1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Изборите во САД одлучуваат за демократијата во земјата

Berlin DW  Michaela Küfner
Михаела Кифнер
8 ноември 2022

Доналд Трамп е вратен на политичката бина и доминира на конгресните избори во САД. Тоа не може да го промени ниту неговата Републиканска партија, оценува Михаела Кифнер.

https://p.dw.com/p/4JCj8
Доналд Трамп сѐ уште се смета за победник на изборите во 2020 година
Доналд Трамп сѐ уште се смета за победник на изборите во 2020 годинаФотографија: Stephen Maturen/AFP/Getty Images

Сакале или не, американските гласачи имаат збор во вашиот живот, без оглед каде живеете. Поради тоа што Американците се граѓани на земја која е светска сила, нивната лична одлука на гласачките кутии има глобално влијание, особено кога беснее војна во Европа.

За новиот Конгрес во САД денеска (8.11) гласаат околу 154 милиони гласачи. Но, тие пред сè ќе одлучат дали претседателот Џо Бајден ќе може да покрене нешто на политички план во неговите преостанати две години на функцијата.

Ако ви требаат уште докази за глобалната моќ на овие гласачи, погледнете го стравот што трепка во очите на високите претставници на НАТО од изгледите Доналд Трамп повторно да се кандидира за претседател во 2024 година. Неговото последно намигнување дека е „многу, многу, многу веројатно“ се рашири побрзо и подалеку од кој било од изборните слогани што заедно ги чинеа кандидатите околу 16 милијарди долари, а што овие т.н. меѓуизбори ги прави најскапите во историјата на САД.

Во многу сојузни држави се водат трки рамо до рамо, но севкупно се предвидува „црвен бран“ кој ќе им ја врати власта на Републиканците во двата дома на Конгресот. Такви удари на меѓуизбори за актуелните претседатели се смета за „нормално“ во американската политика.

Михаела Кифнер
Михаела КифнерФотографија: DW

На овие избори, пак, ништо не е нормално. Во голема мера затоа што Американците гласаат дали да останат на сегашниот курс на Демократите или пак омразата и недовербата помеѓу републиканците од Трамповата „Направи ја Америка повторно голема“ и речиси сите други се веќе толку длабоки, што тие нема да го прифатат поразот, без разлика што ќе донесе пребројувањето на гласовите.

Лагата „Трамп победи“ и натаму опстојува

До денес, Трамп инсистира дека тој треба да седи во Белата куќа, а не Бајден - и покрај фактот што дури и републиканските адвокати изјавија дека изборите биле „изгубени, а не украдени“. Тие предупредија дека поткопувањето на кредибилитетот на изборите ја загрозува американската демократија, но тоа не донесе успех. Штетата е направена. Додека довербата во изборите генерално останува висока, речиси четвртина од Републиканците не веруваат во изборниот систем. А новата генерација републикански лидери лојални на Трамп го подгрева огнот.

Републиканците имаат околу 300 кандидати кои ги негираат резултатите од претседателските избори. Трамп лично ги поддржува истакнатите кандидати кои ја споделуваат неговата лага за „Големата кражба“. Како што е на пример поранешната водителка на ТВ Фокс, Кари Лејк, која сака да стане гувернер на Аризона и вели дека Бајден „не треба да биде во Белата куќа“. Лејк е убедена дека е „од Бога избрана“ и не остава сомнеж дека како легитимен изборен резултат ќе прифати само победа. Нејзините елегантни настапи и бесрамните напади на нејзините поранешни колеги во медиумите, ја прават можен потпретседателски кандидат за Трамп во 2024 година.

Во 2020 година, Трамп не успеа да ги натера надлежните за спроведување на изборите да ги „најдат“ гласовите што му беа потребни. Сега постои реална можност во многу сојузни држави, негатори на изборните резултати да дојдат на функција во изборните институции и тие потоа би можеле да организираат и да ги поддржат или оспорат претседателските избори во 2024 година. Како резултат на тоа, „пронаоѓањето“ гласови наскоро би можело да биде резултат на преговарање - а не вистинско пребројување.

Семе на омраза и недоверба

Постои огромна бездна што се заканува да ја наруши довербата на Американците еден во друг. Граѓаните на САД сѐ повеќе живеат во две паралелни реалности, во зависност од нивниот политички табор. Тие споделуваат загриженост - за зголемувањето на цените и растечкиот криминал, на пример, но она што би можело да ги обедини, уште повеќе ги дели. Обидите на Демократите да ги ублажат економските тешкотии на сиромашните се она што Републиканците го преведуваат како „социјализам“. Нивниот одговор на криминалот е повеќе пушки, додека за Демократите криминалот е причина за забрана за поседување оружје. Зад затворени врати, сенаторите и членовите на парламентот се жалат дека речиси и да нема заедничка основа за дебата. Онаму каде што работењето на некаков компромис значи политичко самоубиство, расте само омраза и недоверба.

Ако одвај забележливото, тивко мнозинство преку гласачките кутии не проговори за својата Америка, тоа наскоро може да ја види својата земја во рацете на луѓе кои велејќи „Ние, народот“ ќе ја бранат само сопствената слобода, а не онаа на другите. Ова би влијаело и на американските сојузници како Украина, поголемиот дел од Европа и многу други земји.

На крајот, секој глас ќе придонесе за тоа како САД ќе ја обликуваат својата сфера на интерес и влијание во еден светски поредок кој се менува.