1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Проширување: Балканот во ист пакет со Украина и Молдавија

12 октомври 2023

За сите држави кандидати ќе се применува иста методологија и еднакво ќе се мерат придонесите, порача директорот за Западен Балкан во Европската служба за надворешни работи, Марко Маковец.

https://p.dw.com/p/4XQr4
Знамиња на земји членки на ЕУ
Знамиња на земји членки на ЕУФотографија: Getty Images

Западен Балкан ќе биде дел од пакетот на процесот на проширување во кој влегуваат Украина и Молдавија, изјавил директорот за Западен Балкан во Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС), Марко Маковец, на вчера отворената Белградска безбедносна конференција.

„Генериран е нов моментум за проширување на Европската унија. Тоа може да се почувствува, се чувствува и меѓу шефовите на држави“, порачал тој и навел дека се прават конкретни работи за да се обезбедат пари за проширување.

„Нашата институционална цел - и во врска со тоа високиот претставник (Жозеп Борел) ми даде инструкции - е дека во истиот пакет на проширување во кој ќе бидат Украина и Молдавија, ќе биде и Западен Балкан“, изјави Маковец на панелот „Украина и сојузниците: Да се зачувува силно единство“.

Како што пренесуваат српски медиуми, тој најавил дека ЕУ сега ќе работи многу интензивно на таа стратешка цел и дека еднакво ќе се мерат придонесите на сите држави кандидати за членство во ЕУ.

„За сите држави кандидати ќе се применува иста методологија“, објаснил Маковец, потенцирајќи дека клучните услови за проширување на ЕУ ќе останат исти, но дека мора да работат на тоа да бидат побрзи и поефикасни.

„Проширувањето постои за ЕУ да биде посилна“, порачал тој.

Според потпретседателот на германскиот Маршалов фонд, Томас Клајн-Брокхоф следното проширување на ЕУ нема да биде слично на ниту едно од претходните проширувања. Тој го поставил и прашањето како ќе се позиционира ЕУ кон пристапување на земја која е во војна и чии граници не се обезбедени, но додале и дека не треба да се зборува за конкретен датум на проширување.

Во фокусот на годинешната конференција на Белградскиот центар за безбедносна политика, насловена „Реконструкција на глобалниот (не)ред“, се геостратешките прашања, глобалната безбедност, проширувањето на ЕУ, борбата за демократија, сајбер безбедноста, човековите права, решавање на конфликти, војната во Украина и зелената транзиција.

Еу знамиња пазл
Клучните услови за проширување на ЕУ ќе останат исти, вели МаковецФотографија: picture-alliance/blickwinkel/McPhoto

Разговори на Габриел и Бун за РСМ

За проширувањето на ЕУ и за Северна Македонија, денеска (12-ти октомври) ќе се разговара во Софија на средба меѓу бугарската вицепремиерка и министерка за надворешни работи Марија Габриел и државната секретарка за европски прашања на Франција, Лоренс Бун. Како што е најавено, ова е само една од темите на разговор меѓу Габриел и Бун, покрај темите од меѓународната агенда - војната во Украина, нападите врз Израел од страна на Хамас, иднината на Европа и Шенген.

Средбата доаѓа во време кога во РСМ нема двотретинско мнозинство за уставните измени со кои и Бугарите ќе бидат впишани во македонскиот Устав, но и во време на опозициски критики за неевропски однос на Софија кон Скопје. Како што соопшти ВМРО-ДПМНЕ, потпретседателот на партијата Александар Николоски, вчера (11.10) пред Советот на Европа го потенцирал токму примерот на Бугарија, и посочил дека претседателот на државата Румен Радев и потпретседателката Илијана Јотова спроведуваат крајно екстремистичка политика кон Македонија и Македонците.

„Во Нацрт-резолуцијата се нагласува дека политичарите и политичките партии треба да бидат во првите редови и да одговорат на крајниот десничарски екстремизам, како во јавната одбрана на човековите права и демократските принципи, така и во недвосмисленото отфрлање на сите форми на расизам и нетолеранција, тоа е нешто што мора да го направиме овде (...) Радев и Јотова го користат членството на Бугарија во ЕУ за да ѝ наметнат вето на Македонија, барајќи од Македонците да ја променат историјата, јазикот и културата за да започнат преговори за пристапување. Истовремено, тие не им даваат никакви човекови права на Македонците кои живеат во Бугарија, лишувајќи ги од правото на самоопределување, употреба на мајчин јазик и право на образование и здружување. Во последните месеци отидоа чекор понатаму, барајќи од Македонците во Албанија да го сменат идентитетот од Македонци во Бугари (..) Ќе се согласите дека ова не се европски вредности. Ова е крајно десничарски екстремизам и идеологија што се случува во 21 век. И затоа треба да се бориме“, порачал Николоски пред Советот на Европа.

Александар Николоски ВМРО-ДПМНЕ
Александар Николоски пред Советот на Европа посочил дека бугарскиот претседател Румен Радев и потпретседателката Илијана Јотова спроведуваат крајно екстремистичка политика кон Македонија и МакедонцитеФотографија: Petr Stojanovski/DW

Само два дена претходно (на 10-ти октомври) Бугарија беше избрана за членка на Советот за човекови права во ОН, со најмногу гласови (од 160 земји членки на ОН), што во Софија беше оценето како доказ за високата грижа на Бугарија во сферата на човековите права.

„Изборот на нашата земја за членка на Советот за човекови права е признание за нејзината активна политика во областа на човековите права“, потенцираше вицепремиерката Габриел веднаш по изборот.

Интеграција, а не изолација

На домашен терен до денес нема исчекор по прашањето за обезбедување мнозинство за уставни измени. Сѐ се сведува на декларативна надеж дека тоа ќе биде обезбедено, и на повици до граѓаните да не се испушти историскиот момент, како што и вчера празнично порача премиерот Димитар Ковачевски.

„Сега е време, тоа е нашата борба на оваа генерација, да се обединиме под бајракот на европска Македонија“, повика премиерот и претседател на СДСМ во обраќањето на традиционалниот пикник во Куманово по повод 11-ти Октомври, Денот на народното востание.

„Имаме историска шанса која не смееме да ја пропуштиме. Вратите на ЕУ се отворени, се чека одлука на нас. Затоа, да се обединиме под бајракот на европска Македонија, во европскиот фронт (...) Здружувањето во европскиот фронт не е за партиски пребројувања или групирања, не е за поделба на фотелји, директори или лични амбиции. Европскиот фронт е за да го заштитиме интересите на нашите граѓани, државните интереси и да ја обезбедиме европската иднина на земјата. Затоа што без европска интеграција ќе следува долгогодишна изолација, стагнација и неизвесност. Од слободарско Куманово ве повикувам да се придружите во оваа заедничка битка за европска иднина“, повика вчера Ковачевски.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи