече, можам да добијам работно место.

Исплатлива зделка за Германија

Големо мнозинство од медицинарите кои добиваат сертификат од Лекарската комора бараат документите да бидат отпечатени на германски јазик. Значи, целта за многумина е Германија. За тоа Кристиан Штамбук, раководител на порталот www.medizinerkarriere.de, наведува бројни причини: добро структуиран здравствен сектор, модерни клиники и шанса за стручно усовршување. „Високите плати и сигурните работни места во споредба со земјите од кои се доаѓа ја комплетираат атрактивноста на целиот пакет“, вели тој. Освен тоа според мислењето на експертите, до 2030. година во Германија ќе недостигаат речиси 100.000 лекари. Заклучокот на Штамбук гласи: „Можеме да бидеме многу задоволни да имаме толку бројни лекари од странство.“

Економски слабите земји на потекло малку можат да се спротистават на овој тренд. На пример Србија, каде невработеноста се ближи до 30 проценти, економскиот пораст со години изостанува и еден општ лекар може да смета со плата од 400 до 500 евра месечно. Во една актуелна анкета над 60 проценти од родителите признаваат оти би им советувале на своите деца да ја напуштат Србија. Слично е и во соседната Романија, чии лекари со години водат на листата странски лекари во Германија. Моментно во Германија работат околу 4.000 лекари од Романија. Следат оние од Грција, Полска, Унгарија, Бугарија и Словачка.

27.03.2012 MIG Made in Germany Aerztemangel 2
Фотографија: DW

Забелешката на Весна Јовановиќ звучи малку како префрлување: „Да се образува еден лекар чини многу пари. За Германија е многу поевтино да ги увезува овие стручњаци.“ Всушност, во Германија нема доволно места на факултетите за медицина, но Кристиан Штамбук не верува дека се работи за некоја стратегија: „Поради економски, општествени, технички, социјални вредносно ориентирани промени едноставно потребно е повеќе време за да се воспостави повторна рамнотежа меѓу понудата и побарувачката во лекарската бранша.“

Дома останува празнина

Но, онаму од каде што доаѓаат лекарите во Германија, полека се покажуваат празнини во здравственото згрижување. Србија со околу седум милиони жители има само 22.000 лекари, што е прилично под просекот на ЕУ. Во многу региони недостигаат специјалисти, на пример анестезиолози и радиолози. Надлежното Министерство за здравство се обидува да го минимизира проблемот. Да се иселат сакаат само постарите лекари за да касираат дебели надоместоци, ваква изјава од Министерството пренесоа деновиве медиумите. Потребно е побрзо и поедноставно специјализирање на младите лекари, се тврди. Во тоа се чини не е убеден и самиот српски претседател Томислав Николиќ: „Младите луѓе не се иселуваат зашто ја мразат Србија, туку зашто сакаат подобар живот“, изјави тој минатата недела во едно интервју.

Лекарот Ѓорѓе Јефтиќ се‘уште размислува. Тој радо би останал во Србија, делумно од патриотизам, делумно од страв дека нема да се снајде во странство. „Германија за мене е повеќе план Б.“ Но тој многу брзо може да се претвори во план А, ако Ѓорѓе наскоро не најде работа во Србија.