1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Родени со интернет

Сабрина Пабст/ Кристина Краљевска14 јули 2015

Дури и најмалите деца користат интернет и паметни телефони на нивните родители. Шаренилото и звуковите го чинат дигиталниот свет привлечен за најмалите. Една студија расветлува какви шанси и опасности им носи интернетот.

https://p.dw.com/p/1FxxC
Фотографија: Fotolia/photophonie

„На нашата ќерка и‘ е дозволено да слуша песни на Јутјуб. Кога една ќе заврши, таа ми кажува што следно да и‘ пуштам“, вели Тања Шулц додека ја става својата петгодишна ќеркичка во специјалното седиште на својот велосипед. Заедно слушаат најмногу три песни. „На интернетот демнат многу опасности“, вели оваа мајка. Темата ја вознемирува, толку што не сакаше да го објавуваме нејзиното вистинско име. И другите родители со кои разговаравме слично реагираат - не сакаат да ги дадат своите податоци, ниту да ги фотографираме во текстот кој вечно ќе стои на интернет. Преголема е неизвесноста што ќе се случи со оваа содржина.

Притоа, интернетот стана дел од секојдневието во семејниот круг. Учењето и работата денес се невозможни без интернет. Децата растат во дигитализирана средина. „Доволно е тоа што ние се занимаваме со тоа со часови“, вели партнерот на Тања Шулц. „Не мораат и нашите најмали со тоа да започнат. Подобро да читаат книги, да цртаат или да си играат.“

Mutter mit Kleinkind vor einem Notebook
Фотографија: Fotolia/bella

Паметниот телефон како бебиситерка

Друга мајка, која исто така сакаше да остане анонимна, признава дека некое време прибегнувала електронска забава за својот тригодишен син. „Додека го пишував дипломскиот труд, му беше дозволено долго да се игра со мојот таблет.“ Во тоа време, таа била самохран родител и и‘ требало многу време и одмор. Денес се кае поради своето однесување. „Сега често одиме на игралиште и заедно правиме многу работи.“

Дигиталните медиуми многу често се користат како бебиситерки, вели Кристин Фајл од германскиот Институт за млади, во кој го води проектот „Дигиталните медиуми во секојдневниот свет на децата во предучилишна возраст“.

Секое десетто дете на тригодишна возраст редовно е на интернет, покажува студијата. Една третина (28 отсто) од шестгодишните и повеќе од половина (55 отсто) деца од осум години одат редовно на интернет. Ризиците се мали: „Поголемиот дел од игрите за деца од 5-6 години се само проширен свет на игри кои веќе ги познаваат.“ Ако играта нема врска со светот на децата, тогаш таа не е ни интересна за малите. Важно е родителите да ги поддржуват децата и да ги штитат нивните податоци.

Symbolbild Kinder Bücher Tablet PC lernen Schule
Фотографија: Fotolia/Karin & Uwe Annas

Опасноста е кога на многу рана возраст децата имаат контакт со комерцијални понуди како што се купувањето апликации и реклами. Со големи ризици децата се соочени само кога се постари и самите користат интернет, посебно ако се на социјалните мрежи. „Исто така, ризично е користењето на дигиталните понуди во секодневните рутини“, вели Фајл.

Сите имаат интернет

Раната употреба на интернетот посебно зависи од способноста за читањето. Децата кои не можат да читаат и пишуваат, се поддржувани од родителите. Со препознавањето симболи и интуицијата, дури и малите деца можат самостојно да користат апликации на паметните телефони и таблети. „Апликациите се полесни за користење затоа што основниот принцип е што екранот е чувствителен на допир. Содржините се звучни така што децата не мора да читаат за да се ориентираат“, вели Фајл.

Интересно е тоа што многу домаќинства електронски се одлично обезбедени - без оглед на родителските приходи. Дури 98 отсто од германските домаќинства имаат пристап на интернет. Сепак, оваа опрема не води автоматски до еднакви можности. Образовното ниво на родителите игра голема улога кога е во прашање начинот на кој се користи медиумот. Родителите со високо образование на своите деца им даваат пристап до информации и образовни содржини. Родителите со низок степен на образование, меѓутоа, понудата на интернетот ја гледаат како забава.

Дигиталните медиуми и малите деца - табу тема. Иако децата растат во дигитален свет, не се сите деца таканаречени „дигитални домородци“. Што почесто се родителите на интернет, веројатноста е голема дека и нивните деца ќе бидат исто така. А што порано децата се во контакт со интернетот, толку поголеми предизвици за родителите. Студијата покажува дека не се сите родители дораснати на тие предизвици.