1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нема опуштање ниту една година по енергетската криза

16 октомври 2023

Со почетокот на есента се зголемува и потрошувачката на енергија. Иако складиштата за гас се полни, експертите сепак предупредуваат на можни ризици - и препорачуваат штедливост.

https://p.dw.com/p/4XONv
штедење струја мрак
Германските граѓани лани штедеа струјаФотографија: Julian Stratenschulte/dpa/picture alliance

На ридот над градот Вертхајм, едни од најстарите урнатини на тврдина во германската провинција Баден-Виртемберг се осветлени со силна светлина во вечерните часови. Така е денеска. Но, пред една година осветлувањето беше исклучено и овој споменик беше во темнина - како и многу други културни споменици и замоци во Германија . Откако прекинаа испораките на руски гас, имаше голема загриженост и стапи на сила Регулативата за заштеда на енергија.

А што е со претстојната зима? По истекот на уредбата во април, краткорочните мерки беа укинати и во градот Вертхајм. „Доколку не се донесе нова регулатива, мерките не треба да се обноват“, вели Наталиа Кифел, раководител на градската управа за јавни згради.

„Мерките предизвикаа незадоволство“

Општинските мерки подразбираа намалување на температурата на греењето во просториите, исклучување на топлата вода во тоалетите и ограничено отворање на спортски и повеќенаменските сали. Кифел вели дека мерките предизвикаа незадоволство кај многумина, особено кај клубовите кои веќе не можеа да тренираат во спортските сали како и обично.

Прелиминарната проценка на градот покажува дека околу 21,5 отсто од потрошувачката на гас, нафта и пелети се заштедени во општинските згради, а мерките резултирале и со заштеда на електрична енергија од околу 12,7 отсто. Според податоците на Федералната мрежна агенција, во Германија од 1 октомври 2022 до 31 март 2023 година, заштедени се вкупно околу 20 отсто гас во споредба со претходните години.

дворец штедење струја
Минатата година германските знаменитости ноќе не беа осветлени, а меѓу нив и познатиот баварски дворец Фотографија: Karl-Josef Hildenbrand/dpa/picture alliance

Вертхеим сега сака да се концентрира на среднорочни и долгорочни мерки, како што се сеопфатна конверзија на уличното осветлување во LED, повеќе фотоволтаични системи на општинските згради, транзиција кон обновливи извори на енергија за греење и проширување на локалното снабдувањето со греење.

Има доволно струја

Според податоците на Федералната агенција за мрежа, потрошувачката на гас во Германија остана ниска и во текот на летните месеци. Во последните недели тој е за околу 20 отсто под просекот од претходните години. 

„Во лето, ова главно се должи на индустриските потрошувачи. Приватните домаќинства, се разбира, не придонесуваат многу за заштедите во текот на летото“, вели Клаус Милер, шеф на Федералната агенција за мрежа.

Но, какви се изгледите за следната студена сезона? Кога станува збор за електричната енергија, Клаудија Кемферт од Германскиот институт за економски истражувања (DIW) вели дека нема причина за грижа: „Нема криза со електрична енергија. Наводните прекини на струја предизвикани од исклучувањето на нуклеарните централи не се случија, како што се очекуваше. Германија има доволно струја и може да го покрие снабдувањето со електрична енергија во секое време со сопствено производство“. Затоа таа не гледа потреба повторно да се гаснат светилките оваа зима.

Можен недостиг на гас во Југоисточна Источна Европа?

Поинаква е ситуацијата со гасот. Во голема мера обезбедено е снабдување за следната зима, магацините се полни, а диверзифициран е и увозот. Ова го посочуваат Кемферт и Федералната мрежна агенција.

Шефот на Федералната агенција за мрежи вели дека се уште е рано за конечни проценки, бидејќи различни фактори можат значително да влијаат на состојбата со снабдувањето. Еден од факторите може да биде многу долга и студена зима.

„Тоа го вклучува и сценариото за отсуство на испорака на руски гас за земјите од Југоисточна Европа, кои продолжуваат да добиваат гас преку Украина и до кои, во случај на недостиг, гасот би требало да се испорачува преку Германија.

Терористичките напади како можно сценарио

Кемферт предупредува и на можни терористички акти: „Ако, на пример, дојде до напад на норвешкиот гасовод или други технички дефекти на гасоводот, снабдувањето мора да се обезбеди пред се со ЛНГ гас. Тоа мМже да биде многу скапо, како за Германија, така и за крајните клиенти“, вели Кемпферт.

Клаус Милер смета дека тоа е можно. „Можни се и сценарија за делумно или целосно откажување на гасоводот“.

Во принцип, само заштедата на греење не е доволна. „Потребна е многу подобра и пред се побрза санација во енергетскиот сектор. Енергијата за греење треба да се оттргне од нафтата и гасот и да се префрли на системи за греење без штетни емисии на гас“, вели Кемферт.

Стимулациите секако постојат, но конфузијата е преголема, критикува овој експерт. „Федералната влада често реагира на желбите на лобистите. Тоа ги нервира луѓето во оваа земја и затоа може да изостане неопходната транзиција за греење“.

парно
И понатаму треба да се штеди на греењеФотографија: MiS/imago images

Затоа сите домаќинства треба да штедат што е можно повеќе енергија за греење. Тоа е елементарно. Економистката Кемферт е исто така критична кон регулирањето на цената на гасот. Тоа, смета таа, сугерира дека цената е ограничена и затоа не треба да се штеди. „Но, токму тоа треба да се случи“, вели таа.

Фокус на локалното планирање на греењето

Жителите на Вертхајм се оптимисти и во моментов сакаат да се концентрираат првенствено на планирањето на греењето во општините. Планот беше претставен на јавноста минатиот месец. Од октомври овој град има и менаџер за клима кој ќе помага во спроведувањето на општинските планови за греење, објаснува Кифел, раководител на градската администрација за јавни згради. Градот, исто така, планира да троши 750.000 евра секоја година за енергетско реновирање на јавните згради.

Вертхејм исто така сака да воспостави систем за управување со енергијата за да може подобро да се следат податоците. Тогаш ќе може подобро да се анализира потрошувачката и да се види какви мерки треба да се преземат, вели Кифел.