1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаРусија

Како Брисел ја оценува украинската офанзива на Курск?

Ксенија Полска
19 август 2024

Киев ја промени својата воена стратегија и навлезе во руска државна територија. Дали овој потег ќе го промени односот на ЕУ кон Украина? Како Брисел ја оценува новонастанатата ситуација?

https://p.dw.com/p/4jcGK
Европска унија I Украина
Како Брисел ја оценува украинската офанзива на Курск?Фотографија: Bogdan Hoyaux/European Union | CC BY 4.0

Во тек е летниот распуст и многу европратеници и вработени во Европската унија се на одмор. Дури и седиштето на НАТО е официјално во пауза и досега нема дадено никаква изјава за неодамнешната воена офанзива на Киев на Курск.

Следните консултации за војната на Русија против Украина се планирани за крајот на август, кога на неформален состанок во Брисел ќе се сретнат министрите за надворешни работи и одбрана на 27-те земји-членки на ЕУ.

Во прв ред политички успех на Киев

Експертите, политичарите и претставниците на ЕУ со кои разговараше ДВ се согласуваат дека на украинската офанзива во руските региони Курск и Белгород може да се гледа позитивно.

„Општата оценка за она што го постигнаа украинските сили е позитивна, не толку во воена, туку во политичка смисла“, смета известувачот на Европскиот парламент за Русија, Андриус ​​Кубилиус.  Украина успеа да ја преземе иницијативата,  да му ги покаже  на Кремљ неговите пропусти и да го убеди Западот дека не треба да се плаши од ескалација од страна на Кремљ.

Андриус ​​Кубилиус, ЕУ
Андриус ​​Кубилиус, известувач на Европскиот парламент за РусијаФотографија: Europäische Union

Украинската офанзива се смета за успешна бидејќи по долга пауза Украина повторно ги докажа своите можности. Вака размислува експертот за безбедност Роланд Фројденштајн од „Фридом хaб“: „Импресиониран сум како Украина успева, од привидна инфериорност, одеднаш да преземе иницијатива и да ги стави Русија и самиот Владимир Путин во дефанзива“.

Меѓутоа, Аманда Пол од „Европскиот центар за политика“ предупредува дека е сè уште рано да се суди за резултатите на бојното поле. Таа ја опишува оваа офанзива како „храбар и смел потег“ на Киев, кој „го изненади Путин, му наштети на неговиот углед и истовремено го зајакна моралот на украинските војници и граѓаните“.

Ставот на Европската унија не е променет

Сепак, ЕУ нагласува дека активностите на Киев мора да бидат исклучиво со цел да се брани суверенитетот и безбедноста на Украина. Ова го потенцира официјална претставничка на ЕУ во неформален разговор за ДВ.

Шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел, во телефонски разговор со украинскиот министер за надворешни работи, Дмитро Кулебa, потврди дека ЕУ целосно ја поддржува борбата на украинскиот народ против руската агресија.

Тоа покажува дека ЕУ не ја променила својата стратегија кон Украина и по украинската офанзива на Курск. Портпаролот на ЕУ, Петер Стано, нагласи дека Украина, во рамките на своето право на самоодбрана, има право да го нападне непријателот „секаде каде што смета дека е потребно: и на своја и на непријателска територија“.

Шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел
Шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел: ставот на Европската унија не е променетФотографија: Nicolas Economou/NurPhoto/picture alliance

Кога министрите за надворешни работи и за одбрана на 27-те земји од ЕУ ќе се сретнат на крајот на август на нивната неформална средба, можно е да има разлики во  односот кон украинската контраофанзива,  но не се очекуваат одлуки. Аманда Пол смета дека сегашните реакции во Брисел јасно покажуваат дека сите се свесни оти Русија ги користи областите Курск и Белгород за напади врз Украина, вклучително и напади врз цивилна инфраструктура.

Офанзивата како самоодбрана

Според украинскиот претседател Володимир Зеленски, од почетокот на летото од областа Курск врз регионот Суми во Украина се извршени околу 2.000 напади со различни видови оружје.

Украинските сили сега ги прекинуваат руските линии за снабдување и ги окупираат областите од кои Украина постојано е напаѓана, вели Фројденштајн. Сега, по нападот на „Крокус Сити Хол“ во Москва во март оваа година,  Путин по вторпат доживува „огромен безбедносен неуспех  во очите на Русите“.

Во своите операции во областа Курск, украинските сили сносат одговорност за заштита на цивилите, нагласува портпаролот на Европската комисија за надворешна и безбедносна политика во изјава за ДВ. Во исто време, мора да се преземат сите можни мерки за да се минимизира влијанието на борбите врз цивилите. Брисел потсетува дека Украина мора да ги исполни општите обврски според меѓународното хуманитарно право.

Курската област во Русија
Украинската офанзива во Курската област во Русија е во рамките на правото на самоодбрана, истакнуваат експертитеФотографија: Evgeniy Maloletka/AP Photo/picture alliance

„Немаме добиено никакви информации што би укажале на нешто друго“, посочуваат од Европската комисија. Исто така, ја поздравуваат јавната наредба на украинскиот претседател за хуманитарна помош за жителите погодени од акциите на украинските сили на руска територија.

На 12 август Зеленски му нареди на министерот за внатрешни работи, другите членови на владата и Службата за безбедност на Украина (СБУ) да изготват „хуманитарен план“ за областа каде што се одвива операцијата. Зеленски, исто така, јасно кажува дека сега  самите Руси можат да почувствуваат како изгледа војната.

Различни начини на водење војна

„Тоа е важен елемент на дејствување, како во очите на украинскиот народ, така и во очите на политичкото раководство“, смета Роланд Фројденштајн.  „Украина се обидува да постигне воени цели,  но со тоа, се разбира, настанува цивилна штета. Тоа е речиси неизбежно. Она што Украина сè уште не го прави е да истрела ракети кон трговските центри. Русија го има направено тоа многу пати. Исто така, енергетската инфраструктура, која е клучна за цивилното население, останува недопрена од Украинците. Гледам големи разлики во начинот на кој се води војна и важноста што се придава на избегнување цивилни жртви“, вели Фројденштајн.

Експертите со кои разговараше ДВ посочуваат дека  одлуката на Украина да влезе на руска територија  ја премина најголемата „црвена линија“ поставена од нивните западни партнери поради страв од ескалација од страна на Кремљ.

Според Аманда Пол, воздржаната реакција на Москва покажува дека овие „црвени линии“ се бесмислени. „Мора да се укинат сите ограничувања што ја спречуваат Украина да изврши напади со долг дострел врз воени цели во Русија, а Украина мора да го добие сето потребно оружје за тоа. Од клучно значење за украинските сили е да ја уништат руската инфраструктура и воените и другите објекти кои придонесуваат за оваа војна“, заклучува Пол.