1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Уставните измени биле македонска иницијатива, тврди Османи

20 септември 2023

Наместо фокусот да се става на историско-идентитетски прашања, сме ја убедиле ЕУ тој да се помести на малцинските и човекови права, открива шефот на дипломатијата Бујар Османи.

https://p.dw.com/p/4WaEV
парламент Северна Македонија
Уставните измени биле македонска инцијатива, тврди ОсманиФотографија: Reuters/T. Georgiev

Уставните измени биле македонска инцијатива, односно „наш начин за да излеземе од историско-идентитетска група спорни прашања со Бугарија“, тврди шефот на македонската дипломатија Бујар Османи.

Во интервју за порталот „Фронтлајн“ тој објаснува дека во односите со Бугарија имало две траектории: историско-идентитетската дебата и прашањето на малцинските и човековите права на бугарското заедница во РСМ. Според Османи, РСМ ја одбила историско-идентитетската дебата, а со иницирање на уставни измени свесно го поместила тежиштето на процесот во поле кое што нам ни одговара.

„Иако имаше обид целиот фокус во дискурсот со Бугарија да се стави на овој историски и идентитетски корпус на прашање, ние успеавме - не само да направиме такво поместување, туку и да ја убедиме Европската унија дека целиот дискурс со Бугарија ќе се става низ призмата на малцинските и човековите права. Уставните измени се парадигма на тие малцински и човекови права. Уставните измени беа наш начин како да излеземе од оваа историско-идентитетска група на спорни прашања со Република Бугарија. И доколку не ги направиме уставните измени, кои беа на наша иницијатива, ние тогаш оставаме простор повторно дискурсот да се врати на претходните прашања и тоа не е наш интерес“, вели Османи.

Отткука, не му е разбирливо зошто има отпор кон уставните измени, ако тоа е спротивно на државните и националните интереси, посебно на интересите на Македонците. Смета дека единствената причина за тој отпор е што сè се калкулирало низ призма на изборите од страна на оние кои се обидуваат да ја злоупотребат фрустрацијата и емоцијата на граѓаните поради тешкиот пат низ којшто помина земјата, за да ја претворат во гласови, а утре повторно да ги имплементираат истите одредби, но од нивна позиција на власт.

Османи потенцира и дека не може ништо да се смени од преговарачката рамка.

„Преговарачката рамка е компромис којшто сме го прифатиле, затоа што сметавме дека е во наш интерес тоа што овие историски и идентитетски прашања не влегоа во преговарачката рамка. Прашањето за јазикот се утврди како конечно решение без никакви додавки. Потоа, историските прашања не влегуваат во делот на преговарачката рамка за кои има писмен извештај од Европската комисија и за кои се гласа во Европскиот совет, туку влегоа само малцинските права и човековите права - значи уставни измени и Акциски план за малцинства. Тоа е наше свесно поместување на тежиштето на процесот во поле каде што нам ни одговара. Затоа што ние сме најдобри во човековите права, ние сме најдобри во колективните права и сакаме да играме на терен каде што ние сме најдобри, а не на терен каде што нема објективна проценка и фактот дека сме во асиметрична позиција - тие во ЕУ, ние надвор - секако ние ќе бидеме оштетени од тој процес“, вели Османи.

Бујар Османи Северна Македонија
Османи: Уставните измени беа наш начин како да излеземе од оваа историско-идентитетска група на спорни прашања со Република БугаријаФотографија: Ministry for Foreign Affairs of North Macedonia

Нема „бугарски диктат“

Ова е прва изјава во која се тврди дека уставните измени биле македонска иницијатива. Јавноста немаше никакви сознанија за текот на преговорите меѓу РСМ и Бугарија и разговорите со ЕУ, со оглед дека тие се водеа во целосна дискреција. Дури и откако власта го прифати („францускиот“) европскиот предлог, никогаш и никој до денес не изјави дека уставните измени биле на македонска иницијатива. За тоа сведочи и фактот што опозициската ВМРО-ДПМНЕ до денес ја користи синтагмата „уставни измени под бугарски диктат“.

Уставните измени од 2021 година се спомнуваа исклучиво како приоритетно барање и услов на Бугарија. Тоа се случи откако тамошните власти ја сменија тактиката, па од историските теми фокусот го преместија на прашањето за почитување на човековите права, односно за впишување на македонските Бугари во Уставот на РСМ.

Ваквиот пресврт го најави лично бугарскиот претседател Румен Радев, кој призна дека Софија не била разбрана кога на земјите членки на ЕУ им ја објаснувала суштината на спорот за историските прашања, но била многу добро разбрана кога проговорила за човековите права.

„Кога почнав да зборувам за Копенхашките критериуми и кршењето на човековите права на Бугарите, тоа го разбраа европските лидери“, објаснуваше Радев во повеќе наврати во 2021 година.

Од тоа сознание произлезе и првиот услов за паѓање на бугарското вето.

„Сметам, дека впишувањето на македонските Бугари во Уставот на РСМ треба да биде задолжителен услов за давање согласност од страна на Бугарија за почеток на преговорите“, потенцираше бугарскиот претседател.

Во декември 2021 година, Радев се пофали дека повеќето од нивните европски партнери веќе го разбираат проблемот.

„Тоа оди многу подалеку од идејата за историски спор меѓу две соседни земји. Ова е проблем кој длабоко ги погодува темелите на самата ЕУ. Тоа се вредностите и принципите што ги исповедаме – човекови права и недискриминација. Нашите партнери конечно разбраа каде е вистинскиот проблем“, рече Радев.

Румен Радев Бугарија претседател
Бугарскиот претседател Румен Радев призна дека Софија не била разбрана кога на земјите членки на ЕУ им ја објаснувала суштината на спорот за историските прашања, но била многу добро разбрана кога проговорила за човековите праваФотографија: BGNES

Во дискреција, без одговори

Не е познато кога бугарското барање за уставни измени станало македонска иницијатива. До крајот на мандатот на премиерот Зоран Заев немало такво расположение. Во јули 2021 година, неколку дена откако тогашниот службен министер за надворешни работи, Светлан Стоев, изјави дека бугарското МНР би сакало и Бугарите во Северна Македонија да бидат впишани во Уставот на земјата, Заев изјавуваше дека Бугарите ќе бидат впишани во македонскиот Устав, но пред самото пристапување во ЕУ, заедно со други помали етнички заедници кои живеат во земјата, а не се вградени во него.

„Ние немаме никакви предрасуди. Ако некој бара утре тоа да го направиме, и да сакаме - не можеме. Две третини (мнозинство - н.з.) немаме, но јавно го кажуваме заради тоа што и Бугарите и Хрватите, и Црногорците и Египќаните и многу други етнички заедници ќе бидат вградени во нашиот Устав, спроти пристапувањето“, изјавуваше Заев.

Во октомври 2021 година, бугарската потпретседателка, Илијана Јотова, заслугата за тоа барање/услов му ја припиша на Румен Радев.

„Нашата земја изгуби многу време потпирајќи се само на историски факти кои се далечни и неразбирливи за европските партнери. Последната политичка влада не го отвори прашањето за правата на Бугарите во РСМ, потпирајќи се само на историските факти и Договорот за добрососедство.Дури по март 2021 година на европска маса беше ставена темата за правата кај нашиот сосед и тоа го направи претседателот Радев“, рече таа на средба со здруженија на Бугарите од Македонија.

Во ниту една политичка изјава во Бугарија досега не е спомнато дека уставните измени биле на иницијатива на западната сосетка.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема