Колку плаќаат за струја Германците?
13 февруари 2024Оној кој деновиве добил пошта од снабдувачот со електрична енергија треба внимателно да погледне што е напишано со мали букви. Понудувачите на струја и гас се обврзани шест недели однапред да најават промени во цените - што значи бројни корисници деновиве ќе добијат пошта. На пример од енергетскиот концерн ЕнБВ со седиште во Карлсруе и со 5,5 милиони корисници ширум Германија. Многу луѓе од април ќе мора да брцнат подлабоко во џебот. Концернот најави дека цената на струјата ќе ја зголемиза речиси 16 проценти.
Компаниите ги префрлаат трошоците на потрошувачите
Едно домаќинство кое троши 2.900 киловат часови годишно може да смета на зголемени трошоци од 16 евра месечно. Од концернот соопштија дека една од причините е зголемувањето на давачките за дистрибутивната мрежа за струја за приватни корисници. „Истовремено се зголемени и давачките спрема државата, како и даноците, кои исто така се составен дел на пресметката на цената на струјата", се вели од ЕнБВ.
Кон крајот на годината владата во рамки на дебатата за буџетот заклучи да ги укине субвенциите за давачките за дистрибутивната мрежа. Се работеше за 5,5 милијарди евра.
Веривокс: Да се провери тарифата
Четирите најголеми фирми за дистрибуција во Германија – Тенет, Амприон, 50 Херци и ТранснетВ по таквиот чекор за повеќе од 50 проценти ги зголемија цените од 3,1 на 6,4 центи од киловат час. Торстен Шторк од порталот за споредба на цени Веривокс за „Тагесшау" вели дека „цела серија енерегетски фирми таквото зголемување на цената го префрла на крајниот потрошувач“.
Но, има и такви кои не ги зголемуваат цените благодарение на пониските трошоци за набавка на струјата. „Затоа ги советуваме сите кои се погодени од зголемувањата на цената на струјата или се заглавени во скапите тарифи од 2022 година, да ги споредат понудите и евентуално да го сменат понудувачот", вели енергетскиот експерт.
Цената на струјата веројатно само ќе расте
Иако поединечни понудувачи дури и ја намалуваат цената на струјата, сепак генералниот тренд се чини ќе биде пораст во следните месеци. Анкета на новинската агенција ДПА меѓу 26 фирми снабдувачи со електрична енергија покажува дека мнозинството од нив допрва треба да проверат како ќе се одрази зголемувањето на давачките за дистрибутивната мрежа на тарифите.
Некои фирми како што покажува случајот со ЕнБВ реагираат веднаш. Во однос на март и април Веривокс изброја пет пати повеќе зголемувања на цените отколку намалувања. Зголемувањата се за просечно осум проценти. Но, таквата тенденција не е забележлива во цената за нови клиенти.
Цената на струјата во изминатите месеци за киловат час континуирано се намалува и актуелно изнесува 26 центи.
Од каде се тогаш разликите?
Керстин Андре, претседателка на Сојузното здружение за енергетика и води, за „Тагесшау" посочува на различните стратегии на понудувачите. „Повеќето снабдувачи набавуваат гас и струја долгорочно во делумни количини во различен период", вели таа.
Стратегијата на снабдувачите ги порамнува скоковите на берзите и ги штити корисниците од големи промени во цените. Но, јасно е дека „за сите понудувачи на енергија со одлуката на владата се зголемуваат неколку фактори кои влијаат на формирањето на цената и тоа се одразува на цената на струјата“, вели таа.
Цените на берзата за струја паѓаат
На берзите за електрична енергија пак актуелно нема тренд на зголемување на цените, дури напротив. Во споредба со минатата година, цената е намалена. Во јануари 2023 на европската берза за струја еден киловат час чинел 117 евра, додека пак годинава во просек е 77 евра, како што покажуваат податоците на Агенцијата за сојузната мрежа. Дури и да се намалуваат цените во трговијата на големо, тоа не значи дека клиентите веднаш ќе го почувствуваат тоа. „Долгорочната набавка значи и дека корисниците не може веднаш да имаат бенефит од намалени цени, но затоа пак е сигурно снабдувањето",објаснува Андре.
Концерните со дебели добивки
Покрај рамковните услови од политиката и развојот на берзата за струја, и стратегиите на снабдувачите играат голема улога во формирањето на цената. Во услови на многу зголемени цени на струјата, доста фирми можеа да направат голем плус во профитот. Една од нив е Е.ОН од Есен, фирма која котира на германската берза ДАКС и која минатата година успеа значително да ги надмине сопствените прогнози. Слична е ситуацијата и кај конкурентот РВЕ, кој според првичните биланси за 2023 година бележи нето добивка од 4,5 милијарди евра.