1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија: смрзнување без руски гас?

Андреј Гурков
9 ноември 2023

Доаѓа зима - но Германците веќе не се плашат од недостигот на гас од Русија. Се тврди дека во текот на претстојната зима нема закана од проблеми околу снабдувањето на граѓаните и стопанството. Сепак, постојат ризици.

https://p.dw.com/p/4YWdo
парно
Да се штеди на затоплување или не? Тешка одлука, дури и оваа зимаФотографија: Hauke-Christian Dittrich/dpa/picture alliance

Германците повеќе не се плашат од студена зима без руски гас. Пред една година, постоеше голема загриженост за можниот недостиг на овој важен извор на енергија, а Москва намерно го поттикна тој страв со тврдењето дека Германија ќе замрзне без испораките на руски гас од Гаспром. На крајот на август 2022 година, рускиот државен концерн целосно го прекина снабдувањето со природен гас за Германија.

Судејќи според резултатите од сегашното истражување, само 14 отсто од испитаниците во Германија сметаат дека може да има проблеми со снабдувањето со енергија во текот на претстојната зима.

Германија е подготвена за грејната сезона

Од друга страна, 64 отсто од Германците проценуваат дека земјата зимата ќе ја преброди без поголеми проблеми и покрај тоа што ситуацијата во снабдувањето со енергија се уште е тешка. Во исто време, 18 отсто од испитаниците ја оценуваат моменталната ситуација како „многу опуштена“ и се убедени дека Германија без проблем ќе ја преброди студената сезона. Тоа значи дека „четири од пет анкетирани луѓе веруваат дека Германија добро се подготвила за претстојната зима“, заклучува Федералната асоцијација за управување со енергија и вода (BDEW), која го нарача репрезентативното истражување.

Северен тек
Природниот гас од Русија повеќе не пристигнува овде: приемната станица на гасоводот Северен тек 2 во ЛубминФотографија: Jens Büttner/dpa/picture alliance

„Благодарение на соработката на енергетската индустрија и политиката во однос на безбедноста на снабдувањето во текот на изминатата година и половина, денес можеме релативно оптимистички да гледаме на ситуацијата поврзана со снабдувањето со енергија во текот на зимата“, заклучува Керстин Андреа, извршен директор на BDEW.

Слчен е ставот и на Клаус Милер, претседателот на Федералната мрежна агенција, која е одговорна за снабдувањето со електрична енергија и гас во Германија (Bundesnetzagentur) , кој досега беше прилично внимателен во своите проценки. Сега на сајтот на Агенцијата може да се прочита неговата изјава во која вели: „Состојбата на почетокот на грејната сезона е многу подобра од лани“.

Милер потсетува на ситуацијата во складиштата за гас во Германија. Тие се полни. Веќе на 5 ноември, исполнетоста беше 100 проценти. Дополнително, шефот на Федералната агенција како причина за оптимизам го наведува стабилниот увоз на енергија, односно заштедите постигнати во земјата.

Растот на неговиот оптимизам се базира и на шест нови сценарија во однос на снабдувањето со гас во Германија во текот на зимата 2023/24 година. Тие сценарија Агенцијата ги презентираше минатата недела. Само две сценарија, во кои се земени предвид неколку потенцијално неповолни фактори, се причина за загриженост.

А што ако зимата е многу студена?

Во принцип, Федералната агенција за мрежа смета дека во меѓувреме е „мала“ опасноста од можна тензична ситуација околу снабдувањето со гас во текот на зимата со нормални временски услови. Може да има проблеми доколку има многу ниски температури во текот на зимата. Затоа сегашните сценарија се ограничени на „зима со изразени фази на студено време и просечни дневни температури до минус 13 Целзиусови степени, кои беа забележани во текот на зимата 2012 година“. Имено, во декември „евидентирана е пократка фаза на студено време, како и интензивна студена фаза во февруари“, наведува Федералната агенција.

терминал Лубмин
Течниот природен гас пристигнува овде: терминалот LNG во индустриското пристаниште ЛубминФотографија: John Macdougall/dpa/picture alliance

Една од премисите се заснова на фактот дека, поради (можното) студено време, заштедите во Германија би можеле да изнесуваат само 10% од просечната потрошувачка на гас во годините помеѓу 2018 и 2021 година. Покрај тоа, се претпоставува дека Русија во текот на овој месец ќе го прекине транзитот на гас преку Украина во правец на Европа, што би значело дека Германија, која има најголем капацитет за складирање гас во Европската Унија, мора да го зголеми количеството на извезен гас во правец на Австрија и Југоисточна Европа. Понатаму се претпоставува дека, поради можните ниски температури во Белгија и Холандија, би можело да се увезува помалку течен гас од тие соседни земји преку терминалите за ЛНГ во тие две земји - бидејќи и кај нив би се зголемила потрошувачката на енергија за сопствени потреби.

Пресметките врз основа на овие сценарија покажуваат дека на Германија, дури и во случај на целосно прекинување на транзитот на гас преку Украина, само во сва случаи ќе и се закануваат празни магацини и привремен недостиг на гас во февруари следната година. Првото сценарио би се реализирало доколку домаќинствата и индустријата воопшто не ја намалат потрошувачката на гас, а се зголеми извозот на гас од Германија. И второто, во случај да се намали количината на ЛНГ-гас увезена преку соседните земји, Белгија и Холандија.

И затоа шефот на Федералната агенција апелира до жителите на Германија во иднина да штедат, односно да внимаваат на потрошувачката на гас - како што правеа минатата зима. „Никој не треба да се смрзнува“, вели Клаус Милер, „но во исто време, бараме од луѓето внимателно да размислат каде можат да заштедат на потрошувачката во иднина“.

И заштедите навистина се исплатат. Според Милер, „заштедите меѓу октомври 2022 и септември 2023 година резултирале со намалување на трошоците на едно просечно домаќинство за околу 440 евра“.

Клаус Милер
Пооптимист од минатата зима: Клаус Милер, шеф на Федералната мрежна агенцијаФотографија: Oliver Berg/dpa/picture alliance

Во кој случај се заканува недостиг на гас?

Поради тоа, на Германија би можела да и се закани недостиг на гас само во февруари следната година - но само доколку некои неповолни работи „се поклопат“. Прво: ако зимата е многу студена. Второ: доколку домаќинствата и индустријата воопшто не ја намалат потрошувачката во однос на просекот забележан пред енергетската криза.

Трето: ако Русија го запре транзитот на гас низ Украина веќе во ноември 2023 година (засега нема индикации дека тоа навистина би можело да се случи). Четврто: ако гасот од германските магацини ќе треба интензивно да се доставува до југоисточниот дел на Европа (регион кој има и други, алтернативни патишта и методи на снабдување). И петто: ако значително се намали количината на увоз на гас преку терминалите за ЛНГ во Белгија и Холандија.

Не може да се исклучи ситуацијата во која повеќето или дури и сите овие кризни фактори би се „совпаднале“ во исто време - но сепак тоа е малку веројатно. Она што е особено интересно е фактот што ниту едно од опишаните сценарија не претпоставува дека може да има физички недостиг на ЛНГ гас на светскиот пазар. Според тоа, Федералната агенција за мрежа оценува дека производителите на ЛНГ во светот, дури и во услови на многу студена зима во Европа, ќе можат да го „сервисираат“ зголемувањето на побарувачката за овој извор на енергија.