Кина планира да им го ограничи интернетот на децата
3 август 2023Кина размислува да го ограничи времето кога децата и младите можат да користат интернет на смартфони. Надлежниот надзорен орган ЦАЦ предлага да се воведе „модус за малолетници“. Корисниците на возраст под 18 години не треба да можат да користат интернет на нивните паметни телефони од 22 часот навечер до 06 часот наутро. Дополнително, според предлогот, треба да се воведат дневни временски ограничувања, согласно возраста: на младите кои се на возраст од најмалку 16 години треба да им се дозволи да сурфаат најмногу два часа на ден. На корисниците на возраст меѓу осум и 16 години треба да им се дозволи сурфање од еден час, а на децата под осум години само осум минути дневно. Сепак, на родителите треба да им се даде можност да ги укинат ограничувањата.
Техничката имплементација сè уште не е јасна
Како тоа технички ќе се спроведе, не е познато. Сега треба да се соберат мислења во врска со предлогот на ЦАЦ. Ваквиот предлог доаѓа поради загриженоста дека децата и младите трошат премногу време на паметни телефони и на интернет. Пред две години, комунистичото државни партиско раководство воведе слични ограничувања за онлајн игрите. За младите корисници се ограничени и неколку апликации за кратки видеа, вклучително и кинеската верзија на ТикТок - Доујин.
Секое лице помладо од 14 години кое е регистрирано во Доујин со своето име и датум на раѓање може да гледа само содржина што се смета за погодна за млади и може да ја користи апликацијата само 40 минути дневно - и тоа само помеѓу 6 часот наутро и 22 часот навечер.