1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Селфито на Македонија: Парада на пијанство и кич

6 октомври 2023

Играњето само на картата на ЕУ е фатално за Владата бидејќи тоа нема да ги покрие крупните слабости во владеењето - корупцијата, злоупотребите, партизацијата... Пишува Соња Крамарска

https://p.dw.com/p/4XAjr
Селфи Мобилен
Сте се запрашале ли некогаш како изгледа селфито на Македонија во овие драматични моменти?Фотографија: Aliyev Alexei Sergeevich/Bildagentur-online/Blend Images/picture alliance

Сте се запрашале ли некогаш како изгледа селфито на Македонија во овие драматични моменти кога ја бие битката за европски вредности кои ќе ја катапултираат во ЕУ во очекуваната 2030 година? Ајде да го погледнеме…

Сѐ она што изминатите децении беше на маргините на политиката, социјалниот живот и општествените случувања, доби централна улога во општествениот живот. На криминалци од сите категории, минати, сегашни и идни, им расте популарноста, ликови од црни листи означени како носители на криминалот спокојно се смешкаат на фотографии опкружени со јавни личности од врвот на политичката и општествената хиерархија, бивши и актуелни партиски лидери меѓусебно си изнесуваат валкана облека, а главна тема во општеството не се модалитетите за економски напредок и благосостојба, туку кои криминалци и прекршители на законот ќе успеат предвреме да излезат од затвор. 

Избришана е границата меѓу моралот и неморалот, меѓу етиката и неетиката, меѓу чесноста и нечесноста, меѓу погрешното и правилното. Овие категории во Македонија се врзаа во толку цврста симбиоза, што направија гордиев јазол за кој не може да се најде јунак да го пресече. Докази за тоа може да се видат насекаде. Стана нормално на фотографија на политичари да заскита и по некој криминалец. Бивши, а богами и сегашни рекетари и изнудувачи, и други сомнителни ликови без никаков филтер стануваат возачи, телохранители и шефови на кабинети на министри. Полуписмени ликови парадираат на врвни функции облечени во армани, версаче и гучи костими, веројатно евтини копии кои ги платиле како оригинали. Токму како што имаме политичари, директори на јавни и државни установи и квази експерти - прескапо платени а „фејк“. 

Македонија е меѓу последните балкански држави што ја зафати бранот на евтиност. Но не евтиност на полиците во продажните центри каде што цените се дигнаа до небо, туку евтиност во политиката, во профилот на луѓето кои се издигнуваат до раководни места, евтиност на јавно дадениот збор, евтиност на животот наместо на живејачката. Како да се најдовме во лош и евтино продуциран филм на Холивуд каде добрите и лошите си ги сменија местата и е тешко секој да се врати на местото каде што припаѓа. Ако постои шанса од вселената да се гледаат државите како се движат по нивните патеки, веројатно сликата на Македонија ќе биде недефинирана маса која се врти во круг извивајќи го своето тело секогаш кога некој ќе ја боцне од страна. 

ЕУ не е златна рипка 

Во оваа безумна парада на пијанство (опијанетост од власт и моќ) и кич, станува трауматично да се биде набљудувач на состојбата во која се најде нашата земја. Катадневно се слушаат и фаталистички предупредувања. Едните дека Македонија е во опасност да ги изгуби своите државни и национални атрибути, другите дека ако го испуштиме сега возот за ЕУ тој веќе нема да пројде на нашата станица. Играњето само на картата на ЕУ се покажа фатално за Владата бидејќи тоа не може да и ги покрие крупните слабости во владеењето како што се корупцијата, злоупотребата на функциите за лично богатење, партизацијата на институциите, нестручноста на партиски поставените кадри, и катастрофалните состојби во образованието, здравството и правосудството. 

Поради таквиот начин на владеење, тешко си пробиваат пат аргументите дека шансата за ЕУ не смее да биде пропуштена и пораките како најновата од канцеларот Шолц дека Македонија треба да го стори потребното за да ги продолжи претоворите. 

