1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија и рускиот гас – долг пат до енергетска независност

23 април 2022

Притисокот врз Германија, да се откаже од руска нафта и природен гас, расте. Но, зависноста е голема и енергетската транзиција ќе потрае. Она што е потребно, се практични политички мерки, смета Јенс Турау.

https://p.dw.com/p/4ABT5
Gas Gasimport Stop Gasembargo Russland Krieg Symbolbild
Фотографија: epa Maxim Shipenkov/dpa/picture alliance

Со секој ден, со секоја нова ужасна вест од Украина за масакр врз цивилно население, расте притисокот врз Германија да престане да набавува руска нафта и гас. Тоа се разбирливи барања, посебно и првенствено од Украина. Застрашувачки е и тоа што студија на еколошката организација Гринпис открива – Германија оваа година ќе мора да ѝ плати на Москва рекордна сума од 32 милијарди евра за купување нафта и плин. Гласното барање на сето тоа веднаш да му се стави крај, секако е оправдано и сигурно ќе биде уште погласно.

Но, и министерот за економија,  Роберт Хабек  од Зелените, е во право кога вели дека социјалниот мир во Германија се доведува во опасност ако нагло се прекинат  испораките на гас.  Хабек веќе се обиде уште сега да форсира  испорака на гас  од други земји, како Катар и Норвешка. Германија планира брза изградба на терминали за увоз на течен гас. Долгорочно пак се потпира на масовна изградба на обновливи извори на енергија и на водород како енергетски извор на иднината, првенствено во индустријата. 

Болни дебати

Сето тоа е исправно и добро и оди во прилог на владата која не ја одбива, посебно за Зелените, болната дебата за продолжување на работата на нуклеарните електрани кои уште постојат. Тука спаѓа и идејата за наново испитување на добивањето на гас со фрекинг, што во Германија е забрането.

Но, она што е заедничко на сите дебати е што тие завршуваат еднакво брзо како што и почнале. Она пак што останува е големата зависност од увозот од Русија. Сѐ на сѐ, затоа е правилно таа зависност да се прекине чекор по чекор, а не со големо спектакуларно запирање на  руските испораки  од денес до утре.

Thurau Jens Kommentarbild App
Јенс Турау

Она што фрустрира е што владата не се осудува да преземе некои мали, но ефикасни мерки кои уште сега би помогнале во заштедата на енергија. Една од таквите мерки е ограничување на брзината на автопатиштата. Несфатливо е зошто тоа одамна не се случи, иако повеќе експерти уверуваат дека со тоа би била можна заштеда на нафта од околу седум проценти. Таква мерка може да биде ограничена на одреден временски период. Зошто не? Важно е нешто да се случи.

Претстојниот прекин мора да биде конечен

Да биде појасно: Германија мора пред сѐ да се ослободи од зависноста од руска нафта и плин. И тоа конечно. Во новите згради веќе не смеат да бидат вградувани плински грејни системи, а употребата на обновливи извори на енергија конечно мора вистински масовно да се прошири. Но, за сето тоа треба време, многу време. И Европејците конечно, наместо едни против други, мораат заеднички да креираат енергетска политика. 

Дали спасот е во Казахстан?

Со децении секоја сојузна влада во Германија непрекинато зборуваше за енергетска транзиција: откажување од нуклеарна енергија, прекин на производство на електрична енергија од  јаглен,  ширење на капацитетите на обновливи извори на енергија. Но, посебно во последната точка, големите ветувања не беа следени од дела. Добивањето енергија од сонце и ветар не порасна во мерка во која беше можно. Тоа сега мора да се промени. Повеќегодишните процедури за издавање дозволи за ветерни турбини мора драстично да се скратат. Тоа е токму она што владата сега има намера да го направи. Но, таа треба да работи на извршување на планот.

Подобро е веднаш да ѝ се испорача тешко оружје на Украина

Краткорочно меѓутоа, а само за тоа станува збор, без оглед на сите напори, не постои алтернатива за рускиот гас. Тоа е ужасен заклучок. Не мора да верувате на сите катастрофални прогнози од стопанството, но дека моментниот прекин на испорака на гас би имал драматични последици, веројатно е точно.

Владата сега има намера до 2024 година во целост да прекине увоз на руски гас. Тоа изгледа реално. Наместо да се зборува за итен прекин на испорака на нафта и плин од Русија, што не може да се изведе, би било полесно да се прекине со колебањето околу  испорака на тешко оружје на Украина.  Но, од долгогодишата зависност, не е можно ослободување туку-така, преку ноќ.