Ескалација во Косово: ЕУ мора да проговори со јазик на моќта
26 септември 2023По размената на оган на северот на Косово, Приштина и Белград меѓусебно се обвинуваат. Останува нејасно прашањето кој ги опремил и испратил напаѓачите, пишува новинарот Томас Розер во текстот за Рајнише пост со наслов „Мистериозен напад“.
„Тажниот резултат од ескалацијата на насилството, која очигледно беше намерно поттикната: покрај убиениот полицаец, загинаа и најмалку четворица српски напаѓачи, а неколку луѓе беа повредени“, пишува германскиот весник. Потоа се пренесуваат реакциите на косовскиот премиер Албин Курти и на српскиот претседател Александар Вучиќ, но се констатира и дека „по крвопролевањето, ниту во Белград ниту во Приштина немало подготвеност за намалување на тензиите“.
„Факт е дека по ноќниот напад, многу работи остануваат нејасни“, пишува Рајнише пост: „Според српските медиуми, единственото нешто што во моментов изгледа сигурно е дека двајца од четворицата убиени маскирани лица дошле од северот на Косово. Но, каде се останатите околу 30 луѓе – освен четворицата убиени, шестемина уапсени и двајцата повредени напаѓачи пријавени од страна на Приштина? Извештаите дека повеќето од напаѓачите побегнале во Србија и дека двајца повредени борци се лекуваат на клиника во Нови Пазар, на југот на Србија, ги потврдуваат наводите на Приштина дека борците биле обучени и опремени во воени кампови во Србија“, пишува авторот.
Рајнише пост го завршува извештајот со тврдењето на Рада Трајковиќ од опозициското Европско движење на косовските Срби, која „го именува бизнисменот и заменик шеф на Српската листа, Милан Радоичиќ, како личност која би можела да стои зад нападот“. Весникот објаснува дека „косовското правосудство го бара Радоичиќ поради сомневање дека е вмешан во обидот за атентат врз опозицискиот косовски политичар Оливер Ивановиќ“.
Чудно обраќање на Вучиќ
„Речиси објава на војна“, гласи насловот на коментарот во Зиддојче цајтунг на новинарот Тобијас Цик, кој се занимава со обраќањето на Александар Вучиќ во неделата вечерта (24.09).
„Изјавата на српскиот претседател во која се изразува жалење за убиството на косовски полицаец звучеше речиси како објава на војна. Александар Вучиќ совесно изјави дека ’не сака да го оправдува’ убиството на албанскиот полицаец. ’Тоа е апсолутно за осуда’, рече тој, а потоа премина на напад на косовскиот премиер Албин Курти: ’Напаѓачите се кренале, бидејќи веќе не сакале да го трпат неговиот терор. Таквото сценарио беше само прашање на време’“, ги пренесува германскиот весник зборовите на Вучиќ. Но, како што оценува авторот, „неоправдувањето на нешто обично звучи поинаку“.
Во текстот се наведува и дека „Вучиќ нешто подоцна го информирал рускиот амбасадор во Белград за ’бруталното етничко чистење кое Курти го организирал со поддршка на дел од меѓународната заедница’“. Тоа, според авторот, значи дека „веќе не треба да има сомнеж во тоа каде Вучиќ моментално се лоцира себеси и својата држава - во логиката на косовската војна од крајот на 1990-тите, кога тој беше министер за информации на осомничениот воен злосторник Слободан Милошевиќ. "
На крајот, заклучокот: „Вистина е дека многу српски цивили на северот на Косово се исплашени и дискриминирани од понекогаш бруталните косовски специјални полициски единици. Курти тука треба повторно да изгради доверба. Во исто време, терористичкиот напад изминатиот викенд покажува дека дефинитивно има причини за масовно полициско присуство во регионот: арсеналот тешко вооружување што го покажаа напаѓачите не укажува на група обични, фрустрирани граѓани. А Вучиќ не може да се правда дека нема поим кој тоа предизвикува вооружени инциденти на северот на Косово. Сè додека тој тоа уште и реторички го ескалира, ЕУ може да заборави на сите свои посреднички напори меѓу него и Курти“, се заклучува во коментарот на Зиддојче цајтунг.
