1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Холандска шлаканица за Македонија

20 октомври 2023

Критиката од амбасадорот Дирк Јан Коп дојде во вистинско време кога разочараноста на граѓаните од неисполнетата парола „нема правда-нема мир“ ја доживува својата кулминација. Пишува Соња Крамарска

https://p.dw.com/p/4XmEu
Дирк Јан Коп
Холандскиот амбасадор Дирк Јан КопФотографија: Petr Stojanovski/DW

Македонија доби звучна шлаканица од Холандија која ги надмина сите досегашни критики на ЕУ кон претходните влади. Холандскиот амбасадор ги извади дипломатските ракавици и отворено ѝ порача на Македонија: „Што правите вие, освен што натрупувате изговори за исполнување на барањата за членство. Зошто вие не ги завршивте своите реформи пред 15 години како и овие други земји? Слушам дека Европската Унија е виновна дека членството е заедничка одговорност и дека ние премногу ве оставаме да чекате. Вистината е дека членството е ваша одговорност и вие нас нѐ оставате да ве чекаме премногу. По децении огромна поддршка, каде отидоа парите на нашите даночни обврзници? 

Оваа несомнено испровоцирана изјава од најновиот развој на настаните изненади многумина. Очекувањата беа дека Европската унија ќе затвора очи пред слабоста на владините политики со цел да не го бранува морето и да бидат испорачани уставните измени. Меѓутоа очигледно е дека состојбите отидоа предалеку дури и за вкусот на европските бирократи кои гледаа поголем интерес во приближувањето на Западен Балкан до Унијата отколку до суштински промени во владеењето на Балканот. 

Во случајот со Македонија, чашата ја прели застарувањето на судскиот процес против актерите на масовното прислушување кое се случи во време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ и Груевски. До застарувањето, пак, дојде поради измените на Кривичниот законик за кои и самата власт, меѓу редови, потврдува дека се донесени со цел да се ослободат некои затвореници со звучни имиња, како и да се превенираат можни кривични прогони против протагонисти на сегашната влада кога ќе премине во опозиција.

Претседател РСМ Стево Пендаровски
Претседателот Пендаровски смета дека Груевски и Јанкулоска не требало да бидат осудени за „мерцедесот“Фотографија: Präsidentenbüro Nordmazedonien

Претседателот Стево Пендаровски, намерно или ненамерно отиде и чекор подалеку инсинуирајќи дека Груевски, Јанкулоска и нејзиниот помошник во МВР не требало да бидат осудени за „мерцедесот“.

„Еве го ‘мерцедесот на Груевски' по еден од тие ставови во Кривичниот законик. Вели прибавил имотна корист за себе, го оштетил буџетот или оштетил некој трет. Како е оштетен буџетот со возило кое се купува од безбедносни резони и не треба втор понудувач и ден денеска е во употреба. Како прибавил имотна корист за себе Груевски или Гордана Јанкулоска, а ден денеска го возиме кога ќе дојде некој претседател или премиер“, рече тој со што индиректно даде крила на тврдењата дека власта со овие измени се додворува на опозицијата но и мисли на себе кога ќе биде опозиција.

Да се потсетиме на 2015 

Ова е само мал сегмент, но сосема доволен да го вклучи алармот на меѓународната заедница која ја набљудува Македонија на нејзиниот пат до ЕУ. Ако првите реакции на измените на Кривичниот законик им беа меки (САД никогаш јасно не го осудија овој чекор, а ЕУ изразија само загриженост), сега ситуацијата е сменета. Веста дека нема одговорност за најголемиот криминал направен за време на владеењето на претходната влада и кој беше носечки аргумент пред светот дека оваа влада е криминална и опасна за демократските процеси, го промени односот кон актуелните власти во Македонија а таа промена се почувствува во настапот на холандскиот амбасадор.

Некои можеби се обидуваат да го заборават масовното прислушување и да го архивираат како уште едно оружје во војната за власт меѓу двете крајно поларизирани партии, меѓутоа да потсетиме дека проблемот беше далеку посериозен. На 26 февруари 2015 година Жан Клод Јункер – тогашниот претседател на Европската комисија нервозно ќе одмавне со раката. „Не сакам да се сретнам со Груевски. Откажете ја средбата. Немаме што да си кажеме веќе“. Десет дена претходно на 16 февруари таа година Јоханес Хан како прв човек за проширување итно ќе се качи во авионот по првите објавени прислушувани разговори нудејќи му на Скопје медијаторство за излез од кризата. Весникот „Гардијан" во опширен текст цитираше изјава на тогашниот известувач на Европскиот парламент Иво Вајгл кој велеше дека „мора да и се помогне на Македонија“. „Њујорк Тајмс" прецизираше дека се работи за 670 илјади прислушувани и снимени разговори. Европската федерација на новинари посочи дека се прислушувани околу 100 новинари и изрази загриженост за опстанокот на новинарството и европската иднина на државата.  

Сашо Мијалков Никола Груевски
Сашо Мијалков и Никола ГруевскиФотографија: DW/P. Stojanov

Ова навраќање на настаните со прислушувањето треба да ни служи како потсетник колкава е штетата од измените на Кривичниот законик, кои овозможија ова најголемо современо злосторство против човековите права и слободи да остане неказнето и со тоа да се остави простор да биде повторено од други сегашни или идни моќници. Холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп вели дека правдата треба да се изврши дури и небото да пропаѓа. Но кај нас неправдата царува дури и небото да пропаѓа. Тој рече и дека правдата мора да се изврши без оглед на цената, но вистината е дека во Македонија оние кои треба да ја спроведуваат правдата имаат цена, а извршителите на кривични дела ја плаќаат и на тој начин си ја купуваат слободата на сметка на продадената правда. 

Триумф на неправдата над правдата 

Така, денес наместо Македонија да го затвори поглавјето со прислушувањето со судска пресуда, ние се тешиме со вицеви за човекот кој беше во центарот на оваа афера и кој како врв на цинизмот неколку дена пред запирањето на кривичниот процес направи спектакуларна приватна веселба на која освен што го покажа своето богатство, му покажа и среден прст на македонскиот систем, судството, општеството и меѓународната заедница. И на САД кои го ставија на фамозната црна листа. 

Овој триумф на неправдата над правдата е невозможен без државно спонзорство, без оглед што Владата се обидува вината да ја префрли на бавното судство. Кое, не го реформираше и покрај неколкуте прогласени процеси на реформа кои завршија со уште поголема партизација и политичко-судска интеракција на сите нивоа.  

Дали холандскиот амбасадор ќе остане осамен во критиките или тие ќе бидат засилени во идните денови, ќе видиме веќе при најавената посета на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. Но она што можеше да се види во Тирана беше дека зборот „реформи“ повторно се враќа во пораките на ЕУ функционерите кон Македонија. Тоа е поразително за нашите ЕУ интеграции бидејќи во изминатиот период земјава беше посочувана и дома и во Брисел како земја со висока подготвеност за преговорите. Ваквата промена во комуникацијата покажува дека или Унијата го врти курсот во однос на Македонија или преовладале оцени и ставови дека во земјава надвладеале силите кои се противат на уставните промени и Брисел бара излезна стратегија за да спречи нов бран на евроскептицизам. 

Владата на Ковачевски сѐ до овој момент се сметаше за галениче на Брисел, во очекување поддршката да биде возвратена со уставни измени кои ќе овозможат продолжување на Македонија на европскиот пат. Холандскиот амбасадор е несомнено првиот кој отворено проговори за состојбите во државата како што се организираниот криминал, корупцијата, непотизмот и партизацијата на сите пори од општеството со што до темел ја разниша владината пропаганда дека прави реформи и дека ја води државата кон ЕУ. Критиката дојде во вистинско време кога разочараноста на граѓаните од неисполнетата парола „нема правда-нема мир“ ја доживува својата кулминација и води кон многу неодговорени прашања за тоа што се случува зад завесата на наводната проевропска политика што Владата ја претставува како свој главен адут. 

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

 

Соња Крамарска
Соња Крамарска Уредник, новинар и политички аналитичар
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема