ЕУ го зголемува притисокот врз Србија
14 октомври 2022Поради растечките бројки на бегалци преку Балканската рута, ЕУ бара од Србија да ги заостри своите визни правила.
„Србија мора да ја промени својата визна политика“, истакна германската министерка за внатрешни работи Ненси Фезер на средбата со нејзините ресорни колеги од ЕУ во Луксембург. Еврокомесарката за внатрешни работи Илва Јохансон како средство за притисок не исклучи ни корекција на визната либерализација за српските државјани. „Мораме да го запреме приливот на бегалци“, предупреди Јохансон.
Според информациите на Европската агенција за заштита на границите, Фронтекс, од почетокот на годината преку т.н. Балканска рута преку 106.000 луѓе влегле нелегално во ЕУ, 170 проценти повеќе од истиот период пред една година, што истовремено е највисоко ниво по 2016 година.
ЕУ ја обвинува Србија и другите балкански земји за подривање на правилата за влез во Шенгенскиот простор. Србија на пример има склучено договори за безвизен влез за граѓани од држави како Индија, Тунис и Турција, изјави луксембуршкиот министер за внатрешни и за надворешни работи, Жан Аселборн: „Тие секако не остануваат во Србија, туку го продолжуваат патот натаму кон земјите од западна Европа“.
Преку Балканската рута, која обично ја користат Авганистанци и Сиријци, моментално доаѓаат голем број луѓе во ЕУ и од источноафрикански земји како Бурунди, па дури и од Куба. Многу од овие дојденци немаат никаква шанса за добивање азил во Европа. Покрај Германија, Франција и Италија, силно оптоварени се и транзитните земји како Австрија и Белгија.
Германската министерка Фезер како едно од средствата за можен притисок ја спомена желбата на Србија за прием во ЕУ- еден од критериумите за влез претставува и усогласената визна пракса, истакна таа.
Специјалниот претставник на германската влада за Западен Балкан, Мануел Сарацин укажа на најавата на српскиот претседател Александар Вучиќ за ускладување на визната регулатива на Србија со европските стандарди, како на важен чекор кој би придонесол за намалување на транзитирањето на бегалци низ Србија“.