1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаФранција

Лоренс Бун: Се надеваме дека РСМ ќе ги исполни обврските

13 октомври 2023

На средба со Бун, шефицата на бугарската дипломатија нагласила дека Софија не поставува нови услови, но бара да бидат исполнети компонентите од постигнатиот компромис.

https://p.dw.com/p/4XU50
Лоренс Бун, државната секретарка за европски прашања на Франција
Лоренс Бун, државната секретарка за европски прашања на ФранцијаФотографија: John Thys/AFP/Getty Images

Франција очекува Северна Македонија да продолжи со исполнување на обврските од францускиот предлог, а Бугарија нема да поставува нови услови, но бара да бидат исполнети компонентите од веќе постигнатиот компромис.

Ова се главните пораки по вчерашна средба (12.10) меѓу бугарската вицепремиерка и министерка за надворешни работи Марија Габриел и државната секретарка за европски прашања на Франција, Лоренс Бун, која на покана на Габриел беше во посета на Софија.

Во соопштението на бугарското МНР, покрај другите теми за кои разговарале Габриел и Бун, само накусо се посочува дека на средбата се разговарало и „за темите за иднината на Европа и политиката на проширување на ЕУ“.

„Габриел ја истакна клучната улога на француската страна за време на нејзиното претседателство со Советот на ЕУ, за постигнувањето на компромисот од јули 2022 година. Габриел нагласи дека Бугарија не поставува нови услови, но бара да бидат исполнети компонентите од постигнатиот компромис“, се наведува во соопштението на бугарското МНР.

Ставот на Бун го презентираа некои од медиумите.

„Се надеваме дека Република Северна Македонија ќе продолжи со спроведувањето на договорите и обврските од францускиот предлог“, изјавила Бун за Бгнес.

„За мене е многу важно да ги посетам Рeпублика Северна Македонија и Бугарија, и благодарна сум што Марија Габриел ја спомена улогата на Франција во постигнувањето договорот во јуни 2022 година за време на француското претседателство со ЕУ“, нагласила Бун.

Марија Габриел Бугарија
Габриел нагласила дека Бугарија не поставува нови услови, но бара да бидат исполнети компонентите од постигнатиот компромис, се вели од бугарското МНРФотографија: picture-alliance/AA/D. Aydemir

„Пристапувањето на сите земји кандидати е многу важно за нашата геополитичка безбедност, но сепак тие мора да направат реформи. Затоа отидовме во Скопје со нашите германски и полски колеги - да ги поддржиме реформите, кои понекогаш се тешки“, изјавила француската државна секретарка за европски прашања.

Таа беше дел од „вајмарската тројка“ заедно со германската министерка за Европа, Ана Лирман и полскиот министер за ЕУ, Шимон Шинковски вел Сенк, кога во јули годинава беа во дводневна официјална посета на Скопје. Бун и тогаш ја испрати истата порака.

„Уставните измени се дел од договорот што го постигнаа Македонија и ЕУ за да се продолжи кон автоматски почеток на процесот на пристапување откако тие ќе бидат изгласани, и мислам дека е многу важно да се нагласи тоа. Нема други барања за започнување на процесот на пристапување. Истовремено, иднината на ова отворање на пристапните преговори е во рацете на Собранието и Македонија има суверено право за да одлучи што сака. Но, се надеваме дека ова ќе се случи, дека земјата ќе се придружи на семејството на ЕУ, и се надеваме дека Македонија и Албанија ќе продолжат да бидат предводници, исто како што беа во изминатите години. Очигледно е дека постои ризик од раздвојување доколку не се усвојат уставните измени пред крајот на годината“, рече Бун во јули.

Изгубено време

До крајот на годината е неизвесно завршувањето на тој процес. Додека од Владата изразуваат уверување дека тој успешно ќе заврши и на него ќе се работи до крајот на мандатот, претседателот на државата Стево Пендаровски не ја исклучува можноста со тоа прашање да се занимава индниот парламентарен состав.

„Јас сум тој првиот кој јавно рече ‘јас сум за францускиот предлог’, бидејќи тоа не ја руши Македонија. И јас ќе бидам до крај за тоа да ги направиме уставните промени час поскоро. Не бегам од тоа. Втората страна е - ако немаме шанса да дојдеме дo две третини по цена да не правиме продлабочени рани во македонското ткиво, јас би сугерирал да ја мавнеме таа работа, да ја ставиме ад акта и да му дозволиме на утрешниот парламентарен победник и коалиција да се занимава со тоа прашање. Бидејќи со сила убавина не бива (…) Зошто да ги продлабочуваме раните и да копаме уште подлабоко во македонското ткиво, кое тврдам - е најдлабоко исечено на половина од ’90-тата до денес“, рече шефот на државата во интервју на ТВ Телма.

Тој потсети и дека се изгубило многу време без да се приоритизираат темите, односно без навреме да се направи проценка за поддршката на уставните измени.

„Ако направевме проценка по изгласувањето на францускиот предлог во Собранието - дека немаме шанса да се направи двотретинско мнозинство - тоа прашање требаше да се тргне настрана и многу повеќе да се занимаваме со реформите внатре. Но Владата реши поинаку. Оттогаш до денес јас сум единствениот кој реалистично кажува дека од јавните изјави не гледам никакво приближување на двата блока за да се дојде до таа фамозна бројка од 80. Денеска не сме поблиску до 80 од тоа што бевме пред два месеца или пред 12 месеци. Не велам дека сега треба да се откажеме, но факт е дека ние политички изгубивме страшно многу време бавејќи сѐ со прашањето ‘Бугарите во Уставот’“, рече Пендаровски.

Стево Пендаровски, претседател на РСМ
Пендаровски: Денес не сме поблиску до 80 од тоа што бевме пред два месеца или пред 12 месециФотографија: Petr Stojanovski /DW

Наратив за политички поени

Претседателот посочи дека најголемата опозициска партија во изминатите три години одбивала сѐ што доаѓа од Софија, а истовремено не направила ништо ни во Брисел кај нејзините политички партнери од Европската народна партија: никогаш не далa предлог како да се реши тој проблем, ниту пак баралa поддршка контра партијата на Бојко Борисов која е член на истата групација. Според Пендаровски, ако земат предвид предлозите од Бугарија во Брисел пред три години – „јазик и идентитет до 1944/45 и ‘администрација наместо окупација’“, сегашниот услов за внесување на Бугарите во Уставот е минималистички пакет и „никаква политичка цена која треба да се плати“. Мотивацијата за одбивање на опозицијата да гласа за уставните измени ја лоцира во нејзин националистички наратив само за освојување на политички поени.

„Ако јас се решам - јас не сум таков профил на човек и на политичар - да употребувам националистички наратив и да зборувам против Албанците, Бугарите, да бидам антиамериканец - јас можам да освојам 700.000 гласови на кои било избори“, направи компарација Пендаровски.

„Добро е што Пендаровски призна дека уставни измени не се можни, а добро е и да ѝ сугерира на власта да излезе на избори“, реплицираа од ВМРО-ДПМНЕ.

„Со признанието на Пендаровски стана јасно дека СДС и ДУИ се свесни дека уставни измени нема да има, и дека ја замајуваат јавноста само за да нема избори. Пендаровски призна и дека власта освен за промена на устав, друго и не работела“, се вели во реакцијата од опозициската партија.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема