Русија: Борбите во Курск ги исплашија жителите
15 август 2024Украинските сили од пред една недела веќе се зацврстија во неколку градови во областа Курск во Русија - од 12 август 28 градови и села се под украинска контрола.
Ова го изјави вршителот на должноста гувернер на областа Курск, Алексеј Смирнов во разговор со рускиот претседател Владимир Путин. Најголемиот од овие градови е очигледно Суџа со 5.000 жители.
Украинските специјални сили во понеделникот на Телеграм објавија дека градот е под нивна контрола. Според руските пропагандни медиуми, борбите во моментов се водат главно во близина на Суџа, а украинските единици напаѓаат во различни правци. Сега е наредена и евакуација на градот Лгов, кој има 17.000 жители.
Се евакуираат луѓе и во соседниот регион Белгород. Според Смирнов, во градовите контролирани од украинските војници имало околу 2.000 луѓе. Нивната судбина е непозната.
ДВ разговараше со жителите на Белгород и Курск за состојбата во нивните градови, но и за степенот до кој им веруваат на руските власти.
Само „привремени тешкотии“?
Само на 9 август во Курск имало десет воздушни аларми, јавуваат различни жители во интервју за ДВ. Маргарита, која не сака да го каже вистинското име, вели дека ситуацијата во Курск е „мирна“ и дека луѓето работат, пазаруваат и шетаат како и обично.
„Сирените често се огласуваат, но ние се навикнавме. Алармот е за целиот регион, не само за нас“, нагласува таа. Државната телевизија зборува само за „привремени тешкотии“.
Сепак, Маргарита од роднините дознала дека борбите биле помасивни отколку што се прикажуваат на телевизија и дека луѓето бегаат од деловите на регионот Курск што граничи со Украина. Но, самата Маргарита верува дека сето тоа ќе биде „краткорочно“. Таа сака да остане во својот роден град.
Антонина исто така живее во Курск, но има сестра во Суџа, окупирана од Украина. „Кога започна гранатирањето, сестра ми Јулија побегна набрзина од Суџа“.
Антонина известува дека таа и нејзиното семејство се сместиле кај роднини во Орјол, околу 260 километри северно. Јулија морала да ги остави сите документи, вклучително и банкарските картички, во нејзината куќа во Суџа. „Но, она за што најмногу се грижи се куќата и нејзините домашни животни“, објаснува Антонина. „Сè уште има прасиња, патки и кокошки“.
Јулија и нејзиното семејство сега бараат сместување. Сè уште не можела да добие храна поради тесните грла во испораката. Освен тоа, таа сака да ги добие и 10.000 рубљи (што е еднакво на 100 евра) ветени од државата. Според руските власти, тоа е право на секој што морал да го напушти својот дом.
Загриженост поради инвазијата на украинските војници
И во регионот на Белгород има зголемени воздушни тревоги, вели Нина, која живее таму. Таа исто така не сака да го каже своето вистинско име. Сирената завиваше за време на телефонскиот разговор со ДВ, но младата жена остана во својата соба.
„Се навикнавме, престанав да одам во ходникот." Таа вели дека на жителите на градот им олеснало што украинската војска не дошла кај нив.
Но, луѓето зборуваат и за можна инвазија во нивниот регион. Според неа, сѐ повеќе припадници на руската војска престојуваат во Белгород од почетокот на украинската офанзива во соседен Курск.
Нина забележува дека луѓето во Белгород сè повеќе ги критикуваат руските власти, вклучително и претседателот на земјата: „Гледам дека моите пријатели и роднини кои ја поддржуваат војната веќе го нарекуваат Путин слаб лидер бидејќи тој ништо не презема ".
Обвинувања против руските власти
На социјалните мрежи веќе има огласи за барање, потрага по луѓе од Суџа со кои е прекинат контактот. Некои бараат постари роднини, други познаници кои отпатувале во регионот за да ги евакуираат членовите на семејството. На списокот има околу 40 имиња.
„Руската Федерација ја прекина струјата на сите овие села за да ги запре украинските војници. Кон тоа се надоврзува и електронската војна на двете страни“, пишува корисник под името Пјотр.
Руските власти, меѓутоа, нагласуваат дека телекомуникациите и мобилниот интернет работат во осум општини на Курската област и сега се бесплатни. Според одговорното министерство, може дури и да се телефонира без кредит. Но, социјалните мрежи сугерираат дека малкумина им веруваат на официјалните информации.
„Не постои врска. Роднините од подалечните региони не можат да воспостават контакт“, пишува Јулијана на страницата на локалната социјална мрежа. Според неа, „се знаело за претстојната инвазија на украинските вооружени сили, но никој не предупредил за тоа“.
А друг корисник по име Светлана прашува: „Каде беше тајната служба? Тие ги измамија луѓето!"
Во руската повеќејазична мрежа „ВКонтакти“, друг корисник по име Олга на веб-страницата на регионалната управа на Курск потврди дека е најавена евакуација на градот Лгов, кој има 17.000 жители.
Недалеку од овој град таа била на одмор со мајка си: „Се јавивме на итниот број. Рекоа дека сѐ е мирно и во ред. За евакуацијата дознав само од другарка и дојде нѐ собра син ми".
Властите: „Тешка оперативна ситуација“
Една од најдискутираните објави на руските социјални мрежи е веста дека оние кои морале да ги напуштат своите домови ќе добијат помош од 10.000 рубљи од државата.
„Боже мој, тоа е апсурдно!“, пишува Анастасиа: „Се разбира, никој не кажува дека тоа не стига за долго време." Други корисници, пак, објаснуваат дека сумата е доволна за храна и лекови за првите неколку дена.
Веб-страниците на властите на регионот Курск се полни со предупредувања за воздушни напади. Руската цивилна заштита прогласи вонредна состојба во овој регион.
Во исто време, официјалните лица очигледно се обидуваат да смират. Тие ги опишуваат настаните од изминатите четири дена само како „тешка оперативна ситуација“, а бегалците како „присилни доселеници“.
Политикологот Денис Греков е критичен кон ова: „Населението во руските региони на границата со Украина има особено голема потреба од веродостојни информации“, објаснува тој.
„На крајот на краиштата, ова е безбедносен проблем“, вели Греков. Сепак, руските власти не мора да се плашат од социјални немири во овие региони. И додава: „Многу од бегалците се во многу несигурна ситуација. Тие само сакаат властите да направат нешто за нив, тие не бараат промена на власта“.