Германија: Што може да помогне против недостигот на лекари
2 ноември 2022Не е важно дали на село, во проблематичните населби или во болниците - насекаде во Германија има недостиг од лекари. „Бејби бум“ генерацијата е пред пензионирање, а јазот ќе продолжи да се зголемува во наредните години. Централниот институт за медицинска нега преку здравствено осигурување предвидува дека до 2035 година секоја година ќе пензионираат по 9.000 лекари. Но, не стареат само лекарите - старее и општеството како целина. Сè повеќе луѓе стареат, често се хронично болни и се упатени на медицинска помош.
А тоа значи поголемо работно време за лекарите од порано. Со цел да се затвори заканувачкиот јаз во медицинското згрижување на граѓаните, Германското лекарска комора бара повеќе места за студирање медицина. Најмалку 3.000, уште подобро 5.000 до 6.000. Германските покрани би требало да платат за тоа, бидејќи образованието е во надлежност на покраините. Трошоците за студирање медицина, според Сојузниот завод за статистика, во просек изнесуваат 266.000 евра.
Работат повеќе лекари од кога било досега
Всушност, според Германската лекарска комора, во моментов работат повеќе од 416.000 лекари - тоа е повеќе од кога било досега. Недостигот затоа изгледа парадоксален. Но, и покрај зголемувањето на бројот на лекарите нема зголемување на работното време. Многу млади лекари веќе не сакаат да работат со полно работно време. Статистички, потребни се 1,2 млади лекари за замена на лекар кој заминува во пензија. Причината за ова е тоа што две третини од сите студенти по медицина сега се жени.
Тие почесто од машките колеги мораат да ги усогласат професионалниот и семејниот живот. Ова по правило не соодветствува со 24-часовните смени во болница. Покрај тоа, притисокот поради недостигот на персонал во болниците сега е толку висок што, според неодамнешното истражување на синдикатот на лекари Марбургер Бунд, една четвртина од сите болнички лекари размислуваат да ја напуштат својата работа. Други го намалуваат работното време за да го издржат притисокот на долг рок.
Недостигот на кадар не е единствениот проблем
Советот на вештаци за проценка на случувањата во здравствениот систем наведува: Преоптоварените лекари во клиниките не се последица на општиот недостиг на кадар. Неговиот претседавач, франкфуртскиот лекар, професорот Фердинанд Герлах, од друга страна, ја обвинува лошата организација во болниците и притисокот на трошоците за неправилностите. Ова е штетно за пациентите и значи дека лекарите и медицинските сестри се речиси „прегорени“. За преоптоварувањето придонесува и фактот што многу операции во Германија, како операција на катаракта на окото, сѐ уште се прават во болница. Во многу други европски земји, ваквите третмани се вршат на амбулантска основа, луѓето не мора да останат во болница преку ноќ. Во моментов, сепак, за постапката во болницата лекарите се подобро платени отколку за амбулантската процедура. Меѓутоа, ова врзува персонал кој би можел поразумно да се користи на друго место - на пример во посиромашните делови на градот и во руралните региони.
За матичните лекари во селата речиси и да нема наследници
И во секторот на самостојните лекарски ординации, пензионирањето на многу лекари се заканува да отвори дупки во пружањето на медицински услуги. Во ординациите во селата често не можат да се најдат наследници за пензионираните лекари.
Од една страна, ова е поврзано со фактот дека многу млади лекари повеќе би сакале да бидат вработени отколку самостојно да преземат ординација со финансиски ризик. А од друга страна, многу млади лекари ги одвраќа помислата дека можеби ќе треба да им бидат достапни на своите пациенти дење и ноќе во некоја селска лекарска ординација.
Меѓутоа, во меѓувреме, многу лекари се здружужуваат за да формираат заеднички ординации или центри за медицинска нега, делат заеднички простории, персонал и работа - и овозможуваат да се работи како лекар со скратено работно време. Во исто време, студентите на германските универзитети сега преку стажирање порано се запознаваат и научуваат да ја ценат општата медицина. Надежта е дека младите може да се придобијат да работат во руралните области и на тој начин да придонесат за сигурно основна медицинско згрижување. Притоа, најдобрата „реклама“ за еден таков пат очигледно се лошите услови во германските болници.