Борба против динарот: „Нечии деца ги оставаат гладни“
5 февруари 2024„Во борбата за и против динарот никој нема да победи, само гладните ќе станат уште погладни“, вели за ДВ Дарко Димитријевиќ, уредник на радиото Гораждевац од најголемата српска енклава во Метохија.
Неговиот сосед, поштар, во саботата (4 февруари, 2024) беше приведен од страна на косовската полиција на пат да ја разнесе социјалната помош за околу 150 семејства во Гораждевац. Поштарот е приведен заради одлуката на Централната банка на Косово за еврото како единствена валута која може да се користи за трансакции во готовина на Косово, со што околу 100 илјади Срби, Роми, Горанци и други кои живеат на Косово се оневозможени да примаат плата, пензија, социјални и други давачки од српскиот систем. Уредбата чие итно суспендирање и решавање во дијалог го бараа заеднички и поединечно ЕУ, САД, Велика Британија, Франција и Германија, во јавноста се смета за симболична борба меѓу еврото и динарот како платежно средство на Косово.
Но, уредбата е далеку посложена и спречува платен промет во српскиот систем, а истовремено дозволува алтернатива во косовскиот платен систем чии банки не ги признаваат српските институции на Косово како легални работодавачи. Па така владата на Косово на меѓународните партнери им тврди дека решение би било Србија да врши исплати во евра иако знае дека не е можно граѓаните кои работат во српските институции да отворат сметка во косовските банки со договорите кои ги поседуваат. Српските болници, здравствените домови, градинките и други економски субјекти исто така не може да отворат банкарски сметки во косовските банки, освен ако тие не ги признаат како легални.
Решението е ЗСО
Решение за ситуацијата постои, осмислено е уште во планот на Ахтисари, а разработено во првиот договор од Брисел. Тоа е Заедницата на српски општини, институција која ќе пружа услуги на Србите на Косово, а ќе биде признаена од Косово и од Србија. Но, бројни косовски влади веќе 11 години одбиваат да го спроведат ова решение. Уредбата на КЦБ стапи на сила на 1 февруари годинава, но за сега семејствата кои примаат социјална помош во Гораждевац, Осојане и Велика Хоча единствените кои ја почувствуваа затоа што се уште има залиха на динари кои биле увезени пред 1 февруари. „Тажно е тоа што не запленија четири милиони динари на корумпираните, туку во својата имагинарна борба удрија по најсиромашните граѓани. Полицијата успеа нечии деца да ги остави гладни“, вели Димитријевиќ.
Гораждевац ден пред тоа го вознемири појавата на Специјалните полициски единици кои ги претресуваа канцелариите на Привремениот орган на општина Печ која работи во српскиот систем и таму ја конфискуваа документацијата. Гасењето на овие структури е предвидено со предлог планот за чекорите за спроведување на Охридскиот рамковен договор, но и предуслов за овој чекор е формирање на Заедница на српските општини.
Претрес на просториите на радиото
Во петокот изутрина нешто по 10 часот, Димитријевиќ со колегите се спремал на опат во Северна Митровица кога во центарот на малото место, во непосредна близина на Радио Гораждевац се појавил поголем број полицајци. Тие без налог, како што сведочи Димитријевиќ, ги претресле и просториите на Радио Гораждевац, а потоа повеќе часови и неговиот приватен автомобил.
„Ако е се по словото на законот, зошто не ми беше дозволено да го снимам сето тоа и да си ја вршам новинарската работа“, го прашал полицаецот кој за време на претресот стоел зад него повторувајќи закани дека ќе му ги одземе мобилниот телефон и опремата доколку се обиди нешто да снима. За тоа време, камерите кои ги следеле двајцата косовски министри во акција и снимале пропагандни пораки, можеле да работат непречено. Полицаецот кој го надгледувал претресот на неговото возило, командир на станицата во Печ, Дарко го познава веќе две децении, од кога ја врши новинарската работа, а првиот работен ден му бил убиство на српските деца на Бистрица во 2003 година. Еден од министрите кои го надгледувале затворањето на српските институции му е комшија. „Командирот секогаш го снимаме, се гледаме на настани, исклучувам било каква можност да било тоа од незнаење. Ако сме им биле сомнителни, само затоа што знаат дека сме српска редакција“, вели Дарко и додава дека со начинот на кој акцијата е спроведена на српскиот народ му е пратена порака дека нема можност за соживот. „Оваа албанска политичка елита од Приштина има за цел од Косово да направи моноетничко општество. Министерот Красниќи дојде да ги дисциплинира своите комшии, луѓето со кои порасна, а сиот тој хаос го набљудуваа многу млади деца Срби. Кога тие полицајци утре ќе заминат во пензија, како тие деца да ги заменат кога биле сведоци на нивната репресија“, предупредува тој на генерациско заострување две децении по војната на Косово.
Критики од САД
Во саботата во вечерните часови, но и во интервјуата пред тоа, амбасадорот на САД во Приштина Џефри Ховенијер рече дека е длабоко загрижен заради постапките кои непотребно ги подигаат етничките тензии и следствено ги ограничуваат можностите на САД да бидат ефикасен заговорник за Косово на меѓународната сцена. Покрај уредбата која ќе го оневозможи српскиот платен промет, тој изрази и загриженост за случувањата во Гораждевац, Осојане, Исток и Драгаш каде што исто така министерското дуо Џелал Свечла и Елберт Красниќи ги затворија Привремените органи на општина Гора, кои функционираат во српскиот систем и се грижат за Горанците. Красниќи кој и самиот е припадник на немнозинската заедница длабоко погодена од уредбата, не се огласи за положбата на Ромите, Ашкалиите и Еѓупќаните од кои илјадници се корисници на социјална помош од Србија. Немаше збор ниту од српскиот министер во владата на Косово, Ненад Рашиќ, кој беше именуван наспроти волјата на српските претставници во Парламентот и уставните механизми за поделба на власта. Конечно, ниту заменичката на премиерот од Бошњачката заедница, Емилија Реџепи, нема мислење за темата. Напротив, Реџепи, која во предизборната кампања на својата заедница и вети дека ќе се залага за децентрализација и формирање на мнозински бошњачки општини во Призрен, сега изјавува дека се противи на формирањето на Заедница на српски општини за да не дојде до отворање на Пандорината кутија.
„Јас на пример би можела да барам бошњачка општина, односно општина со мнозинство бошњачки жители. И кој тоа после може да го забрани“, рече таа за Гласот на Америка.
Ховенијер пак, во истото соопштение уште еднаш побара суспензија на одлуката на Централната банка и наведе дека очекува од косовските власти луѓето без натамошно одложување да ја добијат социјалната помош која полицијата ја заплени.