Лекари од странство во германските болници
2 април 2012Преглед на приемното одделение на клиниката Рен. Рутинска работа за секој лекар, но не и за Андреа Бербец, која е многу возбудена. Оваа 28-годишна лекарка од Романија во Германија е само два месеци.
Упатена е на помош од искусен лекар. Имено, таа уште не зборува добро германски и не ги познава сите процедури во оваа болница. Таа сака брзо да започне со специјализација.
„Овде можам да направам повеќе, да научам повеќе, да студирам и повеќе да се занимавам со медицина. Во Романија не е толку лошо, но овде е нешто друго. Сакам да стекнам сосем нова перспектива“, вели Бербец.
Освен тоа, лекарите во Германија се подобро платени отколку во Романија.
Но, Андреа Бербец моментно добива само 600 евра месечно, зашто во Германија уште нема дозвола да работи како лекар. Клиниката ги презема трошоците за храна и сместување.
Работна дозвола може да побара дури откако ќе го научи германскиот јазик.
Задолжително учење германски јазик
„Кога лекарот не ги разбира добро пациентите, неговите тегоби и симптомите, тогаш не може да постави ниту точна дијагноза, ниту да пропише добра терапија. Се плашам да не направам нешто погрешно, зашто не го разбирам јазикот“.
Андреа поради тоа неколку пати неделно оди на курс по германски јазик. Часовите ги плаќа клиниката Рен.
Учесниците на курсот доаѓаат од Романија, Србија и Црна Гора. Учењето германски е многу напорно.
Лекарите мора да се снајдат и со локалниот дијалект. Бад Нојштад, имено, се наоѓа во срцето на Баварија. До првиот поголем град има повеќе од час возење.
Клиниката Рен згрижува пациенти од целиот регион на Долна Франачка. Клиниката има 1500 кревети. За шефот на неврологија Бернд Гривинг е тешко да најде доволно лекари. Од маката се роди идејата за стипендии за лекари од странство.
„Во секој случај имаме проблеми со тоа што нашата клиника не е во подрачје атрактивно за млади луѓе. За да ги опслужиме сите пациенти кои ги имаме, потребни ни се 250 лекари дневно. Тоа е наш, но и проблем на други клиники“.
Стипендијантите имаат прилика во рок од шест месеци да поминат низ сите оддели во болницата. 80 проценти од стипендијантите потоа вршат специјализација на оваа клиника.
Критики на програмата за стипендирање
Клиниката Рен годишно издвојува 170 илјади евра за стипендии. На шефот на неврологија оваа програма му донесе и бројни критики. Според нив, тој привлекува лекари од земјите во развој и така го заострува недостатокот стручњаци во нив.
„Мислам дека вработените во медицината денес и онака постојано го менуваат местото на престој и не се фокусирани на едно постојано живеалиште. Затоа мораме да се прилагодиме на трендот“, вели шефот на неврологија Бернд Гривинг
Андреа Бербец во оваа стипендија гледа шанса. Во Бад Нојштад се чувствува добро, но допрва ќе види дали ќе се одомаќини тука. Во секој случај, главниот град на Романија, Букурешт, го замени за баварската провинција.