1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиКосово

Косово: Нови тензии околу динарот

СН/агенции
21 мај 2024

Косовската полиција затвори шест филијали на српска банка во согласност со одлуката за забрана на динарот. Вашингтон реагираше со разочарување и предупредување од раст на тензиите.

https://p.dw.com/p/4g5ek
Шест филијали на банката Поштенска штедилница во северно Косово беа затворени од страна на косовската полиција
Шест филијали на банката Поштенска штедилница во северно Косово беа затворени од страна на косовската полицијаФотографија: Vjosa Çerkini/DW

Министерството за надворешни работи на САД соопшти дека е разочарано „што косовската полиција презеде акција во финансиските институции на северот на Косово по налог на Министерството за внатрешни работи“, оценувајќи дека тоа ги зголемува тензиите, објави доцна синоќа Гласот на Америка (ВоА).

„Прашањата поврзани со ова беа предмет на долги дискусии во рамки на дијалогот што го води Европската унија. Оваа акција не е координирана со меѓународните партнери и ги ескалира тензиите. Тоа ја поткопува перцепцијата за добрата волја на Косово во решавањето на отворените прашања со Србија преку дијалогот предводен од ЕУ“, одговори неименуван портпарол на Стејт департментот за ВоА.

Косовската полиција претходно соопшти дека во понеделникот (20 мај, 2024) на северот на Косово се затворени шест филијали на банката Поштенска штедилница. Како што се наведува, на банките се поставени официјални знаци за нивно затворање, а сите „натамошни полициски дејствија ќе се спроведуваат во соработка и координација со правосудните органи“.

Банкнота на српски динари и монети на евро
Банкнота на српски динари и монети на евроФотографија: Fotolia/Comugnero Silvana

Стејт департментот ја повтори „јасната загриженост“ на САД во врска со спроведувањето на изменетата регулатива на Централната банка на Косово, која забранува увоз и употреба на динари во Косово.

„Ја повикуваме владата на Косово да се врати на конструктивен ангажман во дијалогот со посредство на ЕУ како соодветен канал за решавање на прашањата поврзани со нормализацијата на односите меѓу Косово и Србија и да одговори на основните потреби на сите нејзини граѓани - вклучително и на оние од српското малцинство - негативно погодено од неодамнешните промени на валутните регулативи“, додаваат од американската дипломатија.

Почнувајќи од 1 февруари, владата побара од областите во кои доминира етнички српско малцинство на Косово да го усвојат еврото, кое се користи во остатокот од земјата, и ја укина употребата на српскиот динар.

Приштина го одложи овој потег за околу три месеци, по притисокот од Европската унија и од САД, загрижена дека одлуката негативно ќе влијае на етнички српското малцинство во северно Косово.