1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Враќањето на визите- „оружје“ на ЕУ против Србија

2 ноември 2022

Србија не треба да биде условена со прекин на пристапните преговори, бидејќи влезот во ЕУ е реален исто како и одењето на Марс, пишува Франкфуртер Алгемајне Цајтунг. Но, безвизните патување се веќе друга работа

https://p.dw.com/p/4IycL
виза
Од 2009 година Србија е во безвизен режимФотографија: DW/S. Kljajic

Во последно време често се слушаат обвинувања дека Србија „се обидува да ја дестабилизира ЕУ по налог на Русија“, пишува Франкфуртер алгемајне цајтунг. Тој потсетува на тврдењето на Константин Куле, заменик шеф на пратеничката група на либералите во Бундестагот, кој изјави дека „српската влада е продолжена рака на Путин на Балканот“, а слично рече и Мајкл Штибген, демохристијанскиот министер за внатрешни работи на Покраината Бранденбург.

Имено, тие тврдеа дека Србија намерно пушта луѓе од Индија, Тунис, Бурунди или Куба во земјата без визи за да можат да одат во ЕУ и да бараат азил. Штибген тоа го нарече „азилантски туризам“ којшто Србија го поддржува. Германските политичари побараа да се преиспитаат преговорите на Белград за пристапување во ЕУ или пари од претпристапните фондови. 

Но, како што пишува ФАЦ: „Сомнежите во Србија се разбирливи, но во овој случај неодржливи“. Секако не придонесува кон довербата тоа што балканската земја не се приклучи на санкциите против Русија. Но, погрешни се обвинувањата дека Србија, по наредба на Путин, ја поткопува ЕУ со поттикнување на нерегуларна миграција“. 

Вучиќ ја зајакнува моќта 

Весникот наведува дека главната цел на српскиот претседател Александар Вучиќ е „да ја зајакне својата моќ. Малку е веројатно дека ќе ризикува сериозен конфликт со ЕУ, каде што се наоѓаат најважните пазари и трговски партнери на Србија - се додека неговото останување на власт не зависи од тоа“.

Наведувајќи дека ЕУ не е среќна што - покрај 4,5 милиони украински бегалци - голем број мигранти од Индија или Бурунди сега пристигнуваат преку Србија, франкфуртскиот весник ги разгледува заканите што се упатени кон Србија поради тоа:

„Предупредувањата за можното замрзнување на пристапните преговори се тап меч против Белград. Тие преговори стагнираат со години. Нивното раскинување не би оставило впечаток кај српското население кое и онака е критично кон ЕУ. Дополнително, дури и меѓу застапниците на ЕУ во Белград, речиси никој не верува дека влезот во ЕУ е реален“, се додава во текстот. „На ист начин на Србија би можело да и се забрани пристап до Марс“.

Поинаку е, пишува ФАЦ, со темата што ја спомена еврокомесарката за внатрешни работи, Илва Јохансон - дека ЕУ го укинува безвизниот режим за граѓаните на Србија за патување во Шенген зоната. 

„Тоа многу би влијаело на српската економија, како и на претежно урбаното население кое патува, како и на властите. Тоа е најсмртоносното оружје во бриселскиот арсенал“, коментира весникот.

Од 2013 година има механизам за такво нешто во ЕУ, да речеме во случај да има „значително и нагло“ зголемување на бројот на нерегуларни мигранти од одредена земја. 

Доколку повторно се воведат визи за српските граѓани, „многумина во Србија би се сеќавале на времето на санкции, војните и автократот Слободан Милошевиќ“, пишува ФАЦ. „Земјата се ослободи од тоа чувство на изолација, кое го чувствуваше како тежок кошмар, кога беа укинати визите во 2009 година, што беше вистинска пресвртница. Гневот поради враќањето во мрачните времиња секако би бил насочен против српската влада“.

Но, додава весникот, на предупредувањата веќе реагирал и претседателот Вучиќ. Во ноември, два српски договори за безвизно патување - со Бурунди и Тунис - ќе истечат, додека Брисел врши притисок да се направи истото и со Индија. 

„Европската Унија сè уште има влијание на Балканот, бидејќи со визната либерализација даде нешто што државите од регионот не сакаат да го изгубат“, заклучува Франкфуртер алгемајне цајтунг