Визна либерализација за Косово од 2024 година
15 декември 2022ЕУ постигна начелна согласност за укинување на визите за граѓаните на Косово.Европскиот парламент и Советот на ЕУ соопштија дека Косовците ќе можат да патуваат без визи во ЕУ најдоцна од почетокот на 2024 година. Тие ќе може без виза да престојуваат во земјите членки на ЕУ двапати годишно, по 90 дена.
Косово е единствената земја од Западен Балкан која досега не профитира од визна либерализација. Холандскиот европратеник Тијс Ројтен, кој го предводеше тимот на Европскиот парламент во преговорите за новите правила за патување, зборува за „многу важен момент“ за „европската иднина“ на Косово.
Владата на Косово, според сопствени наводи, вчера официјално поднесла барање за приклучување во ЕУ. „Ова е историски момент за нашата земја, со кој сакаме да отвориме ново поглавје за нашата држава и општество“, изјави косовскиот премиер Албин Курти. Тој, заедно со косовската претседателка Вјоса Османи и претседателот на парламентот Глаук Коњуфца, ги потпиша документите со кои се бара приклучување во Унијата.
Процесот на приклучување на Косово во ЕУ веројатно ќе биде долг и комплициран. Покрај Србија, независноста на Косово ја немаат признато ниту ЕУ-членките Шпанија, Грција, Кипар, Романија и Словачка.