План за независност од руската нафта
4 мај 2022За украинскиот претседател Володимир Зеленски, работата е јасна: „Ембаргото на руската нафта е неизбежно“. Секој нов пакет санкции што не содржи нафта се регистрира во Москва „со насмевка на лицето“ - тоа е она што постојано и се порачува на Европската Унија од Киев.
Во видео-порака објавена во средината на април, Зеленски го зголеми притисокот: „Во следниот пакет санкции против Русија мора да има откажување од руската нафта“. Но, за разлика од ембаргото за јаглен, ЕУ се двоуми дали да го забрани увозот на руска нафта. Преголем е стравот од економската штета. САД, Австралија или Канада веќе воведоа ембарго на руската нафта, но владата во Берлин досега ја отфрлаше опцијата за ембарго на нафта.
Во текот на минатата недела уделот на руската нафта во германската потрошувачка падна од 35 на 12 отсто. Ова го истакна сојузниот министер за економија, Роберт Хабек (Зелените) во неделата (1 мај) во новиот извештај за напредокот на проектот за енергетска безбедност. Така стана јасно дека ЕУ се приближува до моментот кога навистина ќе воведе ембарго на руската нафта поради рускиот напад на Украина. Најдоцна во среда (4 мај), Европската комисија сака да го претстави својот предлог за нов пакет санкции против Русија. А, во тој пакет, според информациите на германската новинска агенција Дпа, е вклучено и воведување на нафтено ембарго.
„Црно злато“ од Русија
Европската Унија во 2019 година четвртина од потребите за нафта ги покриваше со увоз од Русија. Со помош на нафтата, Германија произведува 36% од потребната енергија и со тоа е на средината на европската листа. Сосема поинаква е ситуацијата во Малта, Кипар или Грција. Во Грција, на пример, според податоците на ЕУ, нафтата сочинува повеќе од 50 отсто од „енергетскиот микс“. Во Малта или Кипар и повеќе од 80 отсто. Поголемиот дел од нафтата таму доаѓа од Русија - поради нејзината географска близина. Во текот на претходните преговори за санкции, на ниво на ЕУ, на ембаргото на руската нафта најмногу се спротивставија Унгарија, Австрија и Германија. Но, Шведска, Данска и Финска не беа воодушевени од можната забрана за увоз на руска нафта.
И покрај тоа, нафтата, барем теоретски, полесно се надоместува отколку гасот. Нафтата може полесно да се транспортира низ светот со помош на танкери, потсетува во изјава за ДВ Кај Екерт од германската „Енергетска информативна служба“ (Energie Informationsdienst). Инфраструктурата за таков начин на транспорт веќе постои, за разлика од ЛНГ за дистрибуција на течен гас. Но, сепак експертите очекуваат дека поради тоа ќе порасне и цената на нафтата. „Преку нафтоводот 'Дружба' се испорачуваше нафта од Русија по прилично стабилни транспортни цени. Кога увозот ќе се префрли во некои други земји, тогаш увозот ќе се врши речиси исклучиво по морски пат, што значи дека транспортните трошоци се повисоки, а тоа потоа ќе се одрази на цената на нафтата“, вели Екерт.
Нафтена дипломатија
Дали е можно да се замени руската нафта на краток рок? Според Меѓународната агенција за енергија (ИЕА), во 2021 година, Европската Унија увезувала 2,2 милиони барели сурова нафта дневно од Русија, како и 1,2 милиони барели нафтени деривати. Кај Екерт оценува дека е можно да се надомести увозот на тие количини - од некои други региони. Германија и ЕУ во моментов бараат алтернативи. Затоа министерот за економија Хабек неодамна ги посети Емиратите. Дали наскоро ќе отпатува за Венецуела? Или во Иран? И ако се случи тоа, старите санкции против тие земји ќе мора да бидат укинати. Во САД, Европската Унија има барем еден демократски партнер кој веќе ја зголеми експлоатацијата на нафтата.
И таму е и ОПЕК. Нафтениот картел може краткорочно да ја зголеми количината на нафта на пазарот за два милиони барели, вели за ДВ Барбара Ламбрехт, експерт во германската Комерцбанка за суровини. Сепак, таа додава дека проблем е членството на Русија во проширениот состав на ОПЕК (ОПЕК +): „Засега не постои ризик од целосен прекин со Русија. Наместо тоа, производството на нафта постепено се зголемува“. Генералниот секретар на ОПЕК неодамна го отфрли барањето на ЕУ за зголемување на количината на произведена нафта, додавајќи дека не моѓе туку-така да се надомести увозот на ЕУ од Русија.
Главниот извор на финансии
Приходите од продажбата на нафта во Русија минатата година изнесуваа околу 30 отсто од државниот буџет. За споредба: гасот, кој е многу потешко да се компензира, имаше удел од само шест отсто од рускиот буџет. Според пресметките на европскиот тинк-тенк „Бругел“, ЕУ во моментов увезува руска нафта во вредност од 450 милиони евра дневно. Москва би била значително погодена од недостатокот на такви приходи.
Во секој случај, дискутабилно е колку брзо, со помош на нови партнери, Москва би можела да ги надомести тие загуби? „На Русија и треба време да најде нови извозни пазари“, рече Ламбрехт. Освен тоа, не смееме да заборавиме дека во иднина веќе не би можеле да се користат многу поевтини руски нафтоводи, како што е „Друштвото“ кое транспортира нафта во ЕУ.
Москва е во слична позиција како ЕУ на краток и среден рок. Значи, главното прашање е дали Русија може да ги продаде своите нафтени резерви во случај на ембарго. И на кого? Кај Екерт смета дека тоа е можно, но додава: „Можеби по малку пониска цена, но нафтата сигурно ќе најде купувачи и во иднина“.
Германски резерви
Помина времето на евтина нафта од Русија. Германскиот министер за економија, Роберт Хабек, сака Германија да биде „речиси независна“ од увозот на руска нафта до крајот на оваа година. Сепак, сè уште се отворени многу прашања, на пример, како точно Берлин има намера да ја постигне таа цел? Проширувањето на капацитетите за производство на енергија од обновливи извори трае подолго, а прашањето за алтернативните извори на нафта се уште не е разјаснето. Слично е и во другите земји од ЕУ. Комесарот за надворешни работи на Унијата, Жозеп Борел, неодамна изјави дека се работи на изнаоѓање брзо решение за нафтата. Тој потврди и дека санкциите поврзани со нафтата и гасот се уште се во „игра“.
-повеќе на темата: Европа во бегство од рускиот гас
Доколку порано се воведе ембаргото за увоз на руска нафта, во тој случај Германија може да посегне и по националните резерви на нафта, кои почнаа да се чуваат пред 50 години, поради големата нафтена криза. Со помош на овие резерви може да се „преживее“ без Русија 200 дена, се наведува во документот што го составил Министерството за економија, а го цитира весникот „Ханделсблат“. Но, во документот се нагласува дека при изработката на таа пресметка не бил земен предвид квалитетот на суровата нафта, односно прашањето за транспортот. А, тоа конкретно значи дека некои германски рафинерии, по воведувањето на ембаргото, би можеле да се најдат во сериозни проблеми.
Сепак, економската штета, барем што се однесува до Германија, би била релативно мала. Досегашниот отпор на Берлин на можното ембарго очигледно имал сосема други причини: имено, стравот дека Путин во случај на бојкот на руската нафта би можел да ја „затвори“ чешмата за доток на руски гас. А, тоа може да има огромни последици за многу земји, вклучително и за Германија.