Германија одлучи: Украина ќе добие „Леопарди“
25 јануари 2023Во дискусијата за испораката на „Леопард 2“ во Украина, германската влада, по долго колебање очигледно направи пресврт. Донесена е одлука, Германија да ѝ испорача на Украина борбени тенкови „Леопард 2“. Според информациите на јавниот сервис АРД, одлуката треба официјално да биде соопштена во текот на денот од страна на канцеларот Олаф Шолц за време на седницата за пратенички прашања во Бундестагот
Планирано е да се опреми најмалку една бригада со верзија на тенковите Леопард 2А6 на Бундесверот, објави „Шпигел“. Опремувањето на бригадата вклучува 14 тенкови односно системи за вооружување.
Германската влада, исто така, одлучи да им дозволи на другите земји да даваат или продаваат германски тенкови на Украина. Берлин игра клучна улога кога германското оружје се продава или се предава на други земји - клаузулите за крајна употреба се секогаш дел од договорот. Со него се предвидува дека германската влада мора да се согласи со трансферот во трети земји.
Вчера и Комисијата за безбедносна политика на Швајцарскиот национален совет официјално предложи да се дозволи трансфер на швајцарски системи за вооружување од други земји во Украина. Препораката беше одобрена со 14 гласови „за“ и 11 гласа „против“ и сега е потребно одобрение од парламентот.
Повикувајќи се на својата неутралност, Швајцарија досега ги одбиваше барањата на Германија за испорака на муниција од швајцарско производство на Украина.
Воодушевување во Украина
Во првата официјална реакција на одлуката за испорака на тенковите „Леопард 2“, владата на Украина искажа воодушевување. Андриј Јермак, шефот на кабинетот на претседателот Володимир Зеленски, коментираше на Телеграм: „Ќе имаме сè, сè за повторно освојување на нашите територии и за контраофанзива. Возачите на тенкови ќе бидат среќни, како и артилеријците, а подоцна и пилотите“, напиша Јермак и додаде: наскоро „повторно сè ќе биде Украина“.
Спомнувајќи ги пилотите, шефот на кабинетот предвиде нова расправа, која неколку минути претходно ја започна министерот за надворешни работи Дмитро Кулеба.
„Сега Ф-16? Да!“, напиша тој на Фејсбук - очигледно во разговор со неименуван европски колега. Притоа, тој го откри следниот чекор: дека Украина сега сака да се потруди наскоро да добие борбени авиони.
И поранешниот украински амбасадор во Германија, Андриј Мелник, ја поздрави планираната испорака на Леопардите и веднаш побара - модерни борбени авиони.
„Алелуја! Исусе Христе!“, напиша Мелник на Твитер, „А сега, драги сојузници, ајде да изградиме силна коалиција на борбени авиони за Украина, со Ф-16 и Ф-35, Еурофајтери и Торнада, Рафали и Грипени - и сѐ друго можете да испорачате во Украина. “. Мелник сега е заменик министер за надворешни работи на Украина.
Зеленски: Ни требаат многу тенкови
Меѓутоа, украинскиот претседател Володимир Зеленски кој последен реагираше на изваштаите за испорака на „Леопардите, беше повоздржан. „Многу труд, зборови, ветувања“, рече тој во своето редовно видео обраќање. „Поважно е да се согледа реалноста. Не станува збор за пет, десет или петнаесет тенкови. Потребата е многу поголема“.
Зеленски уште истакна: „Му благодарам на секој од вас што не поддржува во ова. Дискусиите за испорака на тенкови сега мора да доведат до одлуки кои навистина ја зајакнуваат нашата одбрана од (руските) терористи“,
Сојузниците на Украина го имаат потребниот број тенкови, рече тој. „Кога ќе ја имаме потребната тежина во одлуките, со задоволство ќе ви се заблагодариме за секоја поединечна важна одлука“, нагласи Зеленски. „Сè уште работиме на тоа“.
Полска го скрши мразот, ќе бара пари од ЕУ за тенкови
Полска вчера официјално побара дозвола од германската влада за испорака на тенковите „Леопард 2“. Како што јавува АРД, и одлуката за ова барање ќе биде објавена денеска.
Полскиот министер за одбрана, Мариуш Блшчак, го потврди официјално поставеното барање и, исто така, ја повика владата во Берлин да се придужи со своите тенкови кон коалицијата земји кои ја поддржуваат Украина. „Ова е наша заедничка цел, бидејќи станува збор за безбедноста на цела Европа“, рече тој.
Полска беше одлучна да истпрати Леопарди на Украина, дури и без дозвола на Германија. Ако на крајот Полска не добие одобрување од Германија, таа ќе делува во рамки на мала коалиција и „заедно со другите ќе префрли тенкови во Украина“, рече во понеделникот премиерот, Матеуш Моравјвецки. А, претседателот, Анджеј Дуда, пред десетина дена рече оти владата во Варшава одлучила на Украина да ѝ предаде 14 Леопарди.
Полска, исто така, сака да ја вклучи ЕУ во испораката на тенкови за Украина. „Ќе поднесеме барање до ЕУ за враќање на парите. Тоа ќе биде уште еден тест на добра волја“, рече Моравјецки на конференцијата за новинари.
Норвешка, Холандија, Финска...
Откако се прочу одлуката на германската влада дека на Украина ќе ѝ испорача тенкови и ќе дозволи на трети земји да го сторат тоа, Норвешка сега, исто така, разгледува да испрати 8 Леопарди во Украина, пренесуваат медиумите.
Холандија би можела да купи 18 тенкови Леопард 2 изнајмени од Германија и да ги предаде на Украина во рамки на таканаречената „тенковска коалиција“, изјави холандскиот премиер Марк Руте за ФАЦ. „Ги изнајмивме, што значи дека можеме да ги купиме, што значи оти може да ги дадеме бесплатно.“
Финска која не е членка на НАТО, но сака да стане, одамна најави дека има намера да ѝ испорача некои свои Леопарди на Украина.
Медиумите: САД сакаат да испорачаат тенкови Абрамс
Високопозицинонирани извори, вклучувајќи ги и меѓународните партнери на Германија, исто така, потврдија дека САД се откажуваат од скептичниот став и оти наскоро ќе најават испорака на тенковите „Абрамс“, наведува АРД. Еден добро упатен извор за „Политико“ изјави оти 30 тенкови Амбрамс би можеле да бидат предадени на Украина.
Волстрит Џурнал порано објави дека американската најава за испораката на „поголем број“ борбени тенкови „М1 Абрамс“ би можела да дојде подоцна неделава. Според весникот, претседателот Џо Бајден во минатонеделниот разговор со Олаф Шолц ветил дека ќе разгледа за испораката.
Владата на САД засега не ги потврди овие извештаи. „Немам што да најавам во овој момент“, изјави Пат Рајдер, портпарол на Министерството за одбрана.