Низ гасоводот Северен тек 1 не тече гас
3 септември 2022Русија најави дека контролата и мерките за одржување на гасоводот ќе траат три дена и дека потоа низ Северен тек 1 повторно ќе протече гас. Но, Газпром вчеравечер (2.09) соопшти дека засега нема да се транспортира гас. Како причина е наведено истекување на нафта во компресорската станица Портоваја. Додека проблемот не се реши, гас нема да тече, се вели од концернот.
Германските власти реагираа веднаш и соопштија дека ситуацијата на пазарот на гас е напрегната, но дека снабдувањето со гас е обезбедено. Порпаролка на Министерството за економија во Берлин изјави дека нема да се коментира најавата од Газпром, „но недоверливоста на Русија ја видовме веќе во текот на изминатите недели и продолживме консеквентно со нашите мерки за зајакнување на независноста од увозот на руски енергенси“. Со тоа, како што нагласи портпаролката, „сега сме значително подобро опремени отколку пред неколку месеци“.
Германската влада, преземајќи различни мерки, прави напори до почетокот на грејната сезона да се наполнат резервоарите за гас. Доколку резервоарите се наполнат 95% од вкупниот обем, тоа би било количество кое што беше потрошено во цел јануари и февруари во 2022 година.
Германија во меѓувреме најголеми количества земен гас добива од Норвешка, Холандија и Белгија.