Косовските Срби – последните луѓе со пасош од втора класа
4 јануари 2024„Цел Западен Балкан сега е поврзан со Шенгенската зона преку визната либерализација“, напиша на мрежата Х во понеделникот (1.01.2024) високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел.
Тогаш на сила веќе стапи- визната либерализација за Косово, седум години откако тоа го предложи Европската комисија.
Во изјавата на Борел меѓутоа не се пронашла Љубица С. Од Северна Митровица. Иако е родена и живее во Косово и поседува пасош, таа барем уште некое време ќе мора да аплицира за виза.
Љубица е една од, се претпоставува, неколку илјади граѓани од Балканот кои останаа без визна либерализација зашто поседуваат само српски пасош. И тоа оној кој не го издава ниедна полициска управа во Србија, туку централизирано тело на српското МВР кое се вика Координативна управа (КУ).
„Не сметајќи ги граѓаните на Русија и Белорусија, граѓаните на Србија кои имаат пасоши од КУ се единствени жители на Европа на кои не им е дозволено слободно патување во земјите од Шенген“, вели за Дојче веле Драгиша Мијачиќ, координатор на српската Работна група за поглавјето 35 од Националната конвенција за Европската унија.
„Пасошите на Координативната управа се издаваат за граѓани на Србија кои имаат престој во Косово. Тие не мора нужно да живеат во Косово или да бидат граѓани на Косово. Многу од нив одамна се отселени од Косово, но единствената адреса на престој им останала таму“, објаснува Мијачиќ.
Сага со пасошите од втора класа
КУ е оформена во август 2009 година со уредба на владата на Србија во рамки на дијалогот на ЕУ и Србија за визна либерализација, која на сила стапи во декември истата година.
Услов на Европската комисија за препорака за визна либерализација за државјаните на Србија беше релоцираните полициски управи од Косово, за Косовска Митровица, Приштина, Призрен и.т.н. веќе да не издаваат пасоши на државјаните на Србија со престојувалиште во Косово, туку таа надлежност да се пренасочи на централизирано тело.
Истовремено, од Србија се барало да ги заостри безбедносните процедури за издавање на тие пасоши кои се изземени од безвизниот режим. ЕК тогаш стравуваше од „илегална миграција“ од Косово.
Поради тоа, во текот на годините, многу косовски Срби, но и Албанци, Роми и Горанци и други од Косово кои се државјани на Србија, се обидуваа престојувалиштето, макар и фиктивно, да го префрлат во некој од градовите во Србија и да добијат „нормални“ пасоши.
Не можат сите Срби да добијат косовско државјанство
Други пак вадат косовски пасоши. Но, тоа не е опција за Љубица, чиј татко Петар веќе со години безуспешно се обидува да се регистрира во косовскиот регистар на граѓани.
„Тоа е усвоено во 2000 година и ние имаме решение од српскиот Центар за социјална работа кое косовското Министерство не го признава, а судот одбива да го завери во страв дека со тоа ќе ги признае органите на Република Србија во Косово. Отпусна листа од болница немаме“, раскажува таткото Петар С.
Без регистрација Љубица не може да добие косовска лична карта, па ни пасош, и не е единствена. Поради непризнавање на српските изводи од матични книги на умрени, родени и венчани, како ни судски одлуки за развод или решенија од други српски институции, значаен број Срби, Роми и други и натаму не можат да добијат косовски документи.
Без косовски документи и без визна либерализација за тие луѓе, на кои не им се знае точниот број, единствена опција останува токму српски пасош кој го издава КУ. Така, тие луѓе остануваат единствена група на Западен Балкан која не е опфатена со визна либерализација.
Колку има такви пасоши?
КУ во 2016 година издала преку 97.000 пасоши, а српското МВР оттогаш нема објавено нови податоци. До денес тој број е веројатно преполовен, зашто мнозинството се снашло со прибавување „вистински" српски пасош или поретко, косовски.
За тоа колку е денес редок пасош издаден од КУ зборува и искуството на Милица Радовановиќ од Северна Митровица. Во последните година и пол таа со пасош од КУ патувала во Полска, Холандија, Германија, Белгија и Грција. На аеродром во Виена морала да објаснува зошто има едногодишна грчка виза кога ниту живее, ниту работи во Грција.
„Ѝ објаснував на службеничката на пасошка контрола дека имам ’посебен’ српски пасош и дека за влез во ЕУ ми треба виза. Не стигнав да ја завршам реченицата, нејзе ѝ ’светна’, се насмеа и рече: 'Oh I remember this one. It is so rare'. Тогаш воодушевено го повика колегата да му го покаже велигденско јајце кое го пронајде, потоа ми го врати пасошот и ми посака среќен пат.“
Европската комисија го препозна овој проблем и предложи визна либерализација за пасошите издадени од КУ, образложувајќи дека веќе не постои опасност од илегална миграција и дека таа мерка не е во согласност со политиката на ЕУ за забрзување на процесот на приближување на земјите од Западен Балкан.
Иако ЕК им го изнесе предлогот на членките од ЕУ и на Европскиот парламент уште во ноември, за него не се разговараше на самитот на ЕУ во декември. „Следна прилика е во март, кога се очекува усвојување на измените на регулативата и престанок на дискриминација на овие граѓани на Србија“, вели Драгиша Мијачиќ.
Приштина се противи
Слични очекувања има и Петар. „Се надевам и верувам дека до таа одлука ќе дојде во првата половина од годинава. Претпоставувам дека досега не е донесена само за да ги поттикне Србите во што поголем број да земаат косовски пасоши. Не разбираат дека за некои тоа е неможно“, вели тој.
Во исчекување на либерализацијата, косовското МВР во последно време издало повеќе од 287.000 пасоши. Во општините во северно Косово, претежно населени со Срби, од август до октомври лани е издаден 531 пасош, односно околу 300 пасоши повеќе отколку во истиот период претходната година.
Ова во косовските медиуми се толкуваше како „масовно“ земање пасоши од страна на косовски Срби и показател на повисок степен на интеграција.
Истиот аргумент го користеше и косовската влада, но и дваесетина невладини организации од Косово, кои од ЕК јавно побараа да не дозволи визна либерализација за пасошите на КУ, зашто таква мерка наводно би спречила натамошна интеграција на косовските Срби.
На таквата оценка се спротивставија невладини организации кои работат во српските средини во Косово и подвлекоа дека вистинскиот проблем во интеграцијата лежи во пречки со какви се соочува Љубица С. Таа веројатно побрзо ќе дочека визна либерализација за пасошите издадени од КУ отколку косовски пасош на нејзино име.