Што треба да направи ЕУ?
Под наслов „ЕУ има проблем со авторитетот на Балканот“, новинарот Андреас Ернст во коментар за швајцарскиот Ноје цирхер цајтунг оценува дека „Косово и Србија ги прекршиле ветувањата“ и дека „ова се лоши денови за преговарачите на ЕУ на Балканот“.
„Косовскиот премиер Албин Курти веднаш го обвини Белград. Наскоро ќе биде јасно дали тоа е рефлекс или резултат на познавање на фактите. Не многу пред тоа, тој преговорите со Србија ги прогласи за пропаднати. Тој го обвинува специјалниот пратеник на ЕУ, Словакот Мирослав Лајчак, дека е пристрасен, дека лаже и дека ја фаворизира српската страна. Таа стратегија е, во најмала рака, дрска, бидејќи преговорите и преговарачот се поддржани од сите земји од ЕУ. И - што е особено важно за Косово - Американците се со Брисел (вклучувајќи го и специјалниот пратеник).“
„Курти со тоа му игра директно на рака на својот противник, претседателот на Србија, Александар Вучиќ, кој се однесува како рационален државник, а притоа долева масло на огнот. Медиумската кампања против Косово, која тој ја контролира, е полна со расистички и бесрамни навреди, во која воедно се споменува и ’лицемерниот и пристрасен Запад кој ги малтретира српските жртви’“, пишува швајцарскиот весник.
„Сето тоа покажува дека Европската унија има проблем со авторитетот на Балканот и за тоа е самата виновна“, оценува авторот, а во заграда додава: „Само погледнете ја политиката на проширување во изминатите 20 години“. Но, како што забележува, „сега не се работи“ за политиката на проширување.
За што се работи? „Брисел и другите престолнини мора многу брзо и јасно да им стават до знаење на Белград и на Приштина што треба да направат. Всушност, тие го знаат тоа - двете страни веќе двапати се согласија со клучните точки за нормализацијата на односите - во Брисел, во април 2013 година и во Охрид, во март 2023 година. Косово мора веднаш да започне со формирање на Заедницата на српските општини. Станува збор за локална самоуправа, а не за автономна српска република на територијата на Косово. Тоа го знаат сите кои се вклучени. А косовските Срби, веднаш по општинските избори, мора да се вратат на своите позиции во косовската администрација, судови и полиција. Ред и закон на северот на Косово не можат да воспостават ниту само косовските полицајци ниту Еулекс. И тоа го знаат сите.“
Истовремено, како што пишува Ноје цирхер цајтунг, „Белград мора веднаш де факто (но не формално) да ја признае државноста на Косово“. Тоа значи дека ги признава документите на Република Косово и да не стои на патот на пристапот на Косово во меѓународните организации. Токму тоа значи нормализација во моментов“.
А што се однесува до Брисел и Европската унија - тие мора „во целина да го искористат сиот дипломатски и финансиски притисок за да ги натераат двете страни да ги спроведат ветувањата што ги дадоа. Косово е веќе под санкции. Доколку Белград брзо не го промени ставот, треба да се воведат мерки и против Србија. Укинувањето на визната либерализација би било особено болно“, укажува авторот на швајцарскиот весник. И на крајот заклучува:
„Европската унија нема само камшик, туку и морков. Брзата помош со инфраструктурни проекти и донаторска конференција се награди кои би биле од корист за двете страни. Сега е пресудна брзината. Европската унија потроши многу години на Балканот. Откако стратешкото опкружување се промени, време има сѐ помалку. Соочена со рускиот неоимперијализам и предизвикот на Кина, ЕУ вети дека брзо ќе го научи јазикот на моќта. Сега таа мора да зборува“.
