По изборите во САД: Растат критиките за Трамп
11 ноември 2022Иако односите на силите во Конгресот по меѓуизборите во САД сѐ уште не се јасни, во Републиканската партија расте интерната критика на сметка на поранешниот претседател Доналд Трамп. Од него, освен политичарите, се дистанцираат и цела низа конзервативни медиуми.
Одделни од нив нагласуваат дека партијата постигнала разочарувачки резултати на сите избори откако Трамп дојде на власт во 2016 година. Конзервативниот весник Вол Стрит Џурнал во својот текст го нарече Трамп „најголем губитник во Републиканската партија“ и потсети оти тој доживеа неуспех на изборите во 2018, 2020, 2021 и 2022 година. Исто така, се наведува и дека на овие меѓуизбори загубиле републиканските кандидати во сојузните држави, кои можеле да однесат „јасна“ победа.
Во Републиканската партија се расправа за тоа , бидејќи се очекува Трамп наредната недела да ја најави својата кандидатура за претседателските избори 2024. Пат Томи, републикански сенатор од Пенсилвенија, го критикуваше Трамповиот избор на кандидати за овие меѓуизбори. Поранешниот претседател на Претставничкиот дом во Конгресот, Пол Рајан, дури го нарече Трамп „товар“ кој ги влошува шансите на партијата на претседателските избори 2024. „Ние сакаме да ја добиеме Белата куќа и знаеме оти поразот на изборите со Трамп е многу поверојатен“, рече тој.
„Доста е“
Винсом Ерл-Сирс, заменичка гувернер од Вирџинија, негогашен жесток поддржувач на Трамп, рече дека гласачите во вторникот испратиле „многу јасна порака“: „Доста е“. „Гласачите рекоа дека сакаат друг лидер. А вистинскиот лидер разбира кога ќе стане товар.“ Таа најави дека не може да поддржи уште една кампања на Трамп.
И Фокс њуз, кој долго беше омилена ТВ-станица на Трамп, остро го критикуваше 76-годишниот поранешен претседател и истовремено го фалеше неговиот ривал Рон ДеСантис, кој уверливо победи на изборите за гувернер во Флорида. „Најголем добитник на меѓуизборите без сомнеж е гувернерот ДеСантис, чија уверлива победа во сојузната држава Флорида беше зачудувачка“, напиша Лис Пик, колумнистка на Фокс. „А најголемиот губитник? Доналд Трамп.“
Фокс њуз е дел од медиунската група на Мардок која во САД е многу влијателна. Таа долго позитивно известуваше за Трамп. За време на својот претседателски мандат тој за станицата Фокс њуз редовно даваше долги интервјуа во кои речиси и да немаше критички прашања.
Односот на силите и натаму нејасен
Надежта на републиканците во јасна победа на меѓуизборите не се оствари. Сѐ уште е отворено прашањето кој во иднина ќе има мнозинство во Сенатот и во Претставничкиот дом. Сѐ уште не се објавени конечните резултати за три места во Сенатот. Во Аризона и во Невада сѐ уште се брои, во Џорџија сега е јасно оти изборите ќе се повторат во декември. И во Претставничкиот дом сѐ уште не е јасен односот на силите. Републиканците, додуша, во моментот имаат 20 мандати повеќе, но за мнозинство им се потребни уште 7 мандати. Засега, недостасуваат резултати за 32 претставнички места.