Вучиќ и Курти во Охрид постигнале делумен договор
19 март 2023Косово и Србија направија уште еден чекор кон нормализација на односите на маратонските преговори кои во саботата се одржаа во Охрид. Договорено е формирање на Заедницата на српски општини во Косово, но не е постигнат договор за прифаќање на приемот на Косово во ОН.
„Конечно по 12 часа имаме договор како да се спроведе договорот кој Србија и Косово го постигнаа на 27 февруари во Брисел“, изјави Борел пред новинарите во Охрид. Додаде дека не станува збор само за Косово и Србија, туку и за мирот, безбедноста и напредокот на целиот регион.
„Косово и Србија мора да ги нормализираат односите, нема друг пат“, рече Борел.
Вучиќ: Делумен договор
Српскиот претседател Александар Вучиќ рече дека на преговорите со косовскиот премиер Албин Курти е постигнат договор за неколку точки околу примената на договорот за патот кон нормализација на односите.
„Постигнавме некаков договор, ова нема да биде сѐ, овие неколку точки кои ги договоривме ќе станат дел од преговарачката рамка за двете страни. Во процесот кој е долг и сериозен, Европскиот совет ќе проценува колку кој сторил од имплементацискиот план кој ќе мора да биде проширен, иако мене не би ми пречело да остане ваков“, рече Вучиќ.
Вучиќ рече дека на состанокот „не потпишал ништо“ и оцени дека за Белград е многу значајно што „како приоритетна обврска е ставено формирањето на Заедница на српските општини (ЗСО), и тоа во согласност со претходно постигнатиот договор во рамките на дијалогот“.
Борел исто така потврди дека е договорено Приштина веднаш да започне со формирањето на ЗСО.
Вучиќ рече дека е задоволен од исходот на разговорите, и најави дека останува во следните месеци да се договорат и другите спорни точки.
Косовскиот премиер Курти потврди дека е постигната спогодба за имплементација на договорот, но го критикуваше Вучиќ дека одбил да го потпише договорот.
„Другата страна бега од потпишување на договорот…сега со анекс. Останува на Европската унија да најде механизам статусот на овој договор да го направи правно обврзувачки“, рече Курти.