Конгресни избори во САД: „Момент без преседан"
8 ноември 2022Во 2014 година излезноста на изборите за Конгресот достигна рекордно ниско ниво: на гласачките места излегоа помалку од 42 проценти од лицата со право на глас. Гласањето се одвива точно помеѓу претседателските избори и се избираат сите членови на Претставничкиот дом, третина од Сенатотм како и многу гувернери во сојузните држави. На минатите избори, во 2018 година, излезноста во време на мандатот на Доналд Трамп беше 53,4 проценти.
Брендон Конрадис, политички уредник на информативниот сајт „The Hill" во Вашингтон и поранешен соработник на ДВ, смета дека и на овогодинешните Конгресни избори на гласање ќе излезат многу луѓе.
„Првите податоци од предвременото гласање укажуваат на тоа дека излезноста ќе биде значително повисока отколку вообичаено“, нагласува Конрадис за ДВ. „Мислам, тоа покажува оти луѓето се загрижени во врска со тоа каде се наоѓа земјата во моментов“, додава тој.
„Соединети“ држави? Тоа беше некогаш
САД во 2022-ра се екстремно поларизирана земја. Тоа го покажуваат и реакциите на одлуката на Врховниот суд во јуни годинава да се укине уставното право на абортус. Либералните Американци беа шокирани и сметаа дека нивните основни човекови права се загрозени, конзервативните ја слават одлуката како долго очекувана победа. Таквата екстремна поделба може да биде мотивација луѓето да излезат на гласање – за „лошата“ контрастрана да не добие ниту едно дополнително место во Конгресот.
Демократските гласачи во сојузните држави во кои изборите одлучуваат и за политичкото водство сакаат да обезбедат во иднина ниту еден републикански гувернер да не ја регулира законската можност за абортус. А републиканските гласачи кои се плашат од рецесија, одговорноста за економските проблеми ја префрлаат на Џо Бајден и се надеваат на промена на власта во нивната сојузна држава или во Конгресот.
„Инфлацијата, економијата и стапката на криминал се важни фактори за конзервативните гласачи. Тоа се нештата за кои главно зборуваат нивните кандидати,“ вели за ДВ Лора Мерифилд Вилсон, политиколог од Универзитетот Индијанаполис. Според неа, кај демократите „абортусот е главната тема“. Но, Вилсон објаснува дека гласачите на демократите имаат и други грижи - по одлуката на Врховниот суд за укинување на правото на абортус, тие стравуваат дека Судот ќе почне да се занимава и со други социјални теми, и на пример може да ги ограничи правата на хомосексуалците.
И натаму живее лагата за украдените избори
Ако Демократите го загубат мнозинството во Претставничкиот дом, во Сенатот или во двата дома на Конгресот, тоа ќе го искомпликува вториот дел од мандатот на Бајден. Да се носат закони без мнозинство во Конгресот е многу потешко. Но, покрај вообичаеното прашање кој ќе води во Конгресот, овие избори од претходните се разликуваат и по уште една специфика. Бројни републикански кандидати за Претставничкиот дом, Сенатот и гувернерски позиции јавно стојат зад приказната за украдените претседателски избори. Тие и натаму го поддржуваат тврдењето на Доналд Трамп (кое многупати беше побиено), дека резултатите од изборите во 2020 биле фалсификувани и дека Бајден не е правосилен претседател на земјата. Една од заговорничките на оваа теорија е Кари Лејк, страстна поддржувачка на Трамп која се кандидира за гувернер во Аризона.
„За жал изборите ни беа украдени и ние имаме нелегитимен претседател во Белата куќа“, рече Лејк за телевизијата ПБС зво јуни 2022 година, за време на нејзината предизборна кампања.
Републиканскиот кандидат од Аризона за функцијата Државен секретар, трета највисока функција во власта на една сојузна држава, е Марк Финчем. Републиканецот вели дека изборната победа на Бајден во Аризона тој не ја потврдил. Бајден и Трамп, по изборите во 2020 во Аризона беа пата-пата, но на крајот излезе дека демократот води, што беше потврдено со повторно пребројување на гласовите.
Можни импликации врз претседателските избори во 2024 година
Во изборниот систем на САД, владите на сојузните држави се одговорни за спроведувањето на изборите и потврдување на официјалните резултати.
Според проценката на „Кук политичкиот извештај со Еми Волтер“, независен њуслетер за изборни анализи во САД, трката за гувернер во Аризона ќе биде доста тесна, значи нема предност ниту за Демократите ниту за Републиканците.
„Лејк може дефинитивно да победи во трката, и тоа може да има влијание врз претседателските избори во 2024 година“, вели за ДВ Џесика Тејлор, експерт за сенатски и гувернерски избори при „Кук политичкиот извештај“.
„Ако, како што претпоставуваме, Доналд Трамп се кандидира повторно, и ако има свои луѓе во клучните ‘неопределени’ сојузни држави од кои зависи изборниот исход, и кои му се наклонети и подготвени да ги променат резултатите“, тогаш работите на следните претседателски избори може да се одвиваат поинаку отколку во 2020-тата, смета Тејлор.
- повеќе: Британија со Сунак, авторитаризмот во Кина и мид-терм изборите во САД
Историски момент за САД
Големиот број кандидати кои не ја признаваат актуелната американска влада, се фактор, смета Брендон Конрадис, а тоа ја зголемува загриженоста за конгресните избори. На ниту едни избори во САД досега немало толку многу кандидати кои сметаат дека претседателот во Белата куќа дошол со изборен фалсификат.
„Чувството е како да се наоѓаме во момент без преседан во американската историја“, констатира Конрадис.