Долгиот список на штетни постапки при владеењето на оваа, но и на владата на Груевски, доведе до губење на надежта дека Македонија ќе изгради функционално општество. Притоа е тешко да се гледа и на ЕУ како златна рипка која веднаш ќе го намали фамозниот коефициент на функционерските плати и ќе ја корегира неправдата, или дека ќе го отстрани „протежето“ на ДУИ од функцијата главен обвинител за корупција и организиран криминал, или пак, да ги поништи измените на Кривичниот законик со кои од затвор ќе излезат или воопшто нема да влезат добро нафатирани функционери кои „по грешка“ завршија зад решетки. Изгубена е надежта и за здравството кое е длабоко заглавено во криминал на штета на пациентите на кои им се ускратуваат лекови за најтешките болести. Очигледна е тенденцијата секогаш да има пари за покачување на функционерски плати, а за набавка на лекови на болниците да им наметнуваат ограничени буџети.  

Македонија се токми за ЕУ, а лошите и нечовечки услови во затворите ги спомнува само кога предизборно треба да прогласи амнестија за затворениците. И тоа амнестија предложена од владата на која половина влада се противи, меѓу кои и министерот за внатрешни работи чија работа е да го спречува и да го открива криминалот. Но изгледа интересот да се пуштат осудени прекршители на законот за потешки дела (оти само за такви се оди во затвор) е поголем од апелот на министерот. Нека излезат прво затворениците, а за реновирање на затворите и подобрување на условите за затворениците ќе се чекаат некои други времиња. До следната амнестија која ќе биде потребна за задоволување на политички или партиски интереси.   

Како ви звучи утехата дека со новиот закон за амнестија нема да бидат опфатени функционери кои издржуваат затворска казна за кривични дела „злоупотреба на службена положба” и учество во организиран криминал и корупција? Неуверливо, нели, со оглед дека функционерите се опфатени со измените на Кривичниот законик кои беа донесени по експресен пат и дури заштитени со европско знаменце како гаранција за „исправноста” на одлуката. 

Две влади на Илинденска  

И тоа не е сѐ, што би рекле нашите презентери на производи за широка (народна) употреба. Имаме влада составена од две влади. Едната се бори против корупција, а другата создава корупција. Едната се бори за законот, а другата се бори против законот. Едната е во Отворен Балкан, а другата веќе најави излегување од Отворен Балкан оти Србија за нив е единствениот виновник во кризата меѓу Белград и Приштина. Дури и јазикот на кој зборуваат е различен. Едната зборува на македонски јазик, другата зборува на албански јазик. Оваа кохабитација на две влади во една, веројатно е уникатен пример не само во Европа туку и во светот. А се знае каков е резултатот кога има паралелно водство. Тешко се напредува.  

А имаме и влада во сенка која подготвено чека да ги одбрани македонскиот национален идентитет и државност. Првите чекори веќе ги прави. Ќе се пее химната во основните училишта. Пилот проектот почна во Скопје, а од таму ќе се шири и кон другите градови. Ако во меѓувреме не се прошири зараза од лошите хигиенски услови во училиштата, штедењето на хигиенски средства, дотраените училишни простории и директори и наставен кадар кои меѓусебно се јадат на партиска основа. Па нема да биде чудно освен државната химна на репертоарот да се најдат и партиските химни во зависност од тоа кој директор од која партија е поставен. За да не се менува распоредот на часови и за да се најде време за химните, може тие да се пеат на часовите на кои се изведува настава по предметите за кои уште нема учебници. Барем додека стигнат учебниците, што значи цело полугодие.  

Хрвати се потсмеваат дека Загреб почнал да личи на Скопје. Нека им испрати градоначалничката протестно писмо. Можеа тоа прво да нѝ го јават по дипломатски канали пред да го обелоденат во тамошните медиуми и да ја срушат пропаганда на Владата во Скопје дека нашата држава а со неа и метрополата се квалификувани за влез во ЕУ. И дека на тој пат ја имаме поддршката од цела Европа и од целиот регион. Но изгледа додека македонскиот државен врв го спасуваше ОБСЕ и стигна дури до Египет, Саудиска Арабија и Јапонија, а изврши и есенска трговска инвазија на САД, заборави на важен дел од регионот. Сепак добро е што нашите некогашни браќа Хрвати го вперија двогледот само кон Скопје, а не и кон другите градови затоа што ќе мораа да испишат и повеќе од една страница во „Јутарњи лист“ за да раскажат зошто малата перспективна земја на југот која храбро се издигна од урнатините на поранешна Југославија, сѐ уште талка, барајќи ги вредностите што ги изгуби некаде по пат.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Соња Крамарска
Соња Крамарска Уредник, новинар и политички аналитичар
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема