Дадена е дозвола за извоз на тенкови „Леопард 1“ во Украина
3 февруари 2023Германската влада одобри извоз на тенкови „Леопард 1“ од индустриските резерви во Украина, потврди владиниот портпарол Штефен Хебештрајт во Берлин. Тој не даде други детали во врска со извозот, како на пример бројот на тенкови за извоз. Ова ќе стане „поконкретно во следните неколку денови и недели“, рече Хебештрајт.
Според весникот „Зиддојче цајтунг“, концернот за оружје Рајнметал и компанијата Фленсбургер Фарцојгбау Гезелшафт (ФФГ) сакаат да подготват десетици тенкови „Леопард 1“ кои би можеле да ѝ ги достават на Украина за борба против Русија. Рајнметал, како што се вели, има 88 тенкови од типот „Леопард 1“.
Процесот на подготовка на тенковите за извоз може да трае повеќе месеци. „Дури и ако утре се донесе одлука дека можеме да ги испратиме нашите тенкови Леопард во Киев, испораката ќе трае до почетокот на следната година“, изјави на средината од јануари директорот на Рајнметал, Армин Папергер за весникот „Билд ам Зонтаг“. „Возилата не само што наново се бојосуваат, туку треба и да се пренаменат за воена употреба. Тие ќе бидат целосно демонтирани, а потоа повторно составени.“
Според „Зиддојче цајтунг“, проблеми има и со набавката на потребната муниција од 105 милиметри. Иако Бразил сè уште има големи залихи на муниција поради испораката на околу 250 тенкови „Леопард“ од Германија, владата на претседателот Луис Инасио Лула да Силва досега одбиваше да ја предаде, исто како и муницијата за „Гепардите“.
„Леопард 1“ е првиот тенк направен за Бундесверот по Втората светска војна. Тој се произведуваше во периодот од 1960-тите до средината на 1980-тите. Бундесверот не користи „Леопард 1“ уште од 2003 година. Портпарол на Министерството за одбрана во Берлин изјави дека во споредба со „Леопард 2“, претходниот модел „воопшто не може да држи чекор“.
Минатата недела германската влада донесе одлука за доставување на 14 тенкови „Леопард 2“на Украина од резервите на Бундесверот.