„Вистинскиот проблем се вика Вучиќ“
Во врска со ескалацијата на Косово, берлински Тагесцејтунг објавува коментар на новинарот Ерих Ратфелдер, од кој извлекуваме: „Нема помош за оние кои со месеци велат дека Косовците под Албин Курти се тие што прават проблеми на Балканот и кои со тоа ја поттикнуваат српската страна да прибегнува кон сѐ поостри мерки за да ги постигне своите цели. Вистинскиот проблем се вика Александар Вучиќ и тој е претседател на Србија. Тој ги следи своите цели вредно, без никаква подготвеност за компромис. Компромисот за него значи слабост. Тој не сака да признае дека неговата стратегија за формирање Заедница на српски општини пропаѓа без признавање на Косово“.
„Вучиќ има кондиција да истрае, а европските дипломати ги гледа само како корисни идиоти кои може да ги задржува додека не се реши војната во Украина. Ако победи Русија, и тој победува на Косово. Дури и во Европа на Орбан и десничарските радикали, тој би имал шанса да ја спроведе својата позиција. Но, дури и во Европа на либералните демократии има струи и дипломати кои му одат во пресрет. Се чини дека ставот не е јасен и во Германија.Повеќе од кога било, потребна е јасност кон сите путинисти и автократи“, заклучува авторот на Тагесцајтунг.
„Можно е Вучиќ да не бил вклучен“
Истиот весник објавува и интервју со Ведран Џихиќ, политиколог од Австрискиот институт за меѓународна политика, кој смета дека до ескалацијата минатиот викенд на Косово не можело да дојде без тајните служби - или на Србија или на Русија - но дека е можно во тоа да не бил вклучен Александар Вучиќ.
„Сѐ уште не е јасно кој стои зад тоа. Она што може јасно да се каже е дека станува збор за професионална, паравоена група. Некои шпекулираат дека напаѓачите можеби биле обучувани од група платеници на Вагнер - но сè уште нема докази за тоа“, вели Џихиќ и додава:
„Знаеме дека во минатото секоја српска акција на северот на Косово беше диктирана од Белград. На прес-конференцијата во неделата вечерта, Вучиќ не делуваше како да има контрола над ситуацијата. Тој обично комуницира на поинаков начин, поагресивно и поцелно.“
Џихиќ нагласува дека „ни Вучиќ нема корист од овој инцидент“, а потоа објаснува: „Постојат две гледишта за ова: дека или група српски и/или руски разузнавачи дејствувале автономно за да го ослабат Вучиќ, или дека раководството во Белград било многу вклучено, дека можеби сакале континуирано да се вооружуваат, но планот не успеал и до ескалација дошло порано. Како и да е, инцидентот е незамислив без српските или руските тајни служби“, заклучува Ведран Џихиќ во интервју за Тагесцајтунг.
А во одговорот на прашањето за улогата на Русија, тој вели: „Србија и Република Српска се портите на руските интереси на Балканот. Веќе некое време се гледа дека Русија се обидува да предизвика немири со помош на тајни служби или евтини локални политичари кои се спремни да бидат инструментализирани - како Милорад Додик или Ивица Дачиќ. Русија со своето хибридно војување сака да му наштети на Западот, а тоа никаде не е полесно од овде. За Москва би било корисно да ги врзе западните ресурси и да отвори нов фронт во Европа“.
На крајот, за улогата на српскиот претседател, Ведран Џихиќ оценува: „Не верувам дека Вучиќ е вмешан, но на нивото под него работите можеле да му излезат од контрола. Вучиќ не може да си дозволи да влезе во судир со Косово или со Западот. Оној момент кога на српската војска би ѝ дал наредба за движење, Србија би била меѓународно отфрлена и отсечена од западното финансирање. Рационално кажано, тоа би било самоубиство“.