Ќе има ли Германија доволно гас за да ја „преживее“ зимата?
8 септември 2022Се чини дека се во право скептиците кои предвидуваа целоснозапирање на транспортот со гас преку Северен тек 1. Изјавите на Кремљ сè појасно укажуваат дека Русија го поврзува непреченото снабдување со гас со прекин на санкциите на Западот. Малку руски гас сè уште тече кон Германија, и тоа преку гасоводот Украина - околу 40 гигават часови (GWh) дневно. За споредба - преку Северен тек 1 последно беа испорачани 350 гигават часови.
Од Норвешка, Белгија и Холандија во Германија дневно доаѓаат по околу 2800 гигават часови дневно. Резервоарите за складирање гас минатата недела беа дополнети со 1.350 гигават часови.
Прво најитното прашање: дали ќе има доволно гас за да се помине претстојната зима без испораки од Русија, а без притоа да мора да се прогласи состојба на недостиг на гас, која со себе би повлекла ограничувања и за приватните домаќинства?
Подготвени за назима - по висока цена
Накусо, шансите се добри - иако по висока цена.Германските капацитети за складирање гас во моментов се полни 86,1 отсто, што е значително над просекот од последните шест години. Со тоа е веќе достигнато нивото кое беше предвидено да се достигне на 1 октомври. Тоа е можно затоа што Германија плаќа високи цени и има заштеди во економијата, но и во други области, објасни претседателот на сојузната Агенција за електрична енергија, гас, телекомуникации и железници, Клаус Милер.
Целта - до 1 ноември да се стигне до пополнетост на резервоарите од 95% - според експертите е амбициозна, доколку притоа нема испораки на гас од Русија. Со ниво на полнење од 90 проценти, што одговара на околу 220 терават часови (TWh), и месечна потрошувачка на гас како изминатата зима, ваквите резерви би биле доволни за речиси два месеца - без никаков увоз. Тоа значи потрошувачка од речиси три терават часови дневно.
Дополнителни количества гас се очекуваат од терминалите за течен гас (ЛНГ), кои моментално се градат. Милер очекува дека можеби три од овие терминали ќе бидат оперативни веќе оваа зима. Во наредната година, вкупно шест до седум терминали ќе ѝ овозможат на Германија значителен увоз, оценува Милер. „Но, ЛНГ-гасот е скап“, додава тој.
Голема неизвесност за зимата потоа
Ако претстојна зима е обезбедена - по цена на значителни дополнителни трошоци - сѐ уште постои голема неизвесност за зимата потоа, во 2023/24 година. Тука улога играат три фактори, од кои на дел не може да се влијае.
Голема непознаница е времето во грејниот период од октомври, кое има големо влијание врз потрошувачката на гас. Според германската метеоролошка служба, просечната температура минатата зима била значително повисока од претходната година, што се одразило и на потрошувачката на гас. Според податоците на Агенцијата за електрична енергија, гас, телекомуникации и железници, Германците минатиот јануари користеле околу десет отсто помалку гас отколку во истиот месец претходната година, што делумно се должи на напорите на потрошувачите да штедат со оглед на предвидливиот раст на цените.
Но, сојузната влада сака многу повеќе: и во приватниот сектор треба да се заштедат 20 отсто од потрошувачката во споредба со претходните години. Според шефот на Агенцијата за електрична енергија, гас, телекомуникации и железници, Милер, во моментов се разговара за привремено намалување на пропишаните норми за греење за оние кои издаваат станови. Компаниите би можеле да се охрабрат да штедат гас со премии.
Потрага по партнери - и солидарност
Ако Русија е трајно отсутна како снабдувач, другите трговски партнери стануваат уште поважни. Норвешка, која сега е најголемиот снабдувач со гас за Германија, како и Холандија, се чини дека го достигнаа максимумот од својот потенцијал. Според тоа, Германија и ЕУ цврсто работат на нови сојузи. Со свои терминали за ЛНГ, Катар, Алжир и САД стануваат особено важни за Германија.
Со оглед на силната меѓусебна поврзаност на внатреевропскиот пазар на гас, солидарноста меѓу земјите на ЕУ исто така игра важна улога. Кога станува тесно, одделни држави се закануваат со мерки за изолација со цел да дадат приоритет на грижата за сопственото население. Тоа би требало да се спречи со билатерални договори за солидарност, како што е предвидено во регулативата на ЕУ за „Безбедност на снабдувањето“.
- повеќе: Германија и рускиот гас – долг пат до енергетска независност
Сепак, досега се склучени само неколку такви договори. Германија досега има потпишано договори со Данска и Австрија. Вчера се потпиша начелен меморандум за намери со Франција, која вети дека ќе ѝ испорача гас на Германија доколку тоа биде потребно. Потребните приклучоци за гас ќе бидат завршени во следните неколку недели.
Значи, на пазарот на гас се случуваат многу работи. Сепак, состојбата со снабдувањето ќе остане неизвесна. Она што е сепак сигурно е дека гасната криза во Германија ќе продолжи и во наредната година - и дека Германија ќе мора длабоко да бркне во своите џебови за да ја реши.