1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиГерманија

Каква е тактичката полза од германските тенкови за Украина?

13 февруари 2023

Старите Леопард-тенкови можат да ги штитат украинските војници во директна борба. Но, за ослободување на окупираните територии одлучувачка улога им се припишува на тенковите од типот Леопард 2.

https://p.dw.com/p/4NKcl
Тенковите Леопард 1 од Данска во Фленсбург, во северна Германија: 20 од нив ќе бидат префрлени во Украина
Тенковите Леопард 1 од Данска во Фленсбург, во северна Германија: 20 од нив ќе бидат префрлени во УкраинаФотографија: Constanze Emde/dpa/picture alliance

Додека во источна Украина украинските војници на фронтот се сѐ попритиснати од страна на руските сили, фотографијата која неделава ја објави украинскиот министер за одбрана Олексеј Ресников треба да шири оптимизам. На фотографијата Ресников е со неговиот германски колега Борис Писториус со модел на тенк Леопард 2 в рака по нивните разговори во Киев. 

На маргините на посетата на Киев, Писториус потврди дека Германија сака уште во март да ѝ го предаде на Украина првиот од вкупно 14-те тенкови Леопард 2. И тој го уверува Киев дека Германија на украинската армија ќе ѝ испорача околу 100 тенкови од постарата варијанта Леопард 1 од залихите на воената индустрија.

Двата типа тенкови на фронтот може да се употребуваат на многу различен начин. Во споредба со помодерниот Леопард 2, првичната варијанта на тенковите Леопард нема голем оклоп. „Првата генерација Леопард е направена во време кога технички не беше можна целосна заштита од противоклопни ракетни системи“, вели за ДВ директорот на Германскиот музеј за тенкови во малиот северногермански град Мунстер, Ралф Ратс. „Затоа, конструкторите на тенкот Леопард 1 свесно се одлучија да го направат возилото полесно со користење на потенок оклоп и наместо тоа да инсталираат најмоќен можен мотор за да го направат тенкот што е можно побрз и поподвижен.“

Ралф Ратс, директор на Германскиот музеј за тенкови во северногерманскиот град Мунстер
Ралф Ратс, директор на Германскиот музеј за тенкови во северногерманскиот град МунстерФотографија: Deutsches Panzermuseum

Леопард 1 за заштита на украинските војници во битка

Експертите проценуваат дека постариот тенк Леопард 1 би можел да ѝ помогне на Украина во нејзината одбранбена борба заедно со оклопните транспортери ветени на почетокот на годината, како што се германскиот Мардер или американскиот Бредли. Во моментов, украинските војници на фронтот на исток и на југ на земјата сè уште често се борат без оклопни возила.

Американскиот претседател Џо Бајден  на почетокот на годината вети 60 вакви оклопни транспортери. Пред десет дена првите од нив го напуштија американското пристаниште Чарлстон во сојузната држава Северна Каролина, соопштија од „Транспортната команда“, логистичарите на вооружените сили на САД. 

За разлика од неговиот наследник, Леопард 1 тешко би издржал во директна тенковска битка против руските единици во источна Украина, вели Ратс. За тоа е потребен Леопард 2.

Првично 14 тенкови Леопард 2

Германија сака првично да ја поддржи Украина со 14 тенкови Леопард 2А6 од резервите на Бундесверот. Германија има вкупно 328 тенкови Леопард - експертите немаат единствен став околу тоа колку од нив би можеле веднаш да се употребат.

Целта на западните држави, како што се вели, е што е можно побрзо да ѝ дадат на Украина доволно Леопарди и други вооружени системи за два тенковски баталјони. Во Бундесверот, еден тенковски баталјон вклучува 44 Леопард-тенкови. За да се исполни целта, тенкови мора да обезбедат и другите европски партнери. Германската влада сега сака да издава дозволи за испорака на тенкови од други земји. Таквиот процес на одобрување е меѓународно вообичаен кога се работи за зделки со оружје и е предвиден во договорите.

Леопард 2 има 120 милиметарски топ, со кој и во текот на возење може да напаѓа неподвижни или подвижни цел
Леопард 2 има 120 милиметарски топ, со кој и во текот на возење може да напаѓа неподвижни или подвижни целФотографија: U.S. Army/ABACA/picture alliance

„Супериорни во споредба со руските модели“

Реакцијата од Москва ја покажува важноста на Леопардите. Москва ја нарече испораката на тенкот Леопард и другите вооружени системи „директно учество“ во конфликтот. Констатација која канцеларот Олаф Шолц (СПД) секогаш сакаше да ја избегне. Во меѓувреме, експертот на опозициската ЦДУ за прашања на одбраната, Родерих Кизеветер, во интервју за ДВ ја поздрави одлуката на владата: „Западните модели многу подобро ги штитат војниците и на тој начин го зголемуваат борбениот морал. Освен тоа, тие технички се супериорони во однос на советските модели. Тоа значи дека операциите од големи размери можат повторно да бидат реални. Со нив може да се ослободат поголеми области од руска окупација и да се спречат воени злосторства“.

Надеж за јасно подобрување

Воената експертка Марина Мирон од лондонскиот Кралски колеџ, смета дека допрва ќе се види каква е точно вредноста на тенковите Леопард за Украина. Таа за ДВ изјави: „Сè уште не знаеме кои верзии на тенковите Леопард конкретно ќе ги добие Украина, но, се разбира, голема е надежта дека тие ќе бидат јасно подобрување во однос на она што Украина го има во моментов.“

Германија има вкупно 328 тенкови Леопард
Германија има вкупно 328 тенкови Леопард Фотографија: Martin Meissner/AP Photo/picture alliance

Испораката на НАТО во Украина, која сега се разгледува, вклучува речиси 90 тенкови. Финска, која сѐ уште не е членка на НАТО, исто така најави дека може да испорача тенкови Леопард на Украина. И таму, во воената зона, доста воени експерти се надеваат на одлучувачки пресврт во војната со Русија, особено со повторно заземање области на истокот на земјата.

Леопард 2 и неговиот претходник Леопард 1 важат за воени извозни хитови на Германија. Тенкот Леопард 2 е во сериско производство од 1978 година и оттогаш е повеќепати усовршуван. Поради големиот извозен успех на тенкот од фирмата Краус-Мафај Вегман, постојат многу различни верзии, кои се прилагодени на посебните барања на купувачот. Претходниот модел Леопард исто така се продаваше многу често и сè уште е во служба во многу армии ширум светот.

Со тежина од 60 тони и брзина од 60 км на час

Леопард 2 има 120 милиметарски топ, со кој и во текот на возење може да напаѓа неподвижни или подвижни цели. Со дополнителна опрема, тенкот може да пробие и во води со длабочина од 4 метри. Тенкот има 1500 коњски сили и брзина од 60 км на час. Неговата тежина од 60 тони е проблем кога се работи за премин преку мостови.

Наспроти тоа, воениот експерт од редовите на германските социјалдемократи, Нилс Шмид, оценува: „Уверени сме дека испораката на Украина оваа пролет може да донесе одлучувачка предност. Борбената сила на тие тенкови е голема, значително поголема од кое било оружје кое Германија досега го испорачала. Заедно со зајакнување на противвоздушната одбрана, Украина на тој начин би можела да ја промени воената рамнотежа во своја полза и да го примора рускиот претседател Путин на сериозни преговори за враќање на украинскиот територијален интегритет.“