Најновиот напад на српска парамилитарна единица во Косово врз албанските полицајци е засега последен пример од синџирот од насилни акти од минатата година, чија цел е дестабилизација на најмладата држава во Европа. Следуваа неуверливи деманти од Белград за негово учество во оваа акција, па дури и за поседување сознанија за неа. Но, кратко потоа на границата со Косово беа распоредени масивни оклопни српски воени единици, што дури и американскиот министер за надворешни работи Ентони Блинкен го наведоа да интервенира кај српскиот претседател Александар Вучиќ.
Овој инцидент, се надеваме, ги натера на премислување и последните поборници на политиката на заташкување. До неодамна ширената бајка за автократскиот режим во Белград како стабилизирачко сидро во регионот на Западен Балкан, сега е целосно дикредитирана, при што Вучиќ одамна разгорува оган со помош на неговите „пиони“ во Косово и Босна и Херцеговина. Без оглед на тоа, Вашингтон пред една година паролата „стабилизирачкиот гарант Вучиќ“ ја зеде за одредница на својата реална балканска политика, за да ја оттгрне Србија од влијанието на Русија и да ја вклучи во алијансата за Украина. Оваа „фантазирачка дипломатија“ дефинитивно стигна на своите граници.
Вооружувањето на Србија
30 години по војните во бивша Југославија, Белград се етаблираше во режим кој понекогаш повеќе, понекогаш помалку отворено се обидува да го реализира проектот на Милошевиќ – најблискиот човек од доверба на претседателот Вучиќ е неговиот моќен директор на тајната служба, Александар Вулин, главен протагонист на наследениот проект „Голема Србија“, кој е преименуван во „Српски свет“. Трет во сојузот е српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ, со кого Вучиќ во 1990-те години ја водеше пропагандата на апаратот на Милошевиќ.
Големосрпската тројка околу српскиот претседател стана јасна и непосредна опасност за соседите на Србија, кои воено се безнадежно инфериорни. Тоа го демонстрираат следните факти: уште во 2021 година „Економист" констатираше дека Србија е во „забрзан поход на купување оружје“ и со тоа ги плаши соседите. Српскиот воен буџет од 2015 до 2021 година порасна за 70 проценти, до денес, според Мировниот институт СИПРИ од Стокхолм, е речиси удвоен на околу 1,5 милијарда долари. За споредба, косовскиот воен буџет изнесува околу 100 милиони долари. Политихеничкиот универзитет од Цирих во една студија за регионалното вооружување, исто така во 2021 година, анализираше дека прекумерното вооружување ја поткопува довербата во Западен Балкан.
„Боснизација“ на Косово?
Имајќи ги во вид овие факти, не чуди што Приштина одбива да даде поддршка за делот од Бриселскиот договор од 2013 година за формирање Српска заедница на општини, кој предвидува широка автономија за десет српски заедници со мнозинско српско население во Косово. Треба да се спомене дека уставот на Косово гарантира опсежни права за малцинствата. Иако бројните етнички заедници во Косово не достигнуваат ни до осум проценти од вкупното население, од 120 места во Парламентот, 20 се гарантирани за малцинствата, од кои 10 само за Србите, кои процентуално се три до пет проценти од населението. И на комунално ниво постои опширна гарантирана партиципација на малцинствата, доколку нивниот удел во одделна заедница достигнува десет проценти.
Косовската влада, предводена од Албин Курти, стравува дека Српската заедница на општини може на мала врата да стане еден вид Република Српска 2.0, како во Босна и Херцеговина. Гарантираната автономија на босанските Срби со Дејтонскиот мировен договор ја доведе Босна на работ на војна, со оглед што лидерот на босанските Срби, Милорад Додик, форсира отцепување на Република Српска од Босна, најмалку со толерирање од Вучиќ.
Превентивно ангажирање на дополнителни трупи
Што може да направи Западот за да ја смири ситуацијата?
Практично гледано, постои брзо решение во вид на засилување на успешно водената воена мисија на НАТО и ЕУ во Косово (КФОР) и Босна (ЕУФОР/Алтеа). Тоа важи посебно за целосно редуцираната ЕУФОР, во која се наоѓаат само 1350 војници. Постои навистина показен пример како превентивните трупи можат да спречат војна и да одвратат потенцијален агресор: пред 30 години, во 1993 година, ОН стационираа 1000 мировни војници, од кои половината американски, во Северна Македонија по должината на границата со Србија, за да одвратат агресија на Белград против неговиот јужен сосед. Оваа мала трупа, наречена и „сопнувачка жица“, навистина успеваше со години да го обезбеди мирот во земјата.
Оттаму произлегува опцијата регионите во Косово и БиХ кои граничат со Србија, да се заштитат со трупи на КФОР и ЕУФОР. Доколку заедничките трупи на НАТО и ЕУ ги надгледуваат заедничките граници меѓу Косово и Србија, односно БиХ, тоа би била целосна безбедносна гаранција. Примерот од мисијата на ОН „Сопнувачка жица Македонија 1993“ тоа точно го докажа.
Да се осигура скапо постигнатиот мир со неколку дополнителни единици би била секако подобра алтернатива отколку еден ден да мора да се фрлаат бомби. Поевтино и човечки поштедливо сценарио за превенција на конфликти е тешко замисливо.
Александер Ротер е дипломиран политиколог и автор. Од 1997 до 2016 година беше ангажиран за Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), Набљудувачката мисија на ЕУ (ЕУММ) и спрецијален пратеник на ЕУ во поранешна Југославија, најмногу во Босна и Херцеговина.