Студија: 100.000 деца се зависници од социјални мрежи
3 март 2018Во рамките на истражувањето на германската здравствена каса ДАК, спроведено во соработка со Универзитетската клиника во Хамбург, беа испитани 1001 момчиња и девојчиња на возраст меѓу 12 и 17 години. Резултатите се репрезентативни за цела држава, нагласи првиот човек на ДАК, Андреас Шторм, при презентацијата на студијата во Берлин. „Резултатите се алармантни“, предупреди тој. Студијата покажува дека 2,6 проценти од тинејџерите се зависни од социјалните медиуми. Според аналитичарите, последиците не се само проблеми со спиење, бегство од реалноста и стрес со родителите.
Што значи зависност од социјални мрежи?
Меѓу критериумите за зависност, според истражувачите од Германскиот центар за зависности на деца и млади, е постојано да се мисли на социјалните мрежи или апликации за пораки на интернет - и за време на настава и во училиште. Притоа се јавуваат и други симптоми, како преголема раздразливост, немир и тага ако мобилниот или таблетот не им е при рака. Како губење контрола научниците го дефинираат тоа што тинејџерите не се во состојба сами да си го ограничат времето поминато на социјалните мрежи. Исто така може да дојде и до промена на однесувањето: децата и младите на пример губат интерес за какво било хоби. Тие лажат за времето поминато на социјални мрежи и ги загрозуваат пријателствата, училишниот успех или прогрес во кариерата на сметка на тоа постојано да се онлајн.
Повеќе: Зависноста од смартфонот го менува мозокот
Фактор време
Мнозинството од децата и младите - 85% според студијата на ДАК - се во просек по три часа дневно „закачени“ на социјалните мрежи – девојчињата со 182 минути се пред момчињата, кај кои просекот е 151 минути дневно. Оние од повисоките класови или со подобар успех во принцип поминуваат помалку време онлајн (149 минути) за разлика од тинејџерите или оние со послаб успех (207 минути). Најмногу се користи WhatsApp (Вотсеп), односно ова апликација ја користат 66% од испитаниците, пред Инстаграм (14%), Снепчет (9%) и Фејсбук (2%).
Кавги со родителите
Кај 6% од испитаните млади деца често доаѓа до расправии со родителите поради постојаното користење на социјалните мрежи. Кај 16% дури има и сериозни кавги. Колку е помлад испитаникот, толку почесто има случаи на кавги. Поради ова 14% од децата на возраст меѓу 12 и 13 години често тајно ги користат социјалните медиуми.
Ноќни птици
Речиси секој петти испитаник на возраст од 12 до 17 години изјавил дека спие помалку поради користење на социјални мрежи или 17% од испитаниците во студијата. Кај шест проценти од нив ова е честа или многу честа појава. Колку се повозрасни испитаниците, толку почест е одговорот дека поради тоа што се постојано „закачени“ на социјалните мрежи спијат премалку.
Психички проблеми
Научниците забележале дека кај осум проценти од испитаниците во одговорите се насетува депресивно расположение. Особено забележливо, според нив, е дека секоја трета погодена личност со прилично депресивно расположение исто така има тенденција да има проблематична употреба на социјалните медиуми.
Како можат родителите, наставниците и другите старатели да му се спротивстават на ова? Шефот на ДАК Шторм нагласува дека одлучувачко е да се има вистински баланс меѓу реалниот и дигиталниот свет: еден „стабилен онлајн-офлајн баланс". Виртуелниот не смее да го поклопи реалниот свет. Препорачливо е да се прават паузи во користењето на социјалните медиуми. Според Шторм многу е важен придонесот на домашното воспитување и училиштето за децата и младите да го научат вистински пристап, покрај шансите и предностите кои ги нуди дигиталниот свет да се справат и со ризиците што ги носи.
Според податоците на здравствената каса, ова е првпат во едно репрезентативно истражување да се анализира ризикот од зависност од социјални медиуми. Основата на научното истражување беше прашалник направен по критериуми од Холандија, на кој одговорија сите испитаници.