Израел се заканува: Oфанзива во Рафах на почеток на Рамазан
19 февруари 2024Израелскиот министер за одбрана Бени Ганц се закани со можен старт на планираната офанзива во Рафах на почетокот на исламскиот месец на постот, Рамазан. „Светот и раководството на Хамас треба да знаат: доколку израелските заложници до Рамазан не се вратат дома, борбите ќе продолжат насекаде, па и во регионот Рафах“, изјави во неделата во Ерусалим поранешниот армиски шеф, кој сега припаѓа на кризниот кабинет на премиерот Бенјамин Нетанјаху.
Исламскиот месец на постот Рамазан почнува на 10 март.
„На оние кои тврдат дека цената е превисока, јасно им порачувам: Хамас треба да го изврши изборот. Можат да се предадат, да ги ослободат заложниците и тогаш цивилите во Газа ќе можат да го слават Рамазан“, истакна Ганц.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во неделата повторно ги отфрли барањата за окончување на израелската воена офанзива во Појасот Газа, истакнувајќи дека војската „ќе ја заврши својата работа“. Во неделата Нетанјаху изјави дека оние кои од Израел бараат да се воздржи од офанзивата, во основа бараат неговата земја да ја загуби војната против терористичката организација Хамас. Истовремено, тој порача дека офанзивата во Рафах ќе биде реализирана дури и во случај на постигнување договор со Хамас за ослободување на заложниците.
Во Рафах, на границата со Египет прибежиште од борбите имаат најдено околу 1,4 милиони Палестинци, поради што бројни земји, меѓу кои и израелскиот најблизок сојузник САД, бараат откажување од планираната офанзива. Во египетскиот главен град Каиро во меѓувреме се во тек преговори околу постигнување примирје и ослободување на израелските заложници од рацете на Хамас. Но, преговорите со посредство на САД, Египет и Катар досега не донесоа резултат.
Борците на радикалната исламистичка милиција Хамас на 7 октомври навлегоа во Израел извршувајќи брутални убиства претежно на цивили. Според израелски извори, биле убиени околу 1160 луѓе, а 250 беа земени за заложници и одведени во Газа. По ослободувањето на еден дел од нив, уште 130 се на палестинска територија, а израелски информации велат дека 30 се веќе мртви.
Како реакција на нападот, Израел за своја цел си постави уништување на Хамас. Во масивната воена операција во Појасот Газа според Хамас, чии наводи не можат независно да бидат проверени, досега се убиени повеќе од 28.900 луѓе.