1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиРусија

Шокот на Путин и зајакнувањето на Западот

16 август 2024

Може да се почне да се размислува дека можеби времето не игра баш во полза на Русија и дека кога Украина успева да ја подобри својата незавидна позиција, тоа може и мора да го направи и Западот. Пишува Ивор Мицковски

https://p.dw.com/p/4jX6i
Рускиот претседател Владимир Путин
Рускиот претседател Владимир Путин се информира за случувањата во КурскФотографија: Gavriil Grigorov/Sputnik/Kremlin Pool Photo/AP/picture alliance

За да се разбере вистинскиот ефект после повеќе од една недела од упадот на украинските сили во Курск, доволно е да се погледне само еден индикатор, а тоа е ликот на Путин за време на неговите заседавање со воениот кабинет. 

Претседателот Путин е во апсолутен шок и едвај успева јавно да го воздржи бесот од некомпетентноста на неговите апарати, изненадени од Тројанскиот упад на Украинците и планот создаден од Зеленски и неговите американско-британски советници или контролори.

Украинската офанзива во Курск го разнесе рускиот наратив дека војната во Украина е заглавена и дека Киев никогаш не би можел воено да ја победи Русија.  Сега прашањето е како Западот да му помогне на Киев една тактичка победа, да ја претвори во стратешка.

Путин е првиот руски лидер по Втората светска војна кој успеал да испровоцира инвазија врз Русија и загуба на руска територија. Откако се споредуваше со Петар и Катерина Велики, Путин ризикува да заличи повеќе на Николај Втори.

Украинската офанзива успеа да постигне неколку цели. Докажа дека руските сили не се способни во исто време да ја нападнат Украина и да ја заштитат Русија, односно, да се борат на два фронта и да го засилат воениот напор. Со тоа се докажува и дека западните стравови од руска ескалација всушност се неосновани: Москва едноставно нема капацитет за тоа. Русија беше приморана да повлекува сили од Украина и од внатрешноста на земјата со цел да се одбрани. Така беше уништен и наративот на Путин дека „специјалната воена операција“ всушност не носи никакви трошоци и жртви за Москва. Како што покажа и дека милијардите воена и финансиска помош за Киев во реалноста биле добро потрошени. Се разбира, нападот го подигна и моралот на украинските трупи и популација и ја загрози хипотезата дека идните мировни преговори ќе се однесуваат само на територијата која Украина треба да ѝ ја отстапи на Русија.

Идните предизвици

Сепак и покрај овие тактички предности, далеку сме од крај на воените дејствија, а да не збориме од постигнувањето на еден правичен и долгорочен мир. Русија и понатаму ги бомбардира украинските градови и нивната цивилна инфраструктура. Американската воена помош, во смисла на апарати и муниција во овој момент пристигаат во доволен квантитет, но САД и сојузниците и понатаму поставуваат ограничувања во воената асистенција на Украина, додека невоената помош и натаму мачно се одржува. Секако, тука постои и ризикот дека воената помош ќе се судри со нови бариери во 2025-та година.

Украински војници во рускиот град Суџа
Украински војници во рускиот град Суџа Фотографија: Youtube

Се разбира, тоа што останува и понатаму нејасно е  стратешката цел на украинската офанзива,  како и нивниот капацитет и можноста да го одржат низ времето актуелниот воен напор. Од друга страна, јасно се манифестира еден друг мошне важен меѓународен податок, а тоа е дека и Америка и Германија, како и претходно и Франција и В. Британија сметаат дека Украина има право на самоодбрана, напаѓајќи и во Русија. Со други зборови, оружјето на НАТО по прв пат војува во Русија, како што и за прв пат од почетокот на војната, на воениот терен се наметнува квалитетот и квантитетот на европската испорака на оружје.  Берлин, Париз и Варшава учестуваат со огромна количина на воени материјали во борбите против Русија, потврдувајќи ја како исправна европската одлука да се зголемат воените материјали и воената помош за Украина. Но, тоа што е најважно во овој момент е дека за САД и за Европа фронтот е еден единствен, односно, дека кој и да започне војна на агресија против една соседна земја, автоматски ја трансформира својата територија во воена зона.

Ова е значителна промена во принципите на главните сојузници на Киев. Општото убедување е дека Путин мора да се принуди на преговори, не со зборови, туку со конкретни дела и чекори. Тоа значи дека Украина, која повеќе од 2 години е мета на систематско уништување има право да се одбрани напаѓајќи ја Русија. Стравовите од можна руска ескалација денеска се суштински редимензионирани, имајќи предвид дека Москва не е во состојба ни да одржи една војна на исцрпување во Донбас. Џо Бајден, еднаш излезен од изборниот синдром и параноја, се чуствува послободен во своите акции, пред евентуалното враќање на Трамп да ги промени картите во игра во Украина. В. Британија на Стармер ја потврдува својата поддршка за Киев, како и Франција на Макрон, додека олимпиското примирје никогаш не се ни случи.

Потезите на Западот

Како и да е, и покрај сите непознаници, видливо е дека Украина успева да ја зајакне својата позиција, а тоа ни кажува и дека Западот во годината што доаѓа, треба да го направи истото.

Тоа значи дека треба и понатаму да се зајакнува воената помош додека во исто време ќе се размислува и за пост-воената реконструкција на Украина. Новиот генерален секретар на НАТО, Марк Руте, треба да продолжи каде што застана неговиот претходник Столтенберг и да креира во рамките на Алијансата перманентен фонд од 100 милијарди долари за воена помош кон Украина. Во исто време треба да започне консултации во Советот НАТО-Украина околу апликацијата на членот 5 и да го покани Киев да пристапи кон НАТО уште од самитот каде домаќин ќе биде Холандија во 2025-та година. 

Канада би требало да го искористи своето претседателство со Г7 со цел постигнување на договор околу правната рамка за присвојување на замрзнатите руски добра, репарациите за штетите од руската агресија и другите воени злосторства. Мировниот самит во Швајцарија треба да инсистира и да остане лојален на принципите на ООН околу почитувањето на територијалниот суверенитет и интегритет на Украина.

Европа од своја страна треба да даде приоритет на пристапните преговите за влез на Киев околу темите поврзани со енергетиката и владеењето на правото, како стратешка димензија која би ја поврзало Украина со ЕУ и би поставило основа за европските фирми да можат подлабоко да се заложат во Украина.

Со други зборови, време е да се престане од стравувањето од руска ескалација, кога во реалноста повеќе треба да не загрижува евентуална руска победа како последица на војна на исцрпување. Односно, може и да се почне да се размислува дека можеби времето не игра баш во полза на Русија и дека кога Украина од една незавидна позиција успева да ја подобри својата позиција, дека тоа може и мора да го направи и Западот.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема