Конгресни избори во САД: Изедначена позиција за Сенатот
12 ноември 2022Демократите на американскиот претседател Џо Бајден ги подобрија шансите за задржување на тесното мнозинство во Сенатот. По повеќедневното пребројување на гласовите од конгресните избори во сојузната држава Аризона, се знае победникот – екс астронаутот Марк Кели го претрка републиканскиот конкурент Блејк Мастерс. Сега Демократите и Републиканците се во изедначена позиција – имаат по 49 сенатски места. На Демократите им недостига само уште едно место за да ја одбранат минималната доминација во Сенатот, зашто доколку остане актуелната пат ситуација од 50 наспрема 50, одлучувачки за тесно мнозинство ќе биде гласот на потпретседателката Камала Харис.
Фокусот сега се преместува на пребројувањето на гласовите во Невада, доколку и таму остварат победа, тогаш Демократите ќе ја задржат контролата во Сенатот. Во случај на успех на Републиканците во Невада, конечната одлука се одложува, ќе биде донесена на 6 декември во Џорџија, каде се одржува втор круг гласање, зашто на конгресни избори во вторникот ниеден од кандидатите не освои повеќе од 50 проценти гласови.
Во трката за Претставничкиот дом предничат Републиканците. Според последните пресметки, им недостигаат само уште седум мандати за да го достигнат потребното мнозинство од 218 седишта и да ја освојат контролата во ова тело. Демократите имаат обезбедено 199 мандати. Отворена е трката за уште 27 седишта, а таа е прилично изедначена.
Од исходот на меѓуизборите зависи ефективноста на претседателот Џо Бајден во втората половина од неговиот мандат до претседателските и конгресните избори во 2024 година.
Резултатот отстапува доста од прогнозите пред изборите, кои навестуваа „црвен“, републикански бран.
Сѐ повеќе во круговите на Републиканците вината за потфрлувањето му се припишува на Доналд Трамп. Иако бившиот претседател не беше на избор, беше масивно вклучен во кампањата и протежираше бројни кандидати, кои до денес не ја признаваат победата на Бајден на претседателските избори во 2020 година, но на овие избори беа поразени.