Во моментов нашите политички елити се во стапица помеѓу два големи брана, кои се прекршуваат на темата уставни измени. Од една страна се наоѓаат големите геополитичките процеси, односно новата завеса помеѓу истокот и западот, која се протега од Полска до Турција, и во која ние природно сме на западната страна. Затоа, притисокот за затворање на евроатлантските интеграции за Западен Балкан ќе продолжи и ќе се засилува, имајќи предвид дека тоа веќе станува безбедносно прашање односно отворен фронт зад линијата. Од друга страна, имаме реален замор на политичкиот материјал, и кај елитите, но и кај електоратот, кои се противат на новата политичка цена, сметајќи ги како увертира во низа бесконечни барања за влез во ЕУ, кои ние никогаш нема да можеме да ги исполниме.
Така, во моментов сме во пат позиција. Тешко е дека сега, на крајот на мандатот, црпејќи ги последните резерви на политички капитал, власта ќе успее да собере, со било кој механизам, доволно пратеници за уставните измени. Она што е уште поинтересно, барем за мене, е леснотијата со која се појавуваат теории дека овој процес би бил полесен после изборите, или дека тој амбиент би бил податлив за откочување на преговорите. Сметам дека е тоа наивно гледање на политичките процеси. Не сакам да звучам како песимист, бидејќи сметам дека уставните промени ќе мора да се случат, порано или подоцна, но сметам дека ако е сега тешко, после изборите тоа прашање ќе биде уште потешко. Еве зошто.
Нов амбиент
Прво, политичкиот амбиент за уставните измени во Македонија ќе биде потежок. ВМРО ДПМНЕ, со својата тврда реторика по ова прашање, има пол позиција пред следните избори. Без оглед на политичкиот развој на настаните во меѓувреме, во кој не исклучувам можност за политички изненадувања, едно е јасно – наредниот состав на Собранието, па со тоа, и наредниот распоред на политичката моќ, ќе биде помалку наклонет кон промена на Уставот и кон продолжување на преговорите со ЕУ, одошто сегашниот состав. Следната власт, која и да биде таа, ќе се соочи со поконзервативна политичка атмосфера, во ист или полош клинч помеѓу притисокот на меѓународната заедница, и непопуларноста на бараниот потег. А правилото е: што е поконзервативен политичкиот амбиент, толку е поневозможно да се носат непопуларни одлуки. Оттаму, сметам дека можноста за решение на ова прашање после изборите се намалува, не се зголемува.
Второ, политичкиот амбиент во Европската Унија ќе биде потежок. Следи отворање на преговорите со Украина, и најверојатно со Молдавија. Тие два проекта ќе одземат многу енергија од ЕУ. Албанија ќе продолжи со преговорите по автоматизам, и ќе се одвои од нас. Овие два процеса ќе обезбедат доволен амбиент дека политиката на проширување е жива, и ние ќе бидеме ставени на втор колосек. Дополнително, ќе се случат ЕУ избори во јуни 2024, на кои се очекува нов состав на европскиот парламент каде апетитот за проширување ќе биде далеку намален од сегашната активна позиција. Понатаму, ќе се развива оваа теза за промена на моделот на одлучување, од консензуален во мнозински, што ќе ги закочи безмалку сите процеси доколку сегашната иницијатива се активира, па се пристапи кон вистински реформи во ЕУ. Ако имаме предвид дека промената на моделот на одлучување бара отворање на базичните повелби за пристапување, кои пак бараат ратификација во секој одделен национален парламент, тоа е процес кој може да трае со години. Со други зборови, во моментов имаме работа со најрасположена ЕУ за проширување од било која по наредните најмалку 5, најверојатно 10 години. Затоа, тој процес ќе биде потежок во иднина.
Нови компликации
Трето, следат неизбежни политички чекори кои овој процес ќе го направат покомплициран, од практични причини. Во Македонија следат претседателски и парламентарни избори. Без оглед на варијациите во тајмингот, ова прави да е практично невозможно до јуни 2024 да се случат уставните измени. Во јуни влегуваат на сила изборите за ЕУ парламент, и никој нема многу да се занимава со нас. Прва опција за конституирање на нова можност за продолжување на преговорите ќе биде септември или октомври 2024. Во тој момент, веќе влегуваме во предизборен период за локалните избори (закажани за 2025). Партиите нема да сакаат да си ги загрозат позициите пред локалните избори со еден реално ризичен политички проект. Значи, првиот реален прозорец на можности, односно релативно мирен политњички амбиент, е после 2025. До тогаш, можно е ЕУ веќе да не е во истата кондиција, да се сменат и регионалните и геополитичките услови, а ние овде да сме толку навлезени во политичка декаденција, да уставните измени не се веќе доволен услов за отблокирање на преговорите.
Затоа, мислам дека можеме да влеземе во една ваква стапица. Сите ја знаеме мантрата на јавната администрација, а тоа е дека се што е од среда попладне, се остава за „од понеделник“. Ако таа лаконска лежерност не зарази во овој процес, многу лесно можеме да се соочиме со одложување во бесконечност. Да не излезе од таа перспектива, сегашнава состојба да ни се чини лесна.