1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиКосово

Северно Косово: страв по крвопролевањето

Вјоса Ќеркини
28 септември 2023

По нападот од страна на тешко вооружени Срби врз патрола на косовската полиција, многу луѓе на северот од Косово стравуваат дека насилството би можело да ескалира или да предизвика нова војна.

https://p.dw.com/p/4WuwS
Вооружениот напад кај манастирот Бањска предизвика несигурност во северно Косово
Вооружениот напад кај манастирот Бањска предизвика несигурност во северно КосовоФотографија: Ognen Teofilovski/REUTERS

Есенското сонце исчезна, над Северна Митровица и околните планини надвиснале облаци, лесен дождец ги намокрил улиците. 

Времето е како и расположението на 24-годишниот косовски Србин кој брза на работа. Вели дека уште има „болки во желудникот, веќе два дена“ и додава дека „болките се засилуваат кога ќе помислам на крвопролевањето“. Не сака да си го каже името, ниту каде работи, ништо што би можело да го открие неговиот идентитет. Тој звучи потиштен и уплашен. На северот од градот  Митровица живеат речиси исклучиво Срби, исто како и во целиот  северен дел на Косово. Фасадите на куќите се речиси насекаде сиви. На сите страни се вее српското знаме, еден графит порачува дека Косово е српско, а Крим на Русија. Трговците продаваат овошје, зеленчук и евтина кинеска роба на тезгите, има се`, од облека до електроника. На тротоарите се паркирани стари возила, кои со децении никој не ги трга од таму. 

Графити во Северна Митровица: „Косово е Србија, Крим е Русија“
Графити во Северна Митровица: „Косово е Србија, Крим е Русија“, август 2023Фотографија: Keno Verseck/DW

Разни видови оружје, џип и блиндирано возило

Само неколку километри подалеку во неделата (24.09.2023) се случи најтешкиот насилен инцидент по осамостојувањето на Косово во 2008 година. Кога косовски полицајци се приближија до блокада на улица од два камиона без регистрации, беа нападнати од заседа при што  еден беше смртно погоден.  Кога стаса засилување, групата од околу 30-тина тешко наоружани напаѓачи се забарикадира во околниот манастир Бањска. Во престрелките со косовските безбедносни служби тројца напаѓачи беа убиени, другите избегаа. Полицајците потоа запленија разни видови оружје, еден џип и едно блиндирано возило. 

Оружјето запленето по нападот на група српски терористи и криминалци на од косовската полиција, 24.09.2023
Оружјето запленето по нападот на група српски терористи и криминалци на од косовската полиција, 24.09.2023Фотографија: Office of the Kosovo police

Бојкот на изборите 

По едностраното прогласување независност на Косово од Србија во февруари 2008 година, имало чести и насилни судири меѓу Срби и косовски Албанци. КФОР, кои се стационирани во земјата уште од 1999 година, често мораше да интервенира, на пример за да ги заштити православните манастири на Србите. Но паравоен терористички напад од толку тешко наоружана група до сега немало, напротив – се чини дека изминатата деценија полека се вгнезди мир меѓу поранешните противници. Но, ситуацијата веќе една година повторно ескалира. На почетокот на 2022 година имаше спор околу српските регистарски таблички на Косово, кој се заостри до тој степен што пролетта 2023 косовско-српските министри ја напуштија владата, претставниците на српското малцинство се повлекоа од сите државни институции и сите градоначалници од мнозинско српски општини се повлекоа од функциите. Кога косовската влада организираше локални избори, „Српска листа“,  единствената партија на српското малцинство во Косово, повика на изборен бојкот, организираше улични блокади и им се закануваше на гласачите и на кандидатите. 

Прво гласини, потоа реалност 

Звечан, општина северно од Митровица, кон која припаѓа и манастирот Бањска. Среде главната улица стои огромен православен крст, токму толку висок колку да може под него да помине камион. Многу луѓе се несигурни и се прашуваат дали инцидентот од викендот е почеток на пострашни судири или нова војна. Сами Курти, лекар кој во околината опслужува повеќе заедници вели дека „ние луѓето тука сме многу загрижени. Имаше гласини и предупредувања дека од Србија ќе дојдат наоружани групи кои планираат нешто од поголеми размери. За жал не беа само гласини, туку тоа стана реалност."

И де факто, во деновиве по инцидентот целата делница од Митровица до Бањска изгледа страшно.  Полиција и до заби наоружани војници патролираат, воени џипови и блиндирани возила возат по улиците, на пунктови се контролираат луѓе. 

Градоначалникот на Звечан, Илир Печи, се обидува да ја смири ситуацијата
Градоначалникот на Звечан, Илир Печи, се обидува да ја смири ситуацијатаФотографија: Vjosa Cerkini/DW

Страв да се зборува 

Градоначалникот на Звечан, Илир Печи, се обидува да ја смири ситуацијата. „Точно е дека луѓето многу се плашат, но полицијата по инцидентот стави се` под контрола“, вели тој. Печи е еден од албанските градоначалници на северот на Косово кои беа избрани со сами 3 до 4 проценти од гласовите по повлекувањето на српските колеги и изборниот бојкот на гласачите. Тој видливо се труди да не изговори ништо што би можело да биде конфронтирачки, или пак да каже нешто конкретно. Многу луѓе од околината воопшто не сакаат да зборуваат што веројатно е поврзано и со ситуацијата на северот на Косово. Таму доминира „Српска листа“, која евидентно е под влијание на Белград.Нејзиниот предводник, бизнисменот Милан Радоичиќ е најсилната фигура во Северно Косово. Тој се поврзува со бројни криминални активности, меѓу другото и со трговија на дрога. Тој има блиски односи со српскиот претседател Александар Вучиќ. 

Се убиваат луѓето што мислат поинаку 

Активисти и политичари кои се трудат за соработка со косовските институции, се ставани под притисок или уште полошо – се лишуваат од живот, како што беше во 2018 година пример со Оливер Ивановиќ, претседателот на граѓанската иницијатива „Србија, демократија, право“ кој се залагаше за тоа косовските Срби да се интегрираат во косовската држава. Убиството до денес не е разрешено. За еден од нарачателите се смета Радоичиќ, а тој веројатно стои и зад актуелниот вооружен напад. Така барем индицира видео снимка направена со дрон која беше објавена неделава од страна на косовското Министерство за внатрешни работи. На снимката се гледа Радоичиќ во дворот на еден посед во Митровица опколен со тешко наоружани мажи, а и тој самиот носи автоматска пушка и зборува на телефон. Видео снимката е направена нешто пред бегството на мажите во Србија. Не е ни чудо што многу луѓе од северот на Косово не сакаат јавно да зборуваат. Исто како и 24-годишниот Србин од почетокот на текстов кого го начекавме на пат кон работа. Тој вели дека на ниво на меѓучовечки односи изминатите години добро функционирале и додава дека „мали групи на луѓе се среќавале, разговарале, дури и заедно пиеле, но сега не знам како ќе биде понатаму“.

 

Вјоса Ќеркини
Вјоса Ќеркини Се занимава главно со теми од Косово, другите балкански земји и нивните односи со Западот
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема