Испорака на тенкови: Германија сега е завојувана страна?
30 јануари 2023Откако Германија, по долга нерешителност, одлучи да испорача тенковиод типот „Лепорад 2” на Украина, владата во Русија реагираше веднаш: „Сѐ што Алијансата и од моја страна споменатите главни градови во Европа и САД ќе направат, Москва ќе го толкува како директно учество во војната“, рече Дмитри Песков во четвртокот (26.1.2023) во Москва, а пренесе руската новинска агенција Интерфакс.
Шолц: „Нема војна меѓу Русија и НАТО"
Токму таквото обвинување од Москва, дека Германија ќе стане завојувана страна во конфликтот, канцеларот Шолц цело време настојуваше да го избегне. Па така, во средата вечер (25.01.), за телевизијата ЗДФ рече дека неговата земја не учествува во војната: „Не, во никој случај”, потенцираше Шолц и додаде дека „не смее да има војна меѓу Русија и НАТО”.
Експерти по меѓународно право го делат ставот на Шолц
Експерти по меѓународно право му даваат за право на Шолц и велат дека така стои во Повелбата на ООН. „Ниедна членка во меѓународните односи нема да се закани со, или да примени насилство насочено против територијалниот интегритет или политичката независност на една држава или против нешто што не е во склад со целите на Обединетите нации”. Русија го прекршила ова начело со нападот врз Украина во февруари минатата година. Повелбата во ваков случај експлицитно предвидува дека сите земји имаат право да се бранат, индивидуално или колективно.
Легитимно е и тешко оружје
Ова експлицитно содржи дека и други земји може да испорачуваат оружје или да започнат мисии за обука војници. Притоа не се прави разлика меѓу полесни системи и тешко оружје како што се во случајов тенковите „Леопард 2” од Германија. Маркус Крајевски, професор по меѓународно право од универзитетот Ерланген-Нирнберг за АРД оценува дека дури и учеството на војска од други држави во Украина би било легитимно: „Секој еден истрел од Русија во Украина е продолжување на кршењето на меѓународното право. Русија ќе се однесува согласно нормите на меѓународното право дури тогаш кога ќе си ги повлече своите сили во своите граници”, вели Крајевски. Но, во моментов нема изгледи тоа да се случи.
Кизеветер: „Русија ја искористи зимата за дотур"
Напротив, експертите очекуваат дека напролет ќе има офанзива од страна на Русија. Експертот за прашања на одбраната од редовите на ЦДУ, Родерих Кизеветер, за ДВ вели дека „Русија ја искористи зимата за да напредне со мобилизацијата и обуката на руските војници и да обезбеди дотур на материјал и муниција. Украина досега речиси и да не можеше да ги надомести загубите на материјал”, вели Кизеветер.
Затоа, снајперските и борбените оклопни возила, артилеријата и испораката на муниција само ќе ја израмнат оваа еклатантна предност на Русија. Кизеветер оценува дека покрај големите загуби на потрошен материјал, посебно за тенковите, проблем е и тоа што речиси и да нема веќе муниција и резервни делови за советските модели. „Оттука, префрлањето на западни модели и логистички синџири е неизбежно“, оценува Кизеветер.
Бурни реакции по изјавата на Бербок
Но, за западните држави кои ќе испорачуваат тенкови на Украина пресудна не е правната или дефиницијата на меѓународното право, туку како точно претседателот на Русија, Владимир Путин, ќе реагира на испораката на тенкови. Колку е сензитивна и тензична состојбата, покажува дебатата околу една изјава на германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок за „војна против Русија”.
Портпаролката на руското министерство за надворешни работи, Марија Сахарова, во петокот (27.1.) побара објаснување од германскиот амбасадор во Москва за „противречните” изјави од Берлин. Германија од една страна се изјаснува дека не е завојувана страна во Украина. Од друга страна, пак, Бербок вели дека земјите од Европа се во војна против Русија. „Разбирате ли барем вие самите што зборувате?“, напиша Сахарова на мрежата Телеграм.
Меѓународно право? За Путин тоа не е пресудно
Бербокво вторникот (24.1.) во Советот на Европа во Стразбур повика на обединетост на западните сојузници со следниве зборови: „Ние војуваме војна против Русија, а не меѓу себе”. Руските државни медиуми изјавата ја толкуваа како воена пропаганда и доказ дека Германија и другите членки на ЕУ се директна завојувана страна во конфликтот во Украина и дека војуваат против Русија.
Министерството за надворешни работи во Берлин во меѓувреме ја стави изјавата на Бербок во друго светло и на прашања од различни медиуми, како и на социјалните мрежи, од таму велат: „Русија води брутална војна против Украина.“ Тоа, како што се вели, е и војна против европскиот мировен поредок и меѓународното право. „Меѓународното право е јасно: Помагањето на Украина во тоа да си го практикува индивидуалното право на самоодбрана, постулирано во Повелбата на ООН, од нападите од Русија, која го повредува меѓународното право, не ја прави Германија завојувана страна во конфликтот.“
Дури и во случај кога Германија и другите сојузници очигледно се покриени што се однесува до меѓународното право, со испораката на тешко оружје се наоѓаат во фокусот на руската пропаганда. Путин досега не покажа голем интерес за меѓународното право и веројатно нема да го има ни во иднина.