1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Србија – нова влада, стара политика?

Ивица Петровиќ
24 октомври 2022

Познати се речиси сите имиња во новата српска влада. Тоа е влада на континуитет– балансирање на надворешната политика и ескивирање на одлуките, а на внатрешен план продолжување на коруптивните афери.

https://p.dw.com/p/4IaTN
Старо-новата српска премиерка Ана Брнабиќ и претседателот на Србија, Александар Вучиќ
Старо-новата српска премиерка Ана Брнабиќ и претседателот на Србија, Александар ВучиќФотографија: MiloÅ¡ MiÅ¡kov/AA/picture alliance

Новата српска влада ќе има 25 министерства, четири повеќе од досега, што беше доволна причина за бројни критики во јавноста. Опозицијата смета дека идната влада ќе биде премногу гломазна и бавна во справувањето со предизвиците, додека власта ја наведува токму компликуваната политичко-економска ситуација како причина за зголемениот број министерства.

Како што наведуваат надлежните, во владата ќе има 13 нови имиња, а отсуството на некои имиња го толкуваат не како казна, туку како потреба тимот периодично да се менува и нови луѓе да добијат шанса. Мандатарот на новата влада повторно ќе биде Ана Брнабиќ. Во моментов не се знае кои ќе бидат првите луѓе во Министерството за информации и телекомуникации, како и во Министерството за јавни инвестиции.

Како „неуништив“ кадар се појавува Братислав Гашиќ, кој по многубројните подеми и падови, и период „под мраз“ сега ќе биде министер за внатрешни. Метеорскиот подем на Милош Вучиќевиќ во СНС продолжува бидејќи тој сега ќе биде министер за одбрана и потпретседател на Владата. Горан Весиќ, кој практично ја извршуваше функцијата градоначалник на Белград за што не собра многу симпатии и пофалби, сега заминува на функцијата министер за градежништво, сообраќај и транспорт.

Како интересен потег се толкува и кандидатурата на Томислав Жигоманов, лидер на Демократскиот сојуз на Хрватите во Војводина, ДСХВ, кој ќе биде министер за човекови права и малцинства. Александар Вучиќ оваа кандидатура ја претстави како „изненадување“ и овој потег е веќе позитивно оценет во првите реакции од Хрватска.

Невообичаена е и ротацијата на досегашниот министер за надворешни работи Никола Селаковиќ како прв човек на Министерството за труд, боречки и социјални прашања, што во Белград се оценув како деградација во однос на претходната функција.

Тврдокорна влада

Кадровските решенија во новата влада не се некое големо изннадување, но во секој случај вниманието го привлече фактот што во новата влада нема да бидат ниту Зорана Михајловиќ, Небојша Стефановиќ, Александар Вулин, Зоран Лончар и Вања Удовиќ.

Александар Вулин, повеќе нема да биде министер за одбрана на Србија
Александар Вулин, повеќе нема да биде министер за одбрана на СрбијаФотографија: Valeriy Sharifulin/POOL/picture-alliance

„Никој не очекуваше дека ова ќе биде реформска или прозападна влада,“ вели за ДВ Филип Шварм, одговорен уредник на неделникот „Време“ и додава дека на надворешно политички план „ова ќе биде влада со ‘двојна игра’, додека на внатрешен план ќе биде продолжение на коруптивните афери и настапи на министрите во стилот на ријалити шоу“.

„Како и секогаш, и формирањето на оваа влада беше проследено со многубројни гласини дека во новата влада ќе се најдат и непартиски лица, претставници од невладиниот сектор, па дури и некој од опозицијата. Но, секако нема ништо од тоа, и ова е една тврдокорна влада која и понатаму ќе ја води Александар Вучиќ,“ вели нашиот соговорник.

Неутрална влада?

Социјалистичката партија на Србија, СПС се смета за голем победник во партиската прераспределба бидејќи доби дури пет министерски места. Лидерот на СПС, Ивица Дачиќ се враќа на местото министер за надворешни работи, а ќе биде и координатор на безбедносните служби. Очигледно е дека надворешно политичките предизвици ќе бидат клучни во следниот период и Вучиќ на некој начин беше принуден на ова место да го врати Дачиќ, кој не се прослави со познавање на странски јазици, но е вешт и искусен политичар кој со својот жовијален настап би тебало да ги омекне тврдите срца на европските и светските политичари.

Но ова веќе предизвика конфузија кај аналитичарите во Србија кои по објавувањето на спсиокот со кандидати одмеруваат дали владата ќе биде прозападна или проруска.

Дел тврдат дека во владата нема имиња кои се изразено прозападни или проруски, но други коментираат дека за проруски може да се сметаат кандидатите за министри на СПС, како и дел од министрите на СНС. За прозападни кадри пак се сметаат Тања Мишчевиќ, министерка за евроинтеграција и Дубравка Ѓедовиќ Негре, новата министерка за рударство и енергетика која беше регионален директор на Европската инвестициска банка за Западен Балкан.

Лидерот на СПС, Ивица Дачиќ се враќа на функцијата министер за надворешни работи
Лидерот на СПС, Ивица Дачиќ се враќа на функцијата министер за надворешни работиФотографија: DW

Губитници во новата распределба

Можеби најголемото изненадување е тоа што во новата влада нема да биде Зорана Михајловиќ, која во српската јавност важи за кадар под американска заштита, а која според урбаните легенди токму поради тоа е невозможно да се заобиколи во важни кадровски комбинации. Во последните неколку недели таа даде неколку изјави во кои гласно бараше санкции против Русија, ја критикуваше Русија дека води освојувачка војна и бараше од српските власти да се оградат од тоа.

Филип Шварм вели дека „таа веќе подолго време го иритирала тврдото крило на Српската напредна парија кое смета дека таа не е доволно национално определена. Никогаш не верував дека таа им е толку важна на Американците и дека е невозможно да ја избркаат од српската влада. Ако останеше во владата по кампањата против неа во партијата, и по нејзините последни изјави, тоа би значело дека Вучиќ попуштил пред некој американски притисок, а тој сепак сака да го зачува имиџот на некој кој сам одлучува за сѐ,“ коментира Шварм.

Во однос на другите изненадувања како Александар Вулин и Небојша Стефановиќ, Шварм вели „дела за Александар Вулин веќе се слуша дека ќе биде директор на Безбедносно – информативната агенција, БИА, како и дека очигледно знаел дека повеќе нема да биде дел од владата поради што со своите шовинистички изјави остави политички печат и си замина со фанфари.“ Според Шварм за Небојша Стефановиќ „е вистинско чудо како волку долго опстана во владата. Против него се изјасни цела СНС, рокот едноставно му истече и неговата понатамошна политичка судбина е целосно неизвесна,“ оценува тој.

Филип Шварм, одговорен уредник на неделникот „Време“
Филип Шварм, одговорен уредник на неделникот „Време“Фотографија: DW/N. Rujevic

Политика на „Добро утро чаршијо!“

Санкциите против Русија и решавањето на косовскиот проблем ќе бидат клучни теми со кои ќе се занимаваат српските власти во наредниот период. Ако се погледне кадровскиот состав на идната влада, дали врз основа на тоа може да се заклучи каков ќе биде надворешнополитичкиот курс на Србија по формирањето на новата влада?

Филип Шварм смета дека „составот на владата не ги одразува ставовите на Вучиќ и дека новата влада е повеќе фокусирана на домашната сцена и на подмирување на интересните групи. Владата ќе ја аминува секоја негова надворешно-политичка одлука, а неговата надворешна политика е политика на двојна игра. Самиот Вучиќ изјави дека СПС добро прошла поради поддршката на Русија по почетокот на војната во Украина, и еве Дачиќ е министер за надворешни работи. Како проруски кадар може да се смета и Никола Селаковиќ досегашниот шеф на дипломатијата.“

„Мислам дека врз основа на сето ова може да се заклучи дека ова е политика - добро утро чаршијо на сите четири страни на светот (н.з. истовремено “седење на Белград на четири столчиња“ – Русија, ЕУ, Кина и САД). Со ова ќе се купува време околу санкциите за Русија и Косово, бидејќи притисокот на меѓународната заедница нема да биде насочен кон оваа влада туку кон Александар Вучиќ,“ заклучува одговорниот уредник на неделникот „Време“.