1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Избори во САД: Републиканците не ги исполнија очекувањата

9 ноември 2022

Иако сè уште не се објавени сите резултати од американските конгресни избори, веќе може да се извлечат одредени заклучоци. Најважно е дека демократите на претседателот Џо Бајден поминаа подобро од очекуваното.

https://p.dw.com/p/4JHea
избори САД
На изборите во САД не се случи „црвен бран“Фотографија: HERRERA-ULASHKEVICH/EPA-EFE

За што се гласаше?

На овие меѓуизбори, кои се одржуваат на средината на мандатот на претседателот Џозеф Бајден, беа избрани сите 435 членови на Претставничкиот дом и 35 од 100 членови на Сенатот. На републиканците им треба уште едно место во Сенатот и уште пет места во Претставничкиот дом за да имаат мнозинство во двата дома на Конгресот. 

Беа избрани и носители на многу гувернерски и други важни функции во сојузните држави.

Исходот од изборите одлучува колкав простор за маневрирање ќе има претседателот Бајден во следните две години. Ако републиканците освојат мнозинство во Конгресот, втората половина од мандатот на Бајден ќе биде одбележана со ќор-сокак и внатрешни борби. Доколку освојат мнозинство во еден или во двата дома на Конгресот, Бајден повеќе нема да може да спроведува големи законодавни иницијативи. 

Изостана „црвениот бран“ 

Пред изборите, анкетите предвидуваа дека Републиканската партија ќе освои мнозинство во двата дома на Конгресот.  Анкетите на јавното мислење дури им најавуваа многу убедлива победа во Претставничкиот дом. Но, тој „црвен бран“ (наречен по партиската боја на републиканците) засега не се случи. 

избори САД
Броењето е во текФотографија: Cheney Orr/REUTERS

Демократите успеаја да добијат мандати во одредени сојузни држави каде што трката беше неизвесна до самиот крај. Сепак, гласовите се уште се пребројуваат во многу изборни единици, па не е исклучено Републиканската партија на крајот да освои мнозинство - само не толку убедливо како што предвидуваа предизборните анкети. 

Поддршка за Трамп?

Овие избори не се само тест за претседателот Бајден, туку и за неговиот претходник Доналд Трамп. Имено, тој во пресрет на изборите за следниот вторник (15 ноември) најави „објавување на важна одлука“. Се претпоставува дека ќе ја објави својата повторна кандидатура за претседателските избори во 2024 година.

Овие дополнителни избори треба да го покажат расположението на гласачите. Иако Трамп не се кандидираше на овие избори, тој беше многу активен во предизборната кампања на многу кандидати, особено на оние кои сè уште го негираат неговиот пораз на претседателските избори во 2020 година. 

Сепак, тие кандидати забележаа различни резултати. Така, финансискиот менаџер и автор поддржан од Трамп, Џеј-Ди Венс, освои место во Сенатот во Охајо, но кардиологот Мехмет Оз загуби во Пенсилванија.

Можно е Трамп да мора да се соочи со силна конкуренција во партијата кога ќе се бира републиканскиот претседателски кандидат. Бидејќи, во Флорида, Рон Десантис беше реизбран за гувернер. Се вели дека сака да биде и претседателски кандидат на Републиканската партија. Тој ужива поддршка од многумина, особено од оние на кои не им се допаѓа поларизирачкото однесување на Трамп. 

Гувернерот Рон Де Сантис САД
Гувернерот Рон Де Сантис е можен противкандидат на поранешниот претседател ТрампФотографија: Marco Bello/REUTERS

Се уште не е официјално објавено дали Џозеф Бајден повторно ќе се кандидира. Со 79 години тој е најстариот претседател во историјата на САД и не ужива голема популарност.

Важни теми: економијата и правото на абортус 

Демократите постигнаа важна победа во Пенсилванија. Таму нивниот кандидат Џон Фетерман освои место во Сенатот. Ова ги зголеми нивните шанси да го задржат мнозинството барем во тој дом на Конгресот. Фетерман го победи познатиот лекар Мехмет Оз, кој беше поддржан од Трамп.

Анкетите на јавното мислење минатото лето покажаа значително зголемување на популарноста на Демократската партија. Аналитичарите претпоставуваа дека причина за тоа е одлуката на Врховниот суд со која се укина правото на абортус. Сега федералните држави одлучуваат за тоа прашање. Меѓутоа, како што се приближуваа изборите, така поддршката за демократите беше помала. Затоа постоеше сомнеж дали прашањето за абортусот ќе биде доволно значајно за да влијае на изборните резултати. 

Но, анкетата на Edison Research спроведена по затворањето на гласачките места покажа дека двете најважни прашања кои влијаат на расположението на гласачите се економијата и абортусот. Дури 76 отсто од приврзаниците на Демократската партија изјавиле дека им е најважно правото на абортус.

Тоа беше потврдено, меѓу другото, и во Мичиген, каде што демократската гувернерка Гречен Витмер го победи републиканецот Тудор Диксон. Витмер во предизборната кампања вети дека ќе продолжи да се залага за правото на абортус. 

Влијанието на изборните резултати врз американско-руските односи

Кремљ верува дека резултатите од меѓуизборите во САД нема да имаат големо влијание врз руско-американските односи, изјави Дмитриј Песков, портпарол на рускиот претседател Владимир Путин. „Односите се и ќе останат лоши“, рече Песков, како што пренесува руската новинска агенција Интерфакс. „Тие избори се важни, но нема да грешам ако кажам дека важноста на тие избори во краткорочна и среднорочна перспектива нема да биде особено важна за нашите билатерални односи“, рече Песков.

Поради рускиот напад на Украина, руско-американските односи во моментов се многу лоши